На истата седница на која измените во Законот за работни односи треба да го поминат второто читање, опозициската ВМРО-ДПМНЕ излегла со предлог да се разгледува информација за реализацијата на проектот за модуларните болници, по што опозицијата и владејачкиот СДСМ излегоа со меѓусебни обвинувања
Тензичната атмосфера во Собранието денеска се префрли и во Комисијата за труд и социјална политика, на чиј дневен ред во моментов се законските измени кои предвидуваат дека од 1 октомври недела ќе се прогласи за неработен, односно ден за одмор.
На истата седница, на која измените во Законот за работни односи треба да го поминат второто читање, опозициската ВМРО-ДПМНЕ излегла со предлог да се разгледува информација во врска со реализација на проектот за набавка и пуштање во употреба на модуларните болници, по што опозицијата и владејачкиот СДСМ излегоа со меѓусебни обвинувања.
Се огласи и Министерството за труд и социјална политика (МТСП), прозивајќи ги опозициските пратеници да не прават блокада, еден ден откако ресорната министерка, Јагода Шахпаска, излезе со оптимистичка изјава дека верува оти пратениците заеднички ќе го изгласаат и законското решение ќе стапи на сила од наредниот месец.
„Министерството за труд и социјална политика апелира до пратениците од опозицијата да не ја кочат собраниската процедура за предлог-законот за изменување и дополнување на работните односи, со кој се дефинира дека недела е ден на неделен одмор. За жал, во текот на целиот ден, на Комисијата за труд и социјална политика, поради процедурални забелешки, не беше овозможено да се отвори расправа за предлог-законот, кој работниците го очекуваат и треба да почне да се применува од 1 октомври оваа година“,
апелираа од МТСП.
Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ, пак, освен за блокадите се пожали, на прес-конференција, и за навреди од нејзината колешка Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ.
„Покрај блокадите и одолговлекувањата, денеска членовите на Комисијата сведочат на низок, навредлив и морбиден говор на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи. Наместо аргументации по однос на измените на Законот, Мизрахи денеска цел ден ги навредува пратениците и пратеничките, ги навредува министерките, ги навредува здравствените работници, ги навредува сите кои не мислат како неа. Мизрахи се однесува некрофилски, зборува за гробови и смрт, злоупотребувајќи ја тагата на семејствата на починатите во пожарот во Тетово, злоупотребувајќи ги чувствата на семејствата на починатите од коронавирусот“,
рече Костадиновска-Стојчевска.
Мизрахи, пак, во врска со наводите на СДСМ дека таа ги навредувала, кратко одговори дека „ВМРО-ДПМНЕ е опозиција во недомократска држава во која се обидува да го ослободи народот“. Од прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, излегоа со соопштение за текот на денешната седница на Комисијата за труд и социјална политика.
„Власта се плаши од вистината и не сака да се зборува за околностите поврзани со тетовската трагедија и горењето на модуларната болница. Денес тие го одбија предлогот на пратеничката група на Комисијата за труд и социјална политика да се разгледува информација во врска со реализација на проектот за набавка и пуштање во употреба на модуларните болници. СДС – ДУИ гласаа против предлогот да се разговара отворено за пропустите при поставување и начинот на градба на болниците. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше поттикната да побара расправа, пред сè поради многуте нејаснотии врзани со начинот на градба, немањето на употребна дозвола и сериозните пропусти при градбата на модуларните болници“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во тензична атмосфера вчера помина и седницата на Комисијата за политички систем во Собранието на чиј дневен ред е законот за Академијата за судии и обвинители, за кој и во текот на денешниот ден продолжија препукувањата помеѓу власта и опозицијата.
Денеска залудно беше и закажувањето на 51. пленарна седница, за која стигна известување дека се одложува, без образложение и единствено со посочување дека дополнително ќе има информации за нејзиното одржување.