Десет лица од потесното семејство на пациентката за која вчера беше потврдено дека е заразена со конго-кримска хеморагична треска и една нејзина колешка од Клиниката за инфективни болести се ставени под 14-дневен карантин, информираа од Државниот санитарен и здравствен инспекторат
Откако болничарката добила позитивен резултат на испитувањата за конго-кримска хеморагична треска, екипа на епидемиолози од Центарот за јавно здравје извршиле епидемиолошки увид и анкети на контакти, по што биле издадени 11 решенија за исто толку лица кои ќе бидат под 14-дневен здравствен надзор. Овој надзор не подразбира класична изолација, туку овие лица ќе треба да се јавуваат и да бидат во постојан контакт со епидемиолозите, но воедно треба да избегнуваат контакт со други лица.
„Треба да ги издржат овие 14 дена да не се прошири оваа зараза и јас се надевам дека ова ќе биде и последниот случај. Што се однесува до претходните 29 контакти, од тие 29 контакти една се потврди како случај, вкупно имаме здравствен надзор, издадено решенија за 40 луѓе“,
рече директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска.
Претходно, претседателот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ, за МИА изјави дека нема простор за паника и не очекува дека ќе има повеќе случаи со заразени лица со конго-кримска хеморагична треска.
Ова доаѓа откако пред неколку дена 27-годишна жена од Штипскиот Регион почина како резултат на болеста.