На средбата со крушевчани тој порача дека борбата ќе ја продолжи од нула, како да немало прв круг од изборите

ФОТО: Тим за комуникации „Нашиот претседател – Стево!“
Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и актуелен шеф на државата, Стево Пендаровски, ги негира обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од претседателските избори.
Како што рече, доколку планирал на бојкотира, не би дошол во Крушево, каде што попладнево ја продолжи својата кампања.
На средбата со крушевчани тој порача дека борбата ќе ја продолжи од нула, како да немало прв круг од изборите.
Крушево беше една од двете општини, заедно со Маврово и Ростуша, каде што Пендаровски водеше во првиот круг пред другите кандидати.
„Дали е логично да дојдам јас во Крушево ако мислам да бојкотирам? Јас мислам со сите вас да победам! Кој сака нека бојкотира, ниту сум бојкотирал 2014-та, ни 2019-та, ни 2016-та, ни оваа 2024-та нема да бојкотирам“,
рече Пендаровски.
На противниците од ВМРО-ДПМНЕ им порача дека тие треба да му ја мислат за крајниот резултат од изборите оти „ние сите го знаеме и наместо бојкот ние ќе прославуваме“.
Денеска и лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Димитар Ковачевски, ги отфрли како неточни тврдењата на неговиот политички опонент од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека СДСМ и ДУИ подготвуваат сценарија за бојкот на вториот круг од претседателските избори на 8 мај.
Мицкоски на митингот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“, одржан вчеравечер во Кичево во рамките на карванот за парламентарните избори, повика на масовна излезеност на изборите на 8 мај бидејќи, како што кажа, тоа е одговорот на црните сценарија што ги подготвува власта за да се спаси од изборниот пораз што го навести убедливата победа на нивната кандидатка за шеф на државата, Гордана Силјановска-Давкова, во првиот круг од претседателските избори на 24 април. Излезот, како што посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, власта во гледа го две сценарија – бојкот на изборите и великодушни понуди кон ДУИ за заемна поддршка на изборите.