Арслани како виш јавен обвинител во Гостивар работеше од ноември 2008 до август 2020 година, кога беше избран за член на Советот на јавни обвинители. Сега повторно ќе се врати во гостиварското ВЈО, но како шеф на местото на Ислам Абази, кој минатиот месец седна во шефовското столче во ОЈО ГОКК
Освен изборот на Арслани, членовите на Советот на јавни обвинители денеска му дадоа доверба за уште еден мандат на Мустафа Хајрулахи на чело на Вишото обвинителство во Скопје, а избраа и шефици на четири основни обвинителства во земјава

Членовите на Советот на јавни обвинители денеска го избраа Фарик Арслани за нов шеф на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Гостивар. Тој на функцијата ќе го наследи Ислам Абази кој минатиот месец се пресели на позицијата прв човек на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) откако беше избран на 7 ноември на непосредните избори.
Новиот шеф на гостиварското ВЈО, Фарик Арслани, до почетокот на ноември беше член на Советот на јавни обвинителни. Во пресрет на изборот, самиот си понесе оставка од членувањето во ова тело, а неговите колеги на седница на 11 ноември 2021 ја констатираа оставка.
Денеска со седум гласа „за“ тие го избраа на новата функција. Против немаше ниту еден, а воздржан беше само Влатко Георгиевски.
Во конкуренција беа актуелната виша обвинителка во Гостивар, Деса Пауновска, и гостиварската обвинителка Душица Димитриеска, која досега беше в.д. шефица на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар.
Пауновска доби четири гласа „за“, три „воздржани“ и еден „против“. Димитриевска, пак, доби по два „воздржани“ и „за“, а четири „против“. Оваа обвинителка, на истата седница денеска, беше избрана за шефица на Основното јавно обвинителство Гостивар.
Дел од членовите на Советот кои се јавија за дискусија сметаа дека сите тројца кандидати се добри, но рекоа дека претпочитаат да му се даде шанса на некој што веќе работи во ВЈО Гостивар бидејќи ги познава состојбите, во случајот Пауновска и Арслани.
„Тројцата кандидати се искусни и изградени со долгогодишно искуство. Но, сметам дека треба предност треба да се даде на обвинителите кои се во вишо. Пред се затоа што подолг период работеле предмети од надлежност на ова обвинителство”,
рече членката Јанса Жежова.
Иџет Мемети се согласи со неа и рече помеѓу Пауновска и Арслани, сепак, ќе го поддржи Арслани.
Дека треба да се даде шанса на некој што веќе има искуство во ВЈО, се согласи и Коле Штерјев, кој беше третиот и последен од членовите на Советот што се јавија за дискусија.
Кој е Фарик Арслани
Фарик Арслани родум е од гостиварското село Градец. Правосуден испит положил во 2002 година, кога и се вработил како стручен соработник во Основниот суд Гостивар.
Од 2005 до 2008 година, пак, работел како адвокат, а во ноември 2008 беше избран за виш јавен обвинител во Гостивар и таму работеше до август 2020 година кога беше избран за член на Советот на јавни обвинители.
Избор од трет обид
Седницата на чиј дневен ред е и изборот на шеф на ова ВЈО Гостивар досега се одложуваше двапати. Почна на 14 ноември, кога требаше да се изберат шефови и на скопското Вишо обвинителство и на неколку основни обвинителства, но бидејќи, како што официјално објаснија од Советот, доцна стигнале досиејата за кандидатите таа беше прекината и презакажана за денеска.
На второто продолжение кое се одржа на 21 ноември, пак, немаше кворум од осум членови бидејќи републичкиот обвинител Љубомир Јовески, кој е член на Советот по функција, беше на болничко лекување.
Покрај на ВЈО Гостивар, Советот денеска за старо-нов шеф на скопското вишо обвинителство го избра Мустафа Хајрулахи кој беше единствен кандидат откако од трката се повлекоа Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми.
Шефови добија и неколку основни обвинителства. Споменатата Душица Димитриеска за шефица во Гостивар беше избрана во конкуренција на вкупно двајца кандидати. Досегашната в.д. шефица Теута Бедиу-Рамадани, пак, останува на чело на ОЈО Куманово, а во трката имаше уште двајца кандидати. Оливера Нечаковска и Елизабета Мишева-Јорданова, пак, како единствени пријавени ќе ги предводат основните обвинителства во Битола и Кавадарци.