Претседателот на државата, Стево Пендаровски, не го потпиша Указот на Законот за легализација на дивоградби, бидејќи го оценува како неуставен и спротивен на владеењето на правото и правната држава. Во образложението испратено до претседателот на Собранието, Пендаровски наведува дека Законот ги нарушува темелните вредности и поттикнува на непочитување на законите.
„Фактот дека со овој Закон се легализираат противзаконските постапки на физички и правни лица за бесправно градење, коешто е определено како кривично дело во Кривичниот законик, ги става во нееднаква положба правните субјекти и ја нарушува правната сигурност. Таквата постапка е спротивна со член 9, став 1 од Уставот во којшто е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Дополнително, во член 51, став 2 од Уставот е определено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Убеден сум дека усвоениот Закон не само што ги става граѓаните во нееднаква положба, привилегирајќи ги оние кои не ги почитувале правните прописи на штета на совесните граѓани, кои при градење на објекти постапувале во согласност со важечките прописи, туку, уште повеќе, стимулира непочитување на правните прописи“,
се наведува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.
Според Пендаровски, особено спорен е членот 41 од Законот, кој предвидува скриена и нетранспарентна амнестија на лица што веќе се гонат кривично за бесправно градење.
„Преку вака формулираното законско решение, се врши упад во работата на судовите и се овозможува ‘затскриена’ амнестија за сторители на кривични дела поврзани со бесправно градење и злоупотреба на службената положба. Неспорна е уставната надлежност на Собранието, во согласност со член 68 од Уставот, да дава амнестија. Но, амнестијата, како што налага законодавната пракса, треба да биде дадена со посебен закон за амнестија, а во образложението кон евентуалниот таков закон треба да се образложи општествената оправданост, односно јавниот интерес за давањето на амнестијата. Преодните и завршните одредби на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти не се местото каде што на нетранспарентен начин ќе биде дадена амнестија“,
стои во соопштението.
Пендаровски го оспорува и членот од Законот со кој се предвидува легализација на дивоградби во заштитени подрачја и национални паркови, со образложение дека има прекршување на основната обврска на државата да ја штити животната средина.