Суштинската забелешка на уставните судии е дека ниту во Колективниот договор, кој се применува од 2020 година, ниту во Законот за култура, кој досега претрпе бројни измени, не е утврдена методологија за пресметка на платите. Според ставот на Судот, таа методологија мора да биде поставена како законска основа во самиот Закон за култура, а потоа да се доразработи и продлабочи во колективен договор
Според Уставен, правното дејство на нивната одлука ќе стапи во сила на 1 април следната година. Во период од пет месеци, што останува дотогаш, на Министерството за култура, синдикатите и останатите партнери во социјалниот дијалог им се остава простор да се усогласат и да склучат нов, како што велат, законски издржан колективен договор, додека Собранието, пак, ќе треба да ги донесе соодветните измени и дополнувања на Законот за култура
Во пресрет на одлучувањето на Уставниот суд за Колективниот договор за култура, Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) денеска претпладне одржа протест пред зградата на Судот со симболичен перформанс на „погреб“ на правдата, посмртен марш изведен од блех-оркестар, палење свеќи и транспаренти со натписи „Правда“ и „Права“
Уставниот суд на денешната седница констатира неуставност и донесе одлука за укинување на членот 78-љ од Законот за култура и на Колективниот договор за културата во целина, со одложено правно дејство што ќе стапи во сила од 1 април 2027 година.

Согласно одлуката на Судот, во периодот од безмалку пет месеци до влегувањето во сила на укинувањето, Министерството за култура, синдикатите и останатите партнери во социјалниот дијалог ќе треба да усогласат и да склучат нов, законски издржан колективен договор, додека Собранието ќе треба да ги донесе соодветните измени и дополнувања на Законот за култура.
Нема методологија за пресметка на платите ниту во Законот ниту во договорот, оцени Уставен
Суштинската забелешка на уставните судии е дека ниту во Колективниот договор, кој се применува од 2020 година, ниту во Законот за култура, кој досега претрпе бројни измени, не е утврдена методологија за пресметка на платите. Според ставот на Судот, таа методологија мора да биде поставена како законска основа во самиот Закон за култура, а потоа да се доразработи и продлабочи во колективен договор.
Попладнево на прес-конференција, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, образложи дека мнозинството судии се одлучиле за одложен рок на правниот ефект токму поради свесноста за последиците што би настанале доколку одлуката стапела во сила веднаш по објавувањето во „Службен весник“.
„Мнозинството судии оценија дека е потребно да дадеме одложен рок на правниот ефект на нашата одлука затоа што сме свесни за последиците што ќе настапат доколку донесовме веднаш одлука и веднаш ја објавевме во Службен весник. На овој начин ние, во суштина, оставаме простор од безмалку пет месеци засегнатите страни, значи партнерите во социјалниот дијалог, Министерството за култура, синдикатите да седнат и да работат на нов колективен договор и притоа да ги имаат правните стојалишта од нашата одлука“,
рече Костадиновски.
Осврнувајќи се на денешниот протест на вработените во културата пред зградата на Судот, Костадиновски наведе дека го разбираат револтот и оти се свесни дека уставните судии „не секогаш носат одлуки што некому му се допаѓаат“.
„Но, нашата работа не е да носиме одлуки кои се популарни или допадливи за некого, нашата работа е да го чуваме уставниот систем, состојбата на уставноста дури и некогаш кога последиците од нашите одлуки се, во најмала рака, болни“,
истакна Костадиновски.
Обврска за Собранието и за социјалните партнери
Судијката известител во предметот, Татјана Васиќ-Бозаџиева, посочи дека законодавецот мора да интервенира во укинатиот дел од Законот за култура за да воспостави јасен модел за утврдување на платите.
„Потребно е во Законот за култура да се утврди методологијата за пресметка на платите, она што е, всушност, стандард за службениците односно вработените во јавниот сектор, вклучувајќи ги и културните работници, односно работниците во установите од областа на културата. Па, оттука, нашата одлука се однесува и на обврската на законодавниот дом, како и на понатамошно течење на колективното преговарање, односно социјалниот дијалог меѓу социјалните партнери“,
рече Васиќ-Бозаџиева.

