Иако Алтернатива одлучи да оди во опозиција, нејзините министри и заменик-министри не си поднесоа оставка, а тоа не го направиле бидејќи, како што рече пратеничката, немаат ниту една одговорност, но и не сакаат да му ја олеснат работата на Ковачевски

Да ти е жал со кого си соработувал до вчера, рече пратеничката Сафије Садики-Шаини од Алтернатива на собраниската седница за реконструкција на Владата, на која се предлага разрешување на тројца министри и заменик-министри од оваа партија, како и влегување на нови кадри од редовите на Алијанса за Албанците.
Пред една година, рече пратеничката, со гласовите на Алтернатива се стабилизираше Владата и Димитар Ковачевски стана премиер, а Северна Македонија и Албанија ги отворија преговорите со ЕУ. Тогаш, рече таа, Алијанса за Албанците рече дека ова е политичка перверзност, па оттука праша, што е ова денеска?
„Ние со тогашниот претседател на СДСМ (Зоран Заев) потпишавме и објавивме еден политички договор како и еден кадровски договор, кој беше прифатен и од сегашниот премиер. Точките од тој договор се исполнија од наша страна. За жал, другата страна, СДСМ, не го имплементираше ниту политичкиот ниту кадровскиот договор и на крајот едноставно го прекршија договорот внесувајќи во мнозинството друга партија која во времето кога ние станавме дел од Владата, ваквиот чекор го нарекоа политичка перверзност. Сега како се дефинира влезот на Алијанса?“,
рече Садики-Шаини.
Ова кршење на договорот, оцени таа, зборува лошо за СДСМ, но и за една земја која се стреми кон европски вредност.
„Ако СДСМ сака европски стандард да е придржување до договорот, ова е многу лошо. Да ве потсетам дека довчерашните партнери ја поминаа и последната етичка линија и не сакаа да го почекаат и нашиот последен чекор. Да ти е жал со кого си соработувал до вчера“,
рече пратеничката.
Таа го прозва премиерот зошто не дал ниту една причина за разрешување на министрите од Алтернатива, а на колегите пратеници им рече да расудуваат правилно и да не бидат изманипулирани за спас на кариерите на двајца функционери – премиерот Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер Артан Груби.
Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека премиероот лицемерно се обидел одговорноста за немањето лек за цистична фиброза да ја префрли само на министерот за здравство Беким Сали, за кого сега Ковачевски предлага разрешување, а не побарал одговорност од министерот за образование Јетон Шаќири од ДУИ затоа што учениците немаат учебници цела година.
„Ковачевски самиот е сведок преку своите деца и сите родители сме сведоци дека сите ученици во сите градови немаат учебници. Зборуваме за Европа, а сме единствена држава во Европа без учебници. Премиерот нема смелост да спомне за овој проблем, уште помалку да побара одговорност од министерот од ДУИ. Тоа е така затоа што уште следниот ден нема да биде премиер. Кој не ги познава СДСМ и ДУИ, скапо ги плаќа. Вие ја потврдивте тезата“,
рече Милошоски реплицирајќи ѝ на Садики-Шаини.
Иако Алтернатива одлучи да оди во опозиција, нејзините министри и заменик-министри не си поднесоа оставка, а тоа не го направиле бидејќи, како што рече пратеничката, немаат ниту една одговорност, но и не сакаат да му ја олеснат работата на Ковачевски.
Кадрите на Алтернатива, рече Садики-Шаини, немаа ниту една корупциска афера во изминатата една година владеење, а зад себе оставаат десетици успешни проекти.
Седницата за реконструкција на Владата заврши попладнево во 18 часот. Сè уште се дебатира по првата точка, а тоа е разрешување на тројца министри. По ова, дел од дневниот ред се и разрешување на заменик-министри, како и именување нови министри и заменици.
Продолжението на седницата е закажано за утре напладне.
Алтернатива во Владата е застапена со тројца министри и тројца заменик-министри. По договорот за влез на Алијанса за Албанците во владината коалиција, премиерот Ковачевски предложи разрешување на кадрите на Алтернатива и тоа на министрите за здравство – Беким Сали, за информатичко општество и администрација – Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, како и замениците за земјоделство – Абдулшуќур Абедини и за образование и наука – Лулзим Алиу.

Единствено не се бара разрешување на заменик-министерот за култура, Даим Лучи, кој исто така беше предлог на Алтернатива.
Од друга, страна, пак, на списокот за разрешувања е и заменик-министерот за одбрана Башким Хасани кој е дел од „огнената група“ во ДУИ.
Претходно, пак, Собранието ги констатираше оставките на оние кои сами се повлекоа, а беа предлози на СДСМ и ДУИ: министрите за правда Никола Тупанчески (СДСМ) и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини (ДУИ), како и за заменик-министрите за правда Агим Нухиу (ДУИ) и за здравство Владимир Рендевски (СДСМ).
Според договорот кој беше постигнат во новата владина коалиција, новите кадровски решенија во Владата ќе бидат:
- Кренар Лога (Алијанса) – министер за правда;
- Фатмир Меџити (Алијанса) – министер за здравство;
- Азир Алиу (Алијанса) – министер за информатичко општество и администрација;
- Каја Шукова (СДСМ) – министерка за животна средина и просторно планирање;
- Тирон Јајага (Алијанса) – заменик-министер за одбрана;
- Вјолца Бериша (Алијанса) – заменик-министерка за земјоделство;
- Викторија Аврамовска-Мандиќ (СДСМ) – заменик-министерка за правда;
- Маја Манолева (СДСМ) – заменик-министерка за здравство;
- Агим Нухиу (ДУИ) – заменик-министер за образование и наука.