Директорката на клиниката, Милена Стевановиќ, вели дека лекот бил веднаш набавен иако се наоѓа многу тешко, бидејќи го има само во земји во кои има голем број лица заразени со оваа болест
Во соработка со Светската здравствена организација (СЗО) и Лекари без граници, Инфективната клиника во Скопје успеа за многу кратко време да добие количина од антивирусниот лек кој би се користел доколку заразената пациентка развие потешка форма на болеста.
„Искрено се надевам дека нема да имаме таква состојба за да го искористиме. Но, ако ни треба и тој лек го имаме. Лекот се дава само во друга ситуација, кога се нема друг избор, при исклучително тешка клиничка слика“,
вели Стевановиќ за МИА.
Нашите доктори имаат искуство со овој лек бидејќи порано се давал во третман на хроничен хепатит Ц, но и бидејќи тој се дава при различни вирусни инфекции.
„Ние некогаш сме го користеле во третман на хроничен хепатит це, одамна, тоа не е лек што е специфичен за конго-кримска, меѓутоа колегите кои лекуваат во светот конго-кримска во ендемски подрачја со голем број на пациенти, го користат некогаш во случај на многу тешка клиничка форма, како опција за третман. Пациентката е стабилна и се следи“,
рече Стевановиќ.
Во соопштение на Инфективната клиника пишува дека по појавата на првиот случај во државава по неколку децении, сите здравствени институции реагираа навремено и координирано.
Вработена на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби (КИБФС) пројавила симптоми на конго-кримска хеморагична треска откако инфекцијата беше детектирана кај 27-годишна жена од Штип, информираа пред два дена од Министерството за здравство. Заразената пациентка пројавила симптоми на деветтиот ден од надзорот и е идентификувана како контакт со среден ризик.
Откако болничарката добила позитивен резултат на испитувањата за конго-кримска хеморагична треска, екипа епидемиолози од Центарот за јавно здравје извршиле епидемиолошки увид и анкети на контакти, по што биле издадени 11 решенија за исто толку лица кои ќе бидат под 14-дневен здравствен надзор. Овој надзор не подразбира класична изолација, туку овие лица ќе треба да се јавуваат и да бидат во постојан контакт со епидемиолозите, но воедно треба да избегнуваат контакт со други лица.
Претседателот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ, вчера информира дека Институтот за јавно здравје веќе дал препораки во однос на тоа што треба да се направи за да се превенира болеста. Според него, од информациите со кои располагаат, првиот случај, односно починатата жена се заразила со директен контакт со крлеж, додека, пак, вториот случај со здравствениот работник најверојатно е преку пренос на контаминирана крв.
Тој рече дека не очекуваат да има повеќе случаи на заразени со конго-кримска хеморагична треска.