Две од девет пријавени фирми ги исполниле условите на јавниот повик за набавка на респиратори. Ќе се купат 31 респираторна машина и тоа 26 од Јужна Кореја, а 5 од Германија. Цената на еден респиратор е околу 25 000 евра.
Одлуката за избор на понудувачи е објавена на веб-страницата на Министерството за здравство и според неа, двата понудувачи кои ги исполниле условите се фирмите ДТУ “Соникс Анастасија“ ДООЕЛ увоз-изоз Скопје и „Винора“ ДООЕЛ Скопје.

„Соникс Анастасија“ треба да испорача 26 респиратори. Од нив 6 треба да пристигнат за 10 календарски дена, додека за останатите 20 рокот на испорака е 30 дена од склучувањето на договорот. Респираторите се од производителот „Mek-Ics“ од Кореја, а цената на еден респиратор без ДДВ изнесува 1 527 600 денари (околу 24 800 евра).
Преку фирмата „Винора“, пак, треба да се набават 5 респиратори, а рокот на испорака е 30 календарски дена. Производител на овие респиратори е „Дрегер“ од Германија. Цената на овие респиратори е повисока за 9 900 денари во однос на корејските или 1 537 500 денари без ДДВ (околу 25 000 евра).
„Со ова, значајно ќе го дополниме капацитетот на респираторни машини во земјава, пред сѐ во институциите кои се предвидени за лекување на овие пациенти со ковид-19 вирусот“,
рече министерот за здравство, Венко Филипче на попладневната прес-конференција кога соопшти дека е завршена постапката за набавка на овие машини.
Понудите на останатите понудувачи, кои беа отворени минатата недела, се отфрлени, а во образложението на одлуките се наведени и причините за тоа.

На пример, за понудувачот „Aster Impact Incorporated“, пишува дека не доставил целосна документација, меѓу другото, и изјава дека ќе обезбеди стручен технички персонал за инсталирање и одржување на машините, како и за обука на персоналот како функционираат тие.
За фирмите „Комед“, Би-МЕК“, „Кубис Медикал“, пак, пишува дека не го исполниле условот за максималниот рок на испорака на респираторите да не биде подолг од 30 дена од денот на склучување на договорот.
За “Деал – Мед“ е наведено дека не е исполнет условот максималната цена да изнесува 25 000 евра без вклучени дополнителни буџетски давачки.
За „Панаком Група“, исто така, се наведува дека проблематичен е рокот на испорака со оглед на тоа што во понудата било наведено дека „испораката со авион до Скопје ќе зависи од расположливоста на слободните авиони во моментот на испорака“, а за фирмата „БИО Медика“, пак, пишува дека не ги исполнува условите од техничките карактеристики.
Власта и претходно имаше обид за набавка на респиратори, но тој тендер беше поништен бидејќи, како што објаснуваше министерот Венко Филипче, ниту една фирма не го исполнила условот за достава во краток период.