Како што наведуваат од Обвинителството, осомничениот 38-годишник, на 21 ноември утрото, на скопската обиколница, кај клучката во близина на Смилковско Езеро, со умисла го лишил од живот оштетениот Един Шкријељ
Основното јавно обвинителство Скопје попладнево соопшти дека донело наредба за спроведување истражна постапка и бара притвор за 38-годишниот скопјанец осомничен за убиството на Един Шкријељ, што се случи пред речиси една недела кај Смилковското Езеро.

Според Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, осомничениот се товари за кривичното дело убиство согласно член 123 став 1 од Кривичниот законик.
Како што наведуваат од Обвинителството, осомничениот 38-годишник, на 21 ноември утрото, на скопската обиколница, кај клучката во близина на Смилковско Езеро, со умисла го лишил од живот оштетениот Един Шкријељ.
Во краткиот опис на случајот, според Обвинителството, на убиството му претходела расправија што се одвивала преку телефонска апликација, по која осомничениот со возилото дошол на наведената локација.
„Се паркирал наспроти возилото кое го управувал Шкријељ, излегле и продолжиле да се расправаат. Во еден момент, осомниениот извадил пиштол и пукал кон оштетениот. Куршумот го погодил во левата нога, во феморалната артерија и поради голема загуба на крв, оштетениот починал на местото на настанот“,
наведуваат од Јавното обвинителство.
По пукањето, осомничениот избегал со автомобилот кон селото Синѓeлиќ, а по пат се ослободил од оружјето.
„Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“,
додаваат од Обвинителството.
За убиството кое се случило на 21 ноември, претходно денеска информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде соопштија дека 38-годишниот скопјанец бил лишен од слобода вчера, по што против него е поднесена кривична пријава по брза постапка за делото убиство.
Од Министерството посочија дека со Б. Ј. бил извршен службен разговор во кој лицето го појаснило начинот на извршување на кривичното дело.
Инаку, во саботата околу шест часот утрото во СВР Скопје било пријавено дека на обиколницата во близина на Смилковци е пронајдено лице без знаци на живот, а во близина на телото било пронајдено и патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кое претходно го управувал убиениот Шкријељ.
