Портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ, за МИА изјави дека нема простор за паника и не очекува дека ќе има повеќе случаи со заразени лица со конго-кримска хеморагична треска
Ова доаѓа откако пред неколку дена 27-годишна жена од Штипскиот Регион почина како резултат на болеста, а вчера беше објавено дека болеста е утврдена и кај медицинско лице кое имало контакт со сега починатата девојка
Порптаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ, вели дека Институтот за јавно здравје веќе дал препораки во однос на тоа што треба да се направи за да се превенира болеста, но и кои се симптомите и евентуалните компликации кои може да настанат. Според него, од информациите со кои располагаат, првиот случај, односно починатата жена се заразила со директен контакт со крлеж, додека, пак, вториот случај со здравствениот работник најверојатно е преку пренос на контаминирана крв.
„Не очекуваме да има повеќе случаи, меѓутоа ова не е првпат да се јавува во државава ваков тип на заболување, зборуваме конкретно за конго-кримска хеморагична треска. Дека го имало во минатото – го имало, дека се појавува во регионот – се појавува, дека ќе има вакви инцидентни појавувања – ќе има. Меѓутоа тоа не значи дека сме на раб на избивање на нова епидемија што ќе ги загрози сериозно животот и здравјето“,
вели Мехмедовиќ за МИА.
Од Министерството за здравство вчера информираа дека по потврдување на случај на конго-кримска хеморагична треска кај жена на 27-годишна возраст, вработено лице на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби (КИБФС), идентификувано како контакт со среден ризик, на деветтиот ден од надзорот, пројавило симптоми. Согласно добиените резултати од страна на ЕПИ-одделот на ИЈЗ, бил утврден позитивен случај на конго-кримска хеморагична треска. Оттаму појаснија дека пациентот е хоспитализиран на Клиниката, а Одделот за епидемиологија на заразни болести при Институтот за јавно здравје Скопје, веднаш формирал екипа за теренски увид, „која ги спроведе потребните активности, односно изврши анкетирање на пациентот и ставање под надзор контакти од здравствен ризик со цел спречување од понатамошно ширење на болеста“.
Должината на периодот од заразување до појава на симптоми зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично еден до три дена, со максимум од девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично пет до шест дена, со документирани максимум 14 дена.
„Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, болки во зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Црвени очи, зацрвенето лице, црвено грло и црвени дамки на непцето, се исто така присутни. Може да се јави жолтица, а во потешки случаи, промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат големи делови со модрици, како и крвавење од носот. Закрепнувањето е бавно“,
се додава во соопштението на Министерството за здравство.