Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, вели дека синдикалната минимална кошничка не покажува со колку пари може да се живее, туку дека не може да се преживее ни со толку

Вредноста на синдикалната минимална кошничка за ноември годинава изнесува 70 827 денари, што претставува зголемување за 469 денари во споредба со претходниот месец, кога изнесуваше 70 358 денари, информираат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Во нивната пресметка се неведува дека доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, потребните месечни средства за покривање на основните животни трошоци во ноември достигнуваат 86 202 денари.
„Трошоците за живот продолжуваат да растат, а платите сѐ потешко ги следат. За работниците, секое ново поскапување значи помалку пари за храна, сметки и основните потреби на семејството. Не е доволно платата да се зголеми на хартија, ако секој месец во продавница работникот може да купи сѐ помалку“,
велат од ССМ.
Најмногу пари на семејствата им биле потребни за храна и пијалаци, и тоа 25 902 денари. Друга голема ставка во домашниот буџет било и образованието и за тоа во ноември се потрошиле 7 192 денари. За облека и обувки едно четиричлено семејство месецов трошело по 6 684 денари, а 6 592 денари за рекреација и култура.
Денеска, пак, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, ја претстави вредноста на потрошувачката кошничка што ја изготвува Владата и таа, како што рече тој, изнесува 59 149 денари, што е за 942 денари или 1,6 отсто повеќе во споредба со септември.
Разликата меѓу двете потрошувачки кошнички, и синдикалната и онаа на Владата, е повеќе од 11 000 денари.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, вели дека синдикалната минимална кошничка не покажува со колку пари може да се живее, туку дека не може да се преживее ни со толку.
„Фасцинантно е како водеа 12 месеци борба против статистичка операција како синдикалната минимална кошница која им покажува дека лошо се живее во Македонија и пресметаа далеку понизок износ дека им е потребен на граѓаните, односно на работниците или на четиричлено семејно домаќинство за живеење по нивните стандарди. Но, фасцинантно е тоа што дури почнаа и на истиот датум да ја објавуваат со цел да елиминираат некакви појави кои тие сметаат дека се недобри за веројатно кредибилитетот или рејтингот на Владата и на власта. Тоа што фасцинира е што нивната е за 1 000 денари повисока во пресметката – вредноста на синдикалната минимална кошница се зголемува за некаде околу 500 денари, што покажува дека дури уште потешко се живее во Македонија според владината пресметка“,
рече Трендафилов во денешното гостување во емисијата „Аргумент плус“ на Телевизија 24.

Според Трендафилов, Владата вложила време, енергија, средства за да пресметуваат статистика, но додава дека од статистика не се живее.
„Да го потрошеа тоа време и таа енергија за зголемување на платите, денеска немаше да има потреба да разговараме за никакви кошници затоа што ќе можевме да си ги дозволиме. Вака работниците и граѓаните не можат ниту тие да си ги дозволат и мислам дека е несериозен ваквиот нивен пристап, а особено знаеме дека еве веќе втора година одбиваат да ја зголемат минималната плата која остана не да тапка во место, туку потонавме, потонавме на дното“,
рече Трендафилов.
