Тој вели дека не може да се прави процена како измените на КЗ ќе влијаат на сите предмети бидејќи, како што посочи, секој предмет е посебен. Сепак, посочи дека нивната примена е најмногу изразена во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Основното јавно обвинителство Скопје
Јовески е согласен дека измените биле донесени по брза постапка и без Обвинителството или други институции да бидат консултирани, но вели дека тоа е волја на пратениците и во ваков случај ставот на Јавното обвинителство е ирелевантен. Тоа што измените биле донесени на ваков начин, според Јовески, значи дека некој во политиката проценил дека е потребно итно донесување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик
Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески е оптимист дека нема да застарат голем број предмети по измените во Кривичниот законик, кои предизвикаа бура во јавноста. Вели дека Обвинителството во овој момент нема бројка или статистика на колку предмети им се заканува застарување поради измените на КЗ и каква ќе биде судбината на дел од нив.

Во однос на самите измени, ставот на државниот обвинител што тој денеска го сподели во изјава за медиумите е дека тие се донесени во Собранието во законита процедура и дека должност на Обвинителството и на другите правосудни институции е да ги почитуваат.
Инаку, како што веќе ѝ е добро познато и на јавноста, со измените, меѓу другите, беше опфатен членот 353 за делото злоупотреба на службената положба и овластување и членот 354 за злосторничко здружување, за кои со најновите измени на КЗ се намалени казните и воведена е горна граница, што повлекува застарување на добар дел од делата по кои се гонат обвинетите во случаите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).
Јовески е согласен дека измените биле однесени по брза постапка и без Обвинителството и други институции да бидат консултирани, но вели дека тоа е волја на пратениците и во ваков случај ставот на Јавното обвинителство е ирелевантен.
„Обвинителството и сите правосудни институции се должни да ги почитуваат законите што ги носи Собранието. Во делот на донесувањето на овој Закон (за измена и дополнување на Кривичниот законик н.з.) точно е дека се донесе во некоја брза постапка, меѓутоа ние како Обвинителство, и без разлика каков став да имаме, е ирелевантен со оглед дека тоа е волја на пратениците. Знаете, законите ги носат пратениците и овој Закон е донесен во една законита постапка и Обвинителството од влегувањето во сила започна да го применува“,
изјави Јовески во изјава за медиумите по денешната седница на Советот на јавните обвинители.
За проблемите на кои наидуваат обвинителствата по измените, Јовески вели дека се во постојана комуникација со сите обвинителства и онаму каде што има посериозни проблеми Обвинителството ќе заземе заеднички став.
„Ние неколкупати преку службата за информирање ја известувавме јавноста во делот на примената на Законот, што значи таа примена, каде што обвинителствата ќе наидат на определени тешкотии. Ние сме во комуникација со сите обвинителства на дневна основа, пред сè Вишите јавни обвинителства, но исто така и Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Ги согледуваме проблемите кои се јавуваат во примената на овој закон и заедно со вишите јавни обвинители, онаму каде што има посериозни проблеми, ќе заземеме заеднички став“,
рече Јовески.
Примената на измените на КЗ најмногу ги „погаѓа“ ОЈО ГОКК и ОЈО Скопје
Тој вели дека не може да се прави проценка како измените на КЗ ќе влијаат на сите предмети бидејќи, како што посочи, секој предмет е посебен. Сепак, нагласи дека нивната примена најмногу е изразена во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Основното јавно обвинителство Скопје.

„Не може да се групираат предметите. Секој предмет е посебен и оние предмети што се во работа и уште во почетна фаза јавните обвинители ги проучуваат и доколку за одредени прашања во делот на примената на овие законски одредби наидат на тешкотии за тоа го информираат раководителот на Обвинителството. Доколку не може да се изнајде соодветно решение во рамките на Обвинителството, се известува повисокото Јавно обвинителство. И примената на Законот кај овие предмети е најизразена е во Основното јавно обвинителство за гонење организирана криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Основното јавно обвинителство во Скопје“,
изјави шефот на републичкото јавно обвинителство.
За брзината со која беа донесени измените, Јовески вели дека тоа е случај затоа што некој во политиката проценил дека е потребно итно донесување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.
„Владата во постапката на донесување закони, а исто така и Собранието овој закон не го достави на мислење до надлежните институции. Веројатно сметале на итноста на донесувањето на Законот. Како што е познато, тој закон беше донесен во скратена постапка со европско знаме, што значи дека дека некој во политиката проценил дека е потребно итно донесување на тој закон и всушност и така беше донесен. Не само јас, туку и повеќе обвинители имаме одредени забелешки не само во делот на овој закон, туку и во делот на другите закони, но ние како правосудни институции мора да ги применуваме законите. Нашата обврска е да се применуваат законите, а постапката, целта на донесувањето Законот, дали било времето соодветно за донесување, тоа го проценува Парламентот којшто е единствено овластен да ги носи законите“,
вели Јовески.
Тој нагласи дека во овој момент Обвинителството нема бројка или статистика колку предмети ќе застарат поради измените на КЗ и која ќе биде судбината на определени предмети. Кон овие предмети, како што рече Јовески одговарајќи на прашање дали ќе се продолжи со конфискација, Обвинителството ќе се однесува на начин „она што може да се спасува, да се спаси“.
„Во овој момент сите овие прашања обвинителството ги согледува. Не само републичкото обвинителство, туку и пониските обвинителства. Не знам дали е соодветен збор, обвинителството кон овие предмети ќе се однесува така што она што може да се спасува, да се спаси. Ако има основи и ако има докази за изрекување на конфискација, бидете уверени дека обвинителите ќе бараат имотот да биде конфискуван. Уште еднаш нагласувам дека во овој момент ние како Обвинителство немаме бројка, статистика колку предмети од овие ќе застарат, колку предмети ќе се преквалификуваат во друго кривично дело и што ќе стане со натамошната судбина на определени предмети. Повторно нагласувам дека секој предмет поединечно се гледа и дека во секој предмет поединечно се носат одлуките“,
повтори Јовески.
На прашањето какво е расположението кај обвинителите кои некои предмети ги работеле со години, Јовески вели дека во таков случај чувството е непријатно. Сепак, тој е оптимист дека нема да застарат многу предмети, а проблемот кој ќе се јави ќе биде во преквалификацијата на кривичните дела.
„Мислам дека нема да застарат многу предмети, веројатно во определени предмети повеќе ќе се појави проблемот на преквалфикација на кривичното дело од еден став во други. Се разбира, како обвинител непријатно е чувството вие да работите повеќе години на еден предмет, бидејќи за определени предмети навистина станува збор за сложени предмети во кои се обезбедувани докази и со меѓународна правна помош, во определени предмети е вложена голема енергија од страна на обвинителите и сега тие предмети или дејствија треба да се преквалификуваат како полесни кривични дела или, пак, во еден број случаи, мал број, претпоставувам дека ќе биде тие дејствија да застарат. Но, ние и досега имавме кај определени предмети што ги водевме и предмети што ги преземавме од Специјалното јавно обвинителство за определени кривични дела да настапи застареност“,
изјави републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.