Патот кон ЕУ не се запира со пропаганда кон Артан, ние не сме воз туку незапирлив ураган, и не излегувајте пред него зашто ќе ве оддува, порача лидерот на ДУИ
Првиот вицепремиер во Владата, Артан Груби, кон кого револтот од „огнените“ беше најистакнат изминатиот период во обраќањето порача дека е потребно помирување и обединување, а не поделба, како и дека неговата рака останува подадена, бидејќи, како што посочи „нема ни огорчување, ни лутина“
На големиот партиски митинг на ДУИ во Чаир, во период кога гласни се критиките и револтот од „огнената група“ кон партиските функционери во извршната власт, лидерот Али Ахмети порача дека е горд на кадрите што се токму во Владата.
Во последно време некои се лутат, рече тој, но кај мене нема враќање назад.
„Нашата мисија започна за обединување, да им го дадеме на Албанците тоа што историски го заслужиле, слобода, правда, еднаквост. Јас, Талат Џафери и сите како нас, мора да работиме да го трасираме овој пат и да го направиме просперитетен за новите генерации бидејќи времињата се сменија. Денес се бара образование, квалитет и експерти, па јас сум многу горд на тимот што го има ДУИ во Владата, а оваа гордост се зголемува кога добивам комплименти од меѓународни претставници за тоа колку е добар нашиот имиџ“,
рече Ахмети во говорот, пренесе МИА.
Тој порача и дека треба да се задржат и поддржат тие професионални кадри да ги покажат своите вештини, а не да се задуши ДУИ. Испрати пораки дека е сплотеноста е потребна и дека за тоа сите имаат морална и национална одговорност.
„Не сме воз туку незапирлив ураган“
Зборуваше и за европскиот пат на државата, при што ги повика политичките лидери и политичарите да го остават на страна гневот и сите да се обединат за земјата да стане дел од Европа, бидејќи, како што наведе „членството во ЕУ е најголемата услуга што може да им се направи на албанските семејства за запирање на миграцијата“.
„Патот кон ЕУ не се запира со пропаганда кон Артан, ние не сме воз туку незапирлив ураган, и не излегувајте пред него зашто ќе ве оддува“,
порача Ахмети.
Груби побара помирување: Нема ни огорчување, ни лутина
Првиот вицепремиер во Владата, Артан Груби, кон кого револтот од „огнените“ беше најистакнат изминатиот период, беше еден од говорниците на митингот пред Ахмети. Во обраќањето, тој порача дека е потребно помирување и обединување, а не поделба, како и дека неговата рака останува подадена, бидејќи, како што посочи „нема ни огорчување, ни лутина“.
„Овде сме вечерва затоа што ни треба помирување и обединување, а не поделба. Раката ми останува подадена, затоа што немам огорченост или лутина, научени сме да бидеме заедно затоа што така ни налага времето и овој е вистинскиот момент. Сите заедно ги трасираме патиштата на ДУИ за интересите на нацијата, а не на поединецот, затоа што ДУИ е на сите, а не на неколкумина. Само слабите се плашат од конкуренција. Ништо не започнало и нема да заврши ниту со мене, ниту со некој друг“,
рече Груби.
Османи зборуваше за „топлата рака на Ахмети“
Зборуваше и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој исто како и Груби, ги нема симпатиите на „огнените“. Во говорот тој го величаше Ахмети и му се заблагодари што неодамна го постави токму него за координатор на ДУИ во Чаир.
„Секој жител на Чаир ја почувствувал топлата рака на Али Ахмети, инвестираше во образованието, формирање на кадри кои не прават горди, затоа му благодариме. Активистите од Чаир се лојални на вашите политики, мисии и визионерски политики. Али Ахмети не се грижи за насловите на весниците туку за судбината на Албанците денес и утре“,
рече Османи.
Меѓу говорниците беше и претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој рече дека ДУИ не се занимава со муабети, туку ги спроведува итните барања на граѓаните.
„Мисијата што ја презедовме ќе ја извршиме до крај, бидејќи не се занимаваме со клевети и празни зборови, туку реализираме и спроведуваме“,
рече Џафери.
Џафери, Османи и Груби беа во првиот ред со Ахмети на вечерашниот партиски настан во спортската сала „Шабан Трстена“ во Чаир. Ова беше завршниот настан од низата средби и собири што ги организираше ДУИ изминатиот период. Од „огнената група“, пак, не можеше да се забележи никој.
Оваа група, свој митинг во Чаир, на кој ги критикуваа токму министрите од ДУИ, одржа пред три недели.
Пратеникот Изет Меџити, кој е потпретседател на ДУИ и претседател на огранокот во Чаир, а е меѓу најистурените претставници на „огнената група“, вечерашниот митинг го нарекуваше „собир на артанисти“. Денеска изјави и дека не добил покана, а обвини и дека биле правени притисоци врз вработени во администрацијата за да се појават на настанот.
Груби, пак, вечерва во изјава за Телма ТВ негираше и дека не биле поканет Меџити и дека биле правени притисоци.