Пред една деценија бројот на новороденчиња изнесувал околу 23 000, а изминатата година во земјава се родени околу 15 500 бебиња
Изминатата година во земјава се родени околу 15 500 новороденчиња, што укажува на значителен пад на природниот прираст, покажуваат најновите демографски податоци за 2025 година. Ова денеска го истакна проф. д-р Елена Џикова од Клиниката за гинекологија и акушерство и член на Управниот одбор на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), на одбележувањето на Неделата на женското здравје 2026.

Посочи дека пред една деценија бројот на новороденчиња изнесувал околу 23 000, што претставува намалување од приближно 30 отсто во последните десет години.
Според неа, ваквиот тренд треба да претставува аларм за зголемена грижа и системска поддршка за женското репродуктивно и семејно здравје.
„Во услови кога природниот прираст е во значително опаѓање, од особено значење се едукацијата и превенцијата кај жените во сите фази од животот – од школските години, преку репродуктивниот период, па сè до бременоста, кога се најранливи. Редовните прегледи во текот на бременоста се клучни за рано откривање и превенција на компликации“,
рече д-р Џикова.
Современата медицина, како што додаде, нуди можности за рана дијагностика и спречување компликации, со цел заштита на здравјето на мајките и новороденчињата.
„Здравјето на жената е темел на секое општество и на секој дом и семејство, а новородечињата се и надеж за ново утре во нашата држава“,
кажа таа.
Од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) порачаа дека жените треба редовно да одат на превентивни гинеколошки прегледи бидејќи навременото откривање на болестите значи и поголеми шанси за успешно лекување.
Проф. д-р Глигор Тофоски од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје и претседател на МАГО предупреди дека доцното откривање на болестите може значително да ги намали можностите за успешно лекување, дури и со најсовремени медицински методи.
На одбележувањето на Неделата на женското здравје 2026, Тофоски посочи дека годинава особено актуелна тема во светската медицина е полицистичниот оваријален синдром, кој сега се преименува во полиендокрино-метаболичко оваријално заболување.
