Според полномошникот на оштетената Сара Георгиеска, Корабоски, како што им било кажано, бил во притворското одделение на судот, но не се појавил во судницата на рочиштето кое е одложено бидејќи неговата одбрана барала иземање на сите обвинители од Основното јавно обвинителство Охрид од случајот, како и на судијката Александра Поп Стефанија, која го води судењето, и на претседателот на Основниот суд во Охрид, Бојан Мартиноски
Адвокатот на оштетената, Ѓоко Шаин, оцени дека ваквите чекори на одбраната имаат за цел да го одолговлечат процесот и да се избегне одговорноста на обвинетиот
Во Основниот суд во Охрид денеска беше одложено првото рочиште од судскиот процес против 31-годишниот охриѓанец Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз неговата 26-годишна девојка Сара Георгиеска. Следното рочиште е закажано за 1 декември.

Иако бил во притворското одделение во рамките на судот, обвинетиот Корабоски денеска не влезе во судницата. По завршувањето на рочиштето, како што пренесоа медиумите присутни во охридскиот суд, судијката образложила дека тој не се појавил за да избегне соочување со жртвата. За разлика од него, Сара Георгиеска дошла во судницата со видливи модринки по лицето.
Инаку, главната расправа не започнала поради низа барања за изземање што ги поднела одбраната на Корабоски. Побарано е изземање на надлежниот јавен обвинител за предметот, како и на сите јавни обвинители од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Охрид. Покрај тоа, одбраната побарала изземање и на судијката Александра Поп Стефанија и судијата Милчо Клишески, како и на претседателот на Основниот суд во Охрид, Бојан Мартиноски.
Барањата за изземање на судијката Александра Поп Стефанија и судијата Милчо Клишески се одбиени, а за барањето за изземање на претседателот на охридскиот суд, Бојан Мартиноски, треба да се произнесе Апелацискиот суд Битола, пренесе МИА.
Барањето за изземање јавен обвинител што го застапува предметот и на останатите обвинители од ОЈО Охрид, според кажаното на рочиштето, било поднесено до обвинителството непосредно пред почетокот на расправата. Во овие околности сè додека повисокиот јавен обвинител не донесе одлука по ова барање, ниту еден обвинител од ОЈО Охрид не може да постапува по предметот.
Адвокатот на оштетената, Ѓоко Шаин, оцени дека ваквите чекори на одбраната имаат за цел да го одолговлечат процесот и да се избегне одговорноста на обвинетиот.
„Мислам дека тоа се прави заради одолговлекување на постапката и избегнување на одговорноста која ја има обвинетиот Кристијан Корабоски. Еве, видовте, не беше присутен во судницата, тој беше присутен во судот, како што нè известија, во притворското одделение. Обвинетиот мора да се појави. На наредното мора да се појави, да биде присутен тука“,
изјави Шаин, пренесе телевизијата Телма.
На прашањето дали оштетената Сара Георгиеска била прашана од судот дали сака да присуствува на рочиштата, нејзиниот полномошник рече дека такво прашање не ѝ било попставено.
„Ние инсистиравме да биде присутна, да ја каже вистината за целокупниот овој настан бидејќи правда мора да има за овој случај“,
наведе адвокатот Шаин.

Инаку, охридското обвинителство го товари Корабоски за три кривични дела во контекст на семејно насилство – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
„При вршење семејно насилство, обвинетиот противправно ја затворил, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ја загрозил сигурноста на една оштетена“,
наведоа од Обвинителството на 16 ноември, кога го поднесоа обвинението против Корабоски.
Насилството, како што информираа истражните органи, се случил претходниот ден – 15 ноември, околу два часот по полноќ. Како што соопштија тогаш од полицијата, вербална расправија меѓу нив започнала во домот на обвинетиот, а потоа продолжила во возило, по што следел физичкиот напад.
Повредената девојка најпрво беше згрижена во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид, а по отпуштањето оттаму, ѝ беа направени дополнителни лекарски прегледи во Скопје. Во текот на постапката обвинителите прибрале медицински извештаи, вештачења за телесните повреди и видеоснимки од случувањата.
На почетокот Корабоски беше пуштен да се брани од слобода со мерки на претпазливост, што предизвика незадоволство и реакции во јавноста. Веќе наредниот ден, на 16 ноември, по појава на нови околности, тој повторно беше лишен од слобода и му беше одреден притвор во траење од 30 дена поради ризик од бегство и можност да го повтори делото.
Паралелно со судскиот процес, внатрешната контрола на МВР проверува дали имало пропусти во работата на полицијата при првичната интервенција. Истовремено, се испитува и евентуална вмешаност на таткото на обвинетиот под сомнение за помагање, за што обвинителството ќе донесе одлука откако заврши со анализата на сите прибрани докази.
Инаку, настанот предизвика бурни реакции во јавноста, а беше повод и за протести организирани од неформалната иницијатива „Ниту една повеќе“, на кои присутните категорично побараа итна институционална одговорност и навремена заштита на жртвите на родово базираното насилство.
