Тој потврдува оти има зголемување на цените, но вели дека граѓаните не ја почувствувале кризата толку многу како што тоа било во европските земји

На владина седница ќе се разговара за евентуално воведување мерки во однос на цените на основните прехранбени производи доколку секторот што е надлежен за овој сегмент достави таков предлог, вели министерот за економија Бесар Дурмиши. Една од мерките, како што додава, би била ограничување на маржите.
Министерот на денешниот брифинг со новинарите рече дека ситуацијата со цените секојдневно се следи и оти постојано се вршат инспекциски контроли на терен.
Според него, доколку вработените во овој сектор имаат предлог и ако се оцени дека треба да се оди со други политики или мерки, со кои ќе им се излезе в пресрет на граѓаните, тогаш тоа како тема ќе биде разгледувано на владина седница.
„Ќе се дискутира и со кој процент да одиме, кој е подобар. Кога тоа ќе биде предлог доставен во Владата, кога ќе се дискутира и кога ќе се одлучи, јавноста ќе биде известена со одлуките што ќе ги преземеме“,
рече министерот.
Со досегашните владини мерки Дурмиши вели дека земјата се соочила многу добро со кризата.
Тој потврдува оти има зголемување на цените, но вели дека граѓаните не ја почувствувале кризата толку многу како што тоа било во европските земји.
„И ова не е внатрешна криза, туку глобална. Имаме две светски војни, кои влијаат врз цените во сите земји, не само во нашата. Македонија, според Меѓународниот монетарен фонд, е меѓу првите три држави во Европа што ги преземаа најдобрите мерки во однос на справувањето со кризата, споредено со бруто-домашен производ по граѓанин. Имаме најевтина цена на горивото и најниска инфлација. Дали се фалиме? Не, ќе работиме и понатаму. Дали имаме зголемување на цените овој месец? Да, имаме, особено кај овошјето и зеленчукот зашто се сезонски производи и нормално дека во овој период секоја година има зголемување“,
кажа Дурмиши.
Министерот најави дека и понатаму ќе се преземаат мерки, кои ќе бидат соодветни, за да им се излезе в пресрет на граѓаните.
