Најголемо зголемување на трошоците има кај храната и пијалаците, особено кај зеленчукот и овошјето. Поскапување е забележано и кај домувањето, облеката и обувките, рекреацијата и културата, како и кај електричната енергија, гасот и другите горива
Просечната потрошувачка кошница во октомври изнесувала 59 149 денари, што е за 942 денари или 1,6 отсто повеќе во споредба со септември, соопшти денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

На брифинг со медиумите, Дурмиши информира дека најголемо зголемување на трошоците има кај храната и пијалаците, особено кај зеленчукот и овошјето. Поскапување е забележано и кај домувањето, облеката и обувките, рекреацијата и културата, како и кај електричната енергија, гасот и другите горива.
Посочи дека Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) секојдневно ги следи цените, а засега тие се во рамки на, како што рече, релативна пазарна стабилност.
„Нашата цел е да интервенираме само ако има потреба, односно економска оправданост. Кога ќе бидеме известени од ДПИ дека има девијантно однесување кај трговците, тогаш ќе постапиме“,
изјави Дурмиши.
Осврнувајќи се на инфлацијата, министерот посочи дека месечната стапка во октомври изнесувала 0,4 отсто, додека годишната достигнала 3,3 отсто.
Дурмиши рече дека показателите внимателно се анализираат и оцени дека инфлацијата во земјава е пониска од онаа во еврозоната, за која наведе дека изнесува четири отсто.
„Инфлацијата кај нас треба да биде под три отсто и ќе го достигнеме тоа до крајот на годината“,
рече министерот.
Во однос на минималната плата, Дурмиши информира дека Владата посветено работи на нејзино зголемување.
Просечната потрошувачка кошница за четиричлено домаќинство во септември изнесувала 58 117 денари, што е за 358 денари помалку во однос на август, но за 1 736 денари повеќе споредено со јануари.
