Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Украина е подготвена да се воздржи од напади на руска енергетска инфраструктура. Официјална Москва засега нема потврдено дека е постигнато енергетско примирје со Киев
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнато енергетско примирје меѓу Русија и Украина.

„Од овој момент, во војната меѓу Русија и Украина е во сила енергетско примирје. Двете страни се согласија. Не прекршувајте го!“,
напиша Трамп на својата платформа Трут соушл.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во прв момент изјави дека не е запознаен со најавата на Трамп, но рече дека ако Русија се согласи на примирје, тоа ќе го направи и Украина. Подоцна, во објава на социјалните мрежи, Зеленски рече дека Украина ги поддржува сите вистински и сигурни формати за прекин на огнот и е подготвена да се воздржи од напади на руска енергетска инфраструктура.
„Сметаме на иста подготвеност од Русија. Украина предложи многу деескалаторски чекори, но Путин имаше еден одговор на сите нив – ‘не’. Се надеваме дека конечно ќе каже нешто поинакво, нешто што ќе води до вистински и достоинствен мир. Украина сака мир. Прашањето е дали Русија сака“,
напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Официјална Москва засега нема потврдено дека е постигнато енергетско примирје со Украина.
