Седум пожари се ставени под контрола, а во текот на вчерашниот ден се регистрирани вкупно 34 пожари
Сѐ уште се активни трите пожари што изминатите неколку дена горат во општините Струга, Македонски Брод и Чучер-Сандево, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во текот на изминатото деноноќие се регистрирани вкупно 34 пожари, од кои седум се ставени под контрола.

Во Општина Струга пожар има кај селата Буринец, Локов, Селце и Елевци, каде што гори нискостеблеста шума.
Во Општина Македонски Брод гори кај селото Белица, односно кај местото викано Кајорец кон селото Брезница.
Во Чучер-Сандево гори кај селото Брест кај местото викано Рамно на Скопска Црна Гора.
Под контрола се ставени пожарите во Македонски брод кај селото Бенче, Во Кичево кај селото Тајмиште и над селото Кнежино, во Гостивар кај селото Печково, во Ново Село кај Стиник, во Карпош кај Бардовци и во Сарај кај Копаница.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вчера предупреди дека опасноста од пожари на отворен простор и понатаму е на високо ниво.
