Со неговото денешно давање одбрана случајот „Софтвери“ влегува во завршница. Другите обвинети нема да даваат искази, па до пресудата останува уште да се изведат дополнителните докази што ќе ги предложат странките, како и да се дадат завршните зборови од Обвинителството, обвинетите и нивните адвокати
Сигурно имам некој прекар, но Перо сè уште не. Ниту Перо ниту Перо 078, рече денеска во судница поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски на рочиште за случајот „Софтвери“ каде што е првообвинет.
Ваквиот одговор тој го даде на прашање на неговиот адвокат „дали некој го нарекувал Перо“, со што алудираше на пораките од електронска комуникација меѓу обвинетите кои на едно од претходните рочишта ги читаше обвинителката Ивана Трајчева. Тогаш таа ги презентираше пораките од апликацијата Вибер од телефонот на обвинетиот Даниел Станчев, сопственик на „Инвока груп“, а во кои рече дека Рашковски бил запишан под псевдонимот Перо 078.
На прашање на адвокатот од каде тогаш е запишан така, Рашковски рече дека немал телефонски број со префикс 078 и рече дека токму затоа барал околу вештачењето да дојде да сведочи вработена во МВР.
Адвокатот го праша и дали сака да каже дека Обвинителството за гонење организиран криминал менувало СИМ-картички и монтирало разговори, но обвинителката Маја Коневска приговараше дека не е достоинствено да се поставува прашање од ваков вид, по што судот го забрани прашањето.
За хонорарците ангажирани во Генералниот секретаријат, кои сега се обвинети, тој тврдеше дека не е точно оти не работеле, а земале пари.
На крајот од неговото давање одбрана во судница, Рашковски одговараше на прашањата на обвинителката Маја Коневска која прашуваше дали имал писмено одобрение од Владата за набавка на софтверот, дали имал писмена трага односно нотификација за имплементација, известување до Владата дека се направени набавки кои се дел од обвинението итн.
Рашковски, меѓу другото, рече дека одобрение има со тоа што било одобрено барањето за годишниот буџет на Генералниот секретаријат во кое било наведени плановите за што ќе се трошат пари, и тоа, како што посочи, било одобрено од Министерството за финансии, потоа од Владата, а на крај државниот буџет бил изгласан и од Собранието.
Во изјава за медиумите, пак, тој забележа зошто обвинителката која го водеше овој предмет, Ивана Трајчева, денеска не се појавила на рочиште за да му постави директно прашања туку била испратена заменска обвинителка, Маја Коневска.
„Требаше да дојде денес, независно, можеби е оправдано отсутна, меѓутоа да имате на тацна да го испрашувате првоосомничениот, а да не дојдете, по мене е малку е нелогично“,
изјави Рашковски.
Тој и пред новинарите во кратки црти го потенцира тоа што претходно го сведочеше за тендерите и набавката на софтверите, меѓу кои и тој за мерење просечна брзина на возилата и определување сообраќајни прекршоци и тврдеше дека нема ништо незаконско, а ако се завршел проектот до крај денеска ќе сме имале многу помалку жртви во сообраќајот.
„Не сакам да звучи морбидно, меѓутоа многу од сообраќајките за кои се изнаслушавме деновиве, да дозволеше Обвинителството целиот процес да го истераме и да не тераше ништо на сила, со цел да задоволи нечие его, досега тој систем ќе беше во многу понапредна фаза на реализација”,
рече Рашковски пред новинарските екипи.
Со неговото давање одбрана денеска случајот „Софтвери“ влегува во завршница. Другите обвинети нема да даваат искази, па до пресудата останува уште да се изведат дополнителните докази што ќе ги предложат странките, како и да се дадат завршните зборови од Обвинителството, обвинетите и нивните адвокати.
Следното судско рочиште е закажано за 30 март годинава.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март 2021 година објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала, ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Предметот што го отвори Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција потоа се прошири и по завршување на истрагата беше поднесено обвинение кое опфаќа четири набавки, и тоа на: систем за биометриска идентификација; софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни; ANPR-камери за препознавање регистарски таблички за возила; и на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички.
Покрај тендерите, дел од обвинението за предметот е и исплата на хонорари.
Рашковски како првообвинет се гони за делата злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. Со него се обвинети уште шест лица поврзани со фирмата „Инвока“ од која бил купен софтверот за сообраќајни прекршоци, но и лица кои биле соработници, а некои од нив и хонорарци во Владата: Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјановска.