Измените предвидуваат дека во оние дејности каде што работниот процес е од таква природа што не може да се прави прекин поради техничко-технолошкиот процес, ден за одмор ќе биде друг ден во неделата
Законските измени што предвидуваат дека недела е неработен ден се во второ читање во собраниска процедура и за денеска е закажана комисиска расправа во Комисијата за труд и социјална политика.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска апелираше до пратениците да ги изгласаат законските измени што предвидуваат дека недела е неработен ден, со цел истите да стапат во сила од 1 октомври.
„Јас апелирам до пратениците затоа што работниците претставуваат нашиот најголем човечки капитал, да се грижиме за да им овозможиме да воспоставиме баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот. Верувам дека заеднички ова законско решение ќе биде изгласано и ќе може да стапи на сила од 1 октомври како што е замислено“,
изјави Шахпаска.
Законот се наоѓа во второ читање во собраниска процедура и за денеска е закажана расправа за поднесените амандмани во Комисијата за труд и социјална политика.
Недела како неработен ден се воведува преку измени во Законот за работни односи, а исклучоци од ова правило е во оние дејности каде не може да се прави прекин на работниот процес. Измените предвидуваат дека во оние дејности каде работниот процес е од таква природа што не може да се прави прекин поради техничко-технолошкиот процес, ден за одмор ќе биде друг ден во неделата. Покрај тоа што ќе може да се искористи слободен ден во наредните седум дена, на работниците кои работеле во недела ќе треба да им се даде и додаток на плата од најмалку 50 проценти за секој час поминат на работа во недела, во случај кога законот или колективниот договор не предвидуваат повисок додаток.