Таа појасни дека е неопходна систематизација на сите работни места и нивно поврзување со степен на сложеност и коефициенти директно во Законот за култура, наместо актуелното решение во членот 78-љ.
„Начинот на којшто сега е поставен членот 78-љ не дава основа и не дава никаква методологија за пресметка на плати. Во цитат кажано, гласи дека основната плата и додатоците на плати на даватели на услуги ги утврдува основачот на установата, а има многу, има безброј основачи на установите од областа на културата, со општ акт, во согласност со прописите од работните односи. Така гласи формулацијата“,
додаде судијката известител.
Васиќ-Бозаџиева потсети дека Судот уште на 8 април годинава донел решение за поведување постапка, што е подолг период од вообичаениот до конечна одлука, со цел засегнатите страни да имаат време да постапат според правните ставови, а со дополнителните пет месеци до 1 април 2027 година им се остава завршен простор да го заокружат колективното преговарање.
Од Синдикатот изразуваат сомнеж дека одлуката е веќе однапред позната, наведувајќи дека и покрај два писмени дописи испратени во мај и во октомври годинава, сè уште не добиле ниту покана ниту одговор од Судот за учество на седницата, иако СКРМ е еден од директните потписници на договорот.
На ова од Уставен суд веднаш одговорија дека предметот во кој се оспорени членот 78-љ од Законот за културата и Колективниот договор за културата е ставен на дневен ред на седница и веќе е во фаза на гласање.
Од Судот наведоа дека се воздржуваат од јавно коментирање на правните аргументи и од какво било прејудицирање на исходот од постапката, најавувајќи дека јавноста ќе биде навремено информирана по донесувањето на одлуката.
Протест на СКРМ пред Уставниот суд и барања за одложување на одлуката
Во пресрет на одлучувањето на Уставниот суд за Колективниот договор за култура, Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) денеска претпладне одржа протест пред зградата на Судот со симболичен перформанс на „погреб“ на правдата, посмртен марш изведен од блех-оркестар, палење свеќи и транспаренти со натписи „Правда“ и „Права“.
Претседателката на СКРМ, Верица Атанасовска, оцени дека е апсурдно работниците да ги бранат стекнатите права пред институцијата што треба да ја чува уставноста. Таа јавно праша зошто Судот одлучува токму сега, во момент кога на претседателот на Уставниот суд и на уште еден судија им завршува мандатот следната недела, додека други предмети – меѓу кои и синдикалната иницијатива за Упатството за пресметка на платите во културата – со години стојат во фиока. Посочи и на споредба со универзитетските професори, наведувајќи дека слични права веќе постојат кај нив и поставувајќи прашање за правната доследност ако тие се доведат во прашање само во културата.
Атанасовска рече дека досегашните трпеливост и пристојност на синдикатот биле погрешно протолкувани како слабост, најавувајќи поотворено дејствување и префрлање на протестите пред Министерството за култура, со порака дека со одлуката уставните судии ќе покажат дали се бранители или „гробари на правата и правдата“.

На протестот се обратија и други претставници на синдикатот. Потпретседателката на СКРМ порача дека на уставните судии „ќе им суди историјата“ доколку им пресудат на работничките права, додека синдикален претставник и актер, во обраќање на македонски и на албански јазик, предупреди дека евентуалното укинување на Колективниот договор би создало опасен преседан за непочитување на договорите во општеството.
Претходно, во средата, СКРМ побара од Уставниот суд да го одложи одлучувањето за уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и пред тоа да одржи јавна расправа на која ќе бидат сослушани сите засегнати страни. Од Синдикатот изразија и сомнеж дека одлуката е веќе однапред позната, наведувајќи дека и покрај два писмени дописи испратени во мај и во октомври годинава, сè уште не добиле ниту покана ниту одговор од Судот за учество на седницата, иако СКРМ е еден од директните потписници на договорот.
На ваквите наводи од Уставен, истиот ден одговорија дека предметот е ставен на дневен ред на седница и веќе е во фаза на гласање, додавајќи дека ќе се воздржат од јавно коментирање на правните аргументи и од какво било прејудицирање на исходот од постапката.
