Косињак-Камиш рече дека инцидентите се случиле за време на еден од најголемите руски напади врз Украина од почетокот на војната, додавајќи дека нема извештаи за повредени или штети на инфраструктура

Две руски ракети и дрон паднале на полска територија рано утрово, потврди министерот за одбрана Владислав Косињак-Камиш. Инцидентите се случиле за време на масовен руски напад врз цели во Западна Украина.
Полскиот медиум „Виртуелна Полска“ објави фотографија од кратер со пожар во центарот. Порталот објави дека објектот паднал на поле во селото Нови Липовиец во Југоисточна Полска, на околу 60 километри од украинската граница и на неколку стотини метри од станбени згради. Според медиумот, нема извештаи за повредени.
Министерот Косињак-Камиш на прес-конференција потврди дека руска крстосувачка ракета „Кх-101“ паднала во Нови Липовиец. Тој рече дека станува збор за ист тип ракета што влегла во полскиот воздушен простор и експлодирала во источниот дел од земјата во јули оваа година.
Министерот, исто така, откри дека друга ракета паднала во градот Рудник над Санем, додека објект за кој се верува дека е дрон со млазен погон го погодил селото Молодич.
BREAKING: A Russian Kh-101 cruise missile has struck near the town of Chmielek in eastern Poland. It’s around 45 km from the border with Ukraine. https://t.co/xsW926k2qn
— Visegrád 24 (@visegrad24) November 20, 2026
Двете локации се наоѓаат во Југоисточна Полска, во близина на границата со Украина. Косињак-Камиш рече дека инцидентите се случиле за време на еден од најголемите руски напади врз Украина од почетокот на војната, додавајќи дека нема извештаи за повредени или штети на инфраструктура.
Оперативната команда на полските вооружени сили претходно соопшти дека ги активирала потребните сили како одговор на руските напади врз цели во Украина. Ваквите најави станаа вообичаени во последните месеци, бидејќи Полска редовно ја зголемува својата борбена готовност како одговор на руските напади во близина на нејзините граници.
Премиерот Доналд Туск го потврди нарушувањето на полскиот воздушен простор и рече дека службите за итни случаи и безбедност се на местото на настанот. Подоцна тој се сретна со министрите за безбедност и претставници на воените и безбедносните служби за да разговараат за ситуацијата.
Доналд Туск изјави дека разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и оти се согласиле дека не изгледа како случајност тоа што нападот се случил ноќта пред почетокот на воените вежби.
„Јасно покажува дека претстојните месеци секако ќе донесат големи предизвици за сите нас. Денешниот инцидент покажува, појасно од кога било досега, зошто Полска мора да учествува во одлуките за иднината на Украина,
додаде тој.
Полската влада во последните месеци предупредуваше за разузнавачките информации што укажуваат на веројатност за руски провокации, вклучително и прекршувања на воздушниот простор и границите. Во септември оваа година, руски хеликоптер накратко ја премина границата од руската енклава Калининград, а претходно овој месец Полска објави дека спречила копнена операција во близина на таа граница.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ова бил еден од најголемите напади од почетокот на целосната руска инвазија во 2022 година, при што во Украина загинале најмалку осум лица, а речиси 30 се повредени.
„Русите го проширија овој напад врз многу градови и региони во Украина. Апсолутно сите цели беа обична цивилна инфраструктура – работи што буквално го одржуваат животот на луѓето“,
рече тој.
Зеленски изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се одлучил за овој напад по „слабите средби“ со американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Ѓинпинг, како и по неговиот „неуспешен обид некако повторно да го исцрта светот“.
„Русија се обидува да ја компензира својата воена и дипломатска немоќ токму преку ваков вид терор“,
вели Зеленски.
