Сега Собранието има рок од триесетина дена за да го донесе повторно Законот за легализација не бесправно изградени објекти, со најмалку 61 глас, или евентуално амандмански да интервенира во членовите за кои Пендаровски има забелешки. Ако Законот биде донесен повторно, Пендаровски би бил обврзан да го потпише
По две години откако ја презеде претседателската функција, Стево Пендаровски го стави првото вето на закон што го донесе Собранието – со солидно мнозинство од 72 гласа, во ситуација кога со месеци наназад во парламентот тешко се обезбедува и кворум од 61 пратеник за носење други регулативи.
Сега Собранието има рок од триесетина дена за да го донесе повторно истиот закон (за легализација не бесправно изградени објекти), со најмалку 61 глас, или евентуално амандмански да интервенира во членовите за кои Пендаровски има забелешки. Ако Законот биде донесен повторно, Пендаровски би бил обврзан да го потпише указот за негово стапување во сила.
Пендаровски, кој во овие две години ја дели извршната власт, со партиите што го поддржаа во 2019 година (коалицијата на СДСМ и ДУИ) првпат се спротивстави на закон зад кој застанаа двете главни владејачки партии, но и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а околу кој се крена голема прашина во јавноста. На законот се спротивставија неколку помали партии од владејачкото мнозинство, кои и писмено побараа од Пендаровски да не го потпишува Законот.
Претседателката и пратеничката на ДОМ Маја Морачанин вели за „360 степени“ дека независно од тоа каква ќе биде повторната одлука на Собранието во врска со овој закон, ветото на претседателот е значаен чекор, кој отвора простор парламентот да го преиспита законското решение што го донесе и да го подобри текстот во членовите што шефот на државата ги посочи за спорни.
„Мошне важно е што се остави простор повторно да се разгледа Законот, кој има дури и спорен наслов, односно претставува своевиден оксиморон, затоа што предвидува да им се даде правен статус на бесправно изградени објекти. Со оглед на тоа што има пратеници кои се мошне критични кон Законот и под притисок на јавноста, верувам дека Собранието ќе смогне сили да го подобри текстот, барем во одредбите на кои посочува Пендаровски“,
вели Морачанин.
Освен пратеници од мнозинството, против законот гласаше и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова, според која не може да се утврди правен статус и легитимитет на нешто што е бесправно изградено.
Претседателот како посебно спорен го издвојува членот 41, оценувајќи дека тој предвидува скриена и нетранспарентна амнестија на лица што веќе се гонат кривично за бесправно градење.
Во случај СДСМ, ДУИ и ВМРО да обезбедат повторно повеќе од 61 глас за донесување на Законот за легализација на бесправно изградени објекти, без да бидат поправени спорните одредби, Пендаровски ќе нема право на ново вето. Во таков случај, следна инстанца би бил Уставниот суд, со оглед на тоа што и Пендаровски смета дека оваа регулатива е спротивна на Уставот. Антикорупциската комисија, пак, најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста на контроверзниот закон.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, коментирајќи ја одлуката на Пендаровски, изјави денеска дека тоа е негово право, но и дека тој во минатото ставил потписи на многу поштетни закони, како за економијата така за граѓаните и за националните интереси. Мицкоски потврди дека за легализацијата на дивоградбите разговарале со лидерот на СДСМ Зоран Заев на последната тет-а-тет средба, бидејќи тоа бил еден од законите за кои опозицијата била обвинета дека го кочи. Тој, сепак, не смета дека власта и опозицијата сложно го изгласале во Собранието.