Според Регулаторната комисија, со новата одлука цената за домаќинствата што се снабдуваат преку ЕСМ се зголемува во просек за 7,56 отсто, додека за потрошувачите на „Енерџи еколинк“, што е поранешна топлана „Скопје Север“, корекцијата изнесува 5,84 отсто

Од 1 декември цената на топлинската енергија за домаќинствата во Скопје се зголемува во просек за 7,56 отсто за корисниците што се снабдуваат преку ЕСМ, додека за потрошувачите на „Енерџи еколинк“, што е поранешна топлана „Скопје Север“, корекцијата изнесува 5,84 отсто, соопшти денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
Според Регулаторната комисија, со новата одлука просечната месечна сметка ќе порасне за 188 денари и ќе достигне 2 681 денар.
Од РКЕ наведуваат дека зголемувањето на цената на парното греење е резултат на повисоката цена на природниот гас, предизвикана од геополитичките случувања. Одлуката е донесена по вонредните барања поднесени од сите компании ги снабдуваат потрошувачите со топлинска енергија во главниот град за промена на регулираниот максимален приход и ревидирање на цената утврдена во јули, која се применува од 1 август 2026 година.
Корекцијата на цената на топлинската енергија ги опфаќа домаќинствата што ги снабдуваат „ЕСМ снабдување“, „ЕСМ дистрибуција“, „ЕСМ производство на топлина“ и „ЕСМ енергетика“, како и корисниците на „Енерџи еколинк“. Со парно греење во Скопје се снабдуваат речиси 70 000 потрошувачи.
Зголемувањето на цената на топлинската енергија доаѓа и покрај најавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој пред четири дена рече дека ќе направат сè за струјата и парното да не поскапат.
Претходно претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, рече дека компаниите побарале поскапување од 45 до 50 проценти, но оти е неприфатливо и дека очекува зголемувањето на цената на парното греење да се движи од 6 до 8 проценти.
