„Потребен е дијалог, а Бугарија да ги исполни своите обврски. Македонија нема да прифаќа нови условувања“, велат од партијата
Воедно, очекуваат Бугарија да ги исполни своите обврски, вклучително и почитувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права
Од владејчаката партија ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) и нејзиниот лидер, Венко Филипче, нудат политика на потчинување и еднострани отстапки кон Бугарија, наместо заштита на македонските национални интереси.
Ова следи по вчерашната посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на земјава. Тој на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Христијан Мицкоски рече дека усвојувањето на договорените уставни измени останува клучен услов за формален почеток на пристапните преговори.

Оттаму сметаат дека билатералните прашања меѓу Македонија и Бугарија треба да се решаваат врз основа на реципроцитет, меѓусебно почитување и исполнување на обврските од двете страни.
„Потребен е дијалог, а Бугарија да ги исполни своите обврски. Македонија нема да прифаќа нови условувања“,
се вели во партиското соопштение.
Според партијата, Филипче ја продолжува политиката на поранешните премиери Зоран Заев и Димитар Ковачевски, за која оценуваат дека ја довела државата во ќор-сокак.
„Венко Филипче и СДС повторно ја промовираат истата политика на попуштање и сервилност, која со години ги поткопуваше македонските национални позиции“,
додаваат од владечајката партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека лидерот на СДСМ сè почесто настапува со позиции кои се совпаѓаат со официјалните ставови на Софија, наместо со интересите на македонските граѓани.
„Наместо да бара реципроцитет и почитување на македонските позиции, тој нуди нови отстапки и враќање кон политиките кои граѓаните веќе ги отфрлија“,
додаваат оттаму.
Во партиското соопштение се нагласува дека европската интеграција на државата не смее да биде процес во кој само Македонија ги исполнува обврските, додека другата страна останува без одговорност.
„Националните интереси и идентитет не смеат да бидат предмет на преговори и отстапки. Времето на еднострани отстапки заврши, време е за реципроцитет“,
велат од партијата на власт.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Владата останува посветена на европскиот пат на државата, но нема да прифати уцени, диктати и дополнителни барања кои не се дел од европските критериуми.
„Граѓаните јасно порачаа дека ја поддржуваат европската иднина на државата, но не по цена на нови понижувања, условувања и негирање на националниот идентитет. Европската интеграција не смее да биде процес во кој само Македонија исполнува обврски, додека другата страна останува без одговорност“,
се вели во партиското соопштение.
Воедно, очекуваат Бугарија да ги исполни своите обврски, вклучително и почитувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Од партијата порачуваат дека ќе продолжат достоинствено, одговорно и принципиелно да ги бранат државните и националните интереси и нема да дозволат евроинтегративниот процес да се претвори во средство за нови уцени кон македонскиот народ и држава.
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) вчера соопштија дека претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта при посетата во Скопје директно му порачал на премиерот Христијан Мицкоски оти уставните измени се единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори со Европската Унија.
Според партијата, ова е доказ за нивните предупредувања оти не постојат дополнителни услови или гаранции во евроинтеграцискиот процес.
„ЕУ нема никакви дополнителни услови, нема ниту дополнителни гаранции. Има само еден услов – уставни измени, внесување на малцинствата во Уставот“,
велат од СДСМ.
Оттаму велат дека тврдења на Владата се неточни и претставуваат одвлекување на вниманието, повикувајќи на распишување референдум.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Христијан Мицкоски рече дека усвојувањето на договорените уставни измени останува клучен услов за формален почеток на пристапните преговори.
„Усвојувањето на договорените уставни измени останува единствен начин за формално почнување на пристапните преговори. Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во ЕУ за граѓаните на Северна Македонија, тоа значи Македонците“,
кажа тој.
На новинарско прашање дали е прифатлив предлогот на Владата да се дадат гаранции за државата во форма на заклучоци на Европскиот совет за билатералните теми во процесот на проширување, Кошта рече дека истото што го кажал пред една година, важи и сега, односно дека треба да се испорача она што е договорено.
„Како што кажав и пред една година. Она што е договорено, е договорено. И треба да се испорача она што е договорено и ништо повеќе од она што е договорено. Тоа значи дека она што е договорено во 2022 година треба да се испорача и ништо повеќе од тоа. Освен тоа, се работи за нормалниот процес на проширување, да се отворат и затворат различни поглавја, различни кластери. И преговорите одат чекор по чекор. Тоа е процес што се заснова на заслуги. Тоа е она што го прават и другите земји кандидати“,
рече Кошта.
Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференцијата со Кошта повтори дека Македонија останува цврсто определена кон европскиот пат, но дека не бара привилегии или олеснети правила, туку предвидлив и принципиелен процес во кој реформите и резултатите ќе бидат соодветно вреднувани.
Според него, Владата продолжува со спроведување на реформската агенда и посветено работи на европската интеграција.
