Посочувајќи дека само во текот на вчерашниот ден биле регистрирани повеќе од 36 пожари, тој упати апел до сите граѓани за максимална внимателност за време на денешниот празничен ден, кога се очекува поголема раздвиженост низ државата

Опасноста од пожари на отворен простор и понатаму е на високо ниво, предупреди директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов. Посочувајќи дека само во текот на вчерашниот ден биле регистрирани повеќе од 36 пожари, тој упати апел до сите граѓани за максимална внимателност за време на денешниот празничен ден, кога се очекува поголема раздвиженост низ државата.
Како што вели Ангелов, во моментов на територијата на Македонија нема алармантни пожари, а активни се неколку жаришта кои интензивно се гаснат.
Се уште е активен пожарот на Скопска Црна Гора кај месноста викана Рамно и на него интервенираат скопските пожарникари со поддршка од тимови на ДЗС. Огнот е длабоко во дол каде што се создава силен чад, но не претставува закана за околните села и објекти.
Покрај овој, се уште е активен е и огнот во струшко-дебарскиот регион кај селата Селце и Локов. Ангелов вели дека пожарот е под делумна контрола по ноќната интервенција на доброволните пожарникари од Битола. Поради големото количество сува вегетација и исечени гранки се создава густ чад, но околните населени места и манастири се безбедни. Доброволците, вели Ангелов, остануваат на терен, а по потреба ќе се ангажираат и воздухоплови.
Кај селото Белица во Општина Македонски Брод, со брза реакција на вработените од ловиштето „Јасен“ и прецизно дејствување на трите „ертрактори“ на ДЗС, спречено е огнот да навлезе во боровата шума. Ангелов вели дека на терен се распоредени дополнителни тимови со „пинцгауери“ и доброволци од Штип, а очекувањата се дека во текот на денот пожарот ќе биде целосно ставен под контрола.
Ангелов истакна дека огромното мнозинство граѓани покажуваат висока одговорност, но предупреди на неодговорните поединци кои предизвикуваат огромна штета. Тој ги повика сите да укажуваат на невнимателното однесување и веднаш да ги пријават оние што намерно подметнуваат пожари.
