„Инвестициите во најраните години од животот и обезбедувањето силен почеток за секое дете имаат повеќекратни придобивки: подобри резултати за децата, поголеми можности за жените и семејствата, намалување на нееднаквостите, посилни компании и развој на човечкиот капитал, кој ѝ е потребен на државата за поотпорна иднина“, вели претставничката на УНИЦЕФ во земјава

Помалку од половина од децата на возраст до шест години во Северна Македонија се опфатени со предучилишно образование, а за да се достигне националната цел од 65 проценти до 2032 година, потребни се континуирани јавни инвестиции за обезбедување дополнителни 19 000 места во градинките. Ова го истакна претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Лесли Милер, на денешниот настан „Ѕвониме за децата“ по повод Светскиот ден на детето – 20 Ноември.
Нагласувајќи дека земјата се соочува со пад на наталитетот и намалување на бројот на деца, Милер оцени дека потенцијалот на секое дете е поважен од кога било и дека најчесто надвор од системот остануваат децата од семејства и заедници во неповолна положба.
„Инвестициите во најраните години од животот и обезбедувањето силен почеток за секое дете имаат повеќекратни придобивки: подобри резултати за децата, поголеми можности за жените и семејствата, намалување на нееднаквостите, посилни компании и развој на човечкиот капитал, кој ѝ е потребен на државата за поотпорна иднина“,
истакна Милер додавајќи дека квалитетот, финансиската достапност и инклузивноста мора да останат во центарот на напорите за проширување на опфатот.
Настанот во Скопје го организираа Канцеларијата на УНИЦЕФ и Македонската берза, a Северна Македонија годинава првпат им се придружи на 25-те земји вклучени во оваа глобална иницијатива на Обединетите нации за улогата на деловниот сектор и инвестициските политики во унапредувањето на детските права.
Главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев, посочи дека пазарите на капитал имаат единствена можност да ги поврзат компаниите и инвеститорите и да придонесат правата на децата да добијат поважно место во деловните одлуки, со што се гради одржлив економски развој.
На настанот се обратија и министрите за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и за образование и наука, Весна Јаневска.
Велковски истакна дека проширувањето на мрежата на градинки во соработка со општините е еден од клучните приоритети на Министерството, посочувајќи ја и новата Програма за рано учење и развој, која се спроведува заедно со УНИЦЕФ и Бирото за развој на образованието.
Министерката Јаневска нагласи дека секое дете заслужува отворено училиште и дека институциите се истрајни во напорите за поквалитетна инклузија, повеќе запишани и помалку испишани ученици. Таа оцени дека грижата за децата ја покажува зрелоста на едно општество и додаде оти образованието не може без семејството, ниту семејството без поддршка од пошироката заедница.
Директорот за човечки ресурси во „Алкалоид“, Петар Петровиќ, зборуваше за улогата на компаниите со нивните политики на работното место насочени кон поддршка на семејствата, како и одговорни деловни практики и инвестициски одлуки што ги земаат предвид правата на децата. Таквата посветеност од компаниите, рече тој, придонесува и за мотивираност и задржување на вработените.
