Од ГОБ „8-ми Септември“ посочуваат дека на местото каде што избувнал огнот нема електрична ниту гасна инсталација

Незначителна материјална штета е предизвикана во денешниот пожар што избувна на терасата на Одделението за ортопедија и трауматологија во ЈЗУ ГОБ „8 Септември“ – Скопје, информираат оттаму и нагласуваат дека сите пациенти и вработени се безбедни и болницата продолжува со редовна работа.
Според информациите од болницата, околу 10:35 часот вработени на првиот кат почувствувале мирис на чад и забележале оган на терасата на вториот кат. По известувањето на раководителот на одделението и тимот за евакуација, персоналот реагирал брзо и координирано, при што сите пациенти од одделението биле превентивно евакуирани и згрижени.
Пожарот бил изгаснат со противпожарната опрема на самата болница, а на терен била повикана и противпожарната служба.
Од ГОБ „8 Септември“ посочуваат дека на местото каде што избувнал огнот нема електрична ниту гасна инсталација. Според првичните сознанија, од болницата велат дека постои веројатност пожарот да бил предизвикан од отпушок од цигара, но точната причина и околностите се утврдуваат.
Денеска од скопската Противпожарна бригада информираа дека пожарот избувнал откако се запалиле инвалидски колички оставени на балканот од болничка соба.
Од Пожарната рекоа дека болничкиот персонал реагирал навреме и ги евакуирал пациентите сместени во собата, како и посетителите што се наоѓале таму во моментот на избувнувањето на пожарот.
