„Не можам сега да навлегувам во детали, дали ќе станува збор за ограничување до 18 или до 16 години, дали ќе одиме со забрани или со порегулиран систем, но во секој случај апсолутно е јасно дека на ова поле ни се потребни законски измени, со цел зголемување на безбедноста поврзана со овој тип превозни средства“, изјави денеска министерот за внатрешни работи
Прашан дали во текот на летниот период ќе се зголеми и контролата врз лицата што управуваат мотоцикли, Тошковски кажа дека вистинските моторџии ги почитуваат сообраќајните правила, но за оние што, како што кажа, глумат моторџии, возат без кацига, поминуваат на црвено светло и мислат дека системот „Безбеден град“ нема да ги детектира, министерот за внатрешни работи најави посебен план за постапување, затоа што претставуваат голем ризик во сообраќајот
Потребата од регулирање на управувањето со електричен тротинет во сообраќајот е препознаена и ќе се решава со законски измени, но засега е рано да се каже што ќе опфатат тие и какви ограничувања ќе има.

Сепак, законски измени ќе има, а нив денеска ги најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод официјалната промоција на кампањата за побезбеден сообраќај: „Одговорно со технологијата“ на „А1 Македонија“ и Министерството за внатрешни работи (МВР).
Тошковски рече дека засега не може да каже дали има ограничување на возраста до 16 или до 18 години за оние што ќе можат да управуваат електричен тротинет.
„Ќе ја искористам оваа можност да кажам дека во иднина ќе следуваат законски измени што ќе бидат порестриктивни во оваа област. Не можам сега да навлегувам во детали, дали ќе станува збор за ограничување до 18 или до 16 години, дали ќе одиме со забрани или со порегулиран систем, но во секој случај апсолутно е јасно дека на ова поле ни се потребни законски измени, со цел зголемување на безбедноста поврзана со овој тип превозни средства“,
рече министерот.
Министерот за внатрешни работи, говорејќи на темата, рече дека станува збор за едно од многуте горливи прашања, а за кое разговарал со европските амбасадори во земјава. Во тој контекст посочи дека во моментов европскиот просек на бројот на жртви на лица што загинале управувајќи електричен тротинет е околу 44 на еден милион жители.
„Но, во последниот период таму е констатиран пораст на смртни случаи како последица на несоодветно управување со електрични тротинети, нивно несоодветно вклучување во сообраќајот и нивно несоодветно користење, особено од страна на малолетни лица“,
рече Тошковски.
Во моментов, додаде тој, се прави компаративна анализа и се разгледуваат искуствата на другите држави. Во таа насока ја спомена Грција која, како што кажа, е една од државите кои во последниот период имплементирале порадикални мерки во оваа насока.

Прашан дали во текот на летниот период ќе се зголеми и контролата врз лицата што управуваат мотоцикли, имајќи предвид дека овие превозни средства повеќе се користат во тој период, Тошковски истакна дека вистинските моторџии ги почитуваат сообраќајните правила. Но, за оние што, како што кажа, глумат моторџии, возат без кацига, поминуваат на црвено светло и мислат дека системот „Безбеден град“ нема да ги детектира, министерот за внатрешни работи најави посебен план за постапување, затоа што претставуваат голем ризик во сообраќајот.
„Сакам да кажам дека оние што се вистински моторџии, а такви познавам лично многу, никогаш во град не ги прекршуваат сообраќајните правила. Вистинските моторџии, особено оние што членуваат во мотоорганизации, се и тоа како посветени на почитување на сообраќајните правила бидејќи многу добро знаат какви се последиците кога тие не се почитуваат. Но, за сите оние што глумат моторџии, возат без кацига, со далеку поголема брзина, возат на едно тркало низ град, поминуваат на црвено светло и мислат дека ’Безбеден град’ нема да ги детектира сакам јавно да порачам дека Министерството за внатрешни работи во наредниот период ќе биде особено фокусирано токму на нив, особено во градските средини. Ќе останат и без мотори и без можност да глумат моторџии. За нив се подготвува посебен план за постапување и тие ќе бидат главен таргет, затоа што претставуваат огромен ризик во сообраќајот“,
рече министерот.
