Неговиот кабинет ги отфрли овие наводи, нарекувајќи ги апсолутна лага, но опозициските партии побараа итна и темелна истрага за тоа што знаел премиерот, кога бил информиран и зошто не презел мерки за заштита на цивилите
Извештајот дополнително го засилува политичкиот притисок врз Нетанјаху пред октомвриските избори бидејќи неговите противници веќе подолго време бараат независна истрага за безбедносните и разузнавачките пропусти што му претходеа на нападот на 7 октомври
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се соочува со жестоки политички критики по извештајот дека претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед, го предупредил неколку дена пред нападот на 7 октомври 2023 година дека Хамас подготвува голема операција, пренесува Си-ен-ен.

Кабинетот на Нетанјаху ги отфрли овие наводи, нарекувајќи ги апсолутна лага, но опозициските партии побараа итна и темелна истрага за тоа што знаел премиерот, кога бил информиран и зошто не презел мерки за заштита на цивилите.
Четворицата лидери на опозицијата – Гади Ајзенкот, Нафтали Бенет, Авигдор Либерман и Јаир Голан – во заедничко соопштение побараа истрага за, како што наведоа, неуспесите и нефункционалноста на Нетанјаху.
Извештајот на „Хаарец“, заснован на сознанија од книга на израелските новинари Шломи Елдар и Рути Јувал, тврди дека претседателот на ОАЕ му се јавил на Нетанјаху десетина дена пред нападот. Разговорот траел околу 45 минути, а Бин Зајед наводно го предупредил дека лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар, подготвува голем потег што може да предизвика крвопролевање и да го дестабилизира регионот.
Според „Хаарец“, Нетанјаху реагирал релативно смирено и уверил дека Израел е подготвен за секое сценарио.
Министерството за надворешни работи на ОАЕ не ги потврди овие наводи, ниту го демантира разговорот, наведувајќи дека не коментира медиумски написи или шпекулации за разговори меѓу државни лидери.
Еден од авторите на извештајот, Елдар, ги отфрли тврдењата на Нетанјаху дека разговорот не се случил. Тој изјави дека поседува документи и записи кои, како што тврди, покажуваат дека претседателот на ОАЕ го контактирал Нетанјаху околу недела и половина пред нападот и го предупредил дека Синвар планира голем напад врз Израел.
Извештајот дополнително го засилува политичкиот притисок врз Нетанјаху пред октомвриските избори. Неговите противници веќе подолго време бараат независна истрага за безбедносните и разузнавачките пропусти што му претходеа на нападот на 7 октомври, во кој беа убиени повеќе од 1 200 луѓе, а над 250 беа киднапирани и однесени во Газа.
Опозицијата сега го користи извештајот како дополнителен аргумент за политичка и институционална одговорност на Нетанјаху.
