Министерот за здравство вели дека за десетина дена ќе се видат првичните резултати од новите мерки за спречување на ширењето на ковид-19
Почнавме со 200 теста, а сега во лабораторијата во Институтот за јавно здравје сега се прават близу 2000, така што капацитетот е зголемен за 10 пати. Свесни за притисокот од претходниот период, од минатата недела се прават за неколку стотици тестови повеќе во главните лаборатории, таму каде што има најголем притисок – Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, дополнително и лабораторијата на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, која се акредитираше за тестирање за ковид- 19.
Ова го изјави министерот Венко Филипче во гостување на Канал 5, нагласувајќи дека ниту еден пациент не бил препратен од јавна во приватна лабораторија. Тој рече дека не може да се запрат граѓаните да прават приватни лабораториски услуги.
„Впрочем и претходно, огромен број на граѓани правеа крвни анализи, крвна слика во приватните лаборатории. Ова е само уште една услуга која сега се наметна и граѓаните едноставно одат и се тестираат во приватните лаборатории. Ниту еден пациент не останал без тест, ниту пак бил препратен од државна во приватна лабораторија. Тоа е многу важно да се знае. Не можеме ниту да ги ограничиме граѓаните, ниту лабораториите да го прават тоа што со години наназад го правеле, сега само како една екстра услуга за ковид тест, а системот наш го надградуваме секојдневно со се повеќе тестови. Ниту еден пациент не останал без тест во јавно-здравствена установа“,
рече Филипче.
За обвинувањата од опозицијата дека здравствените власти не можат да се справат со ковид-кризата, Филипче рече дека од таму не слушнале ниту еден сериозен предлог.
„Сведоци сме, опозоцијата го почнува денот со некоку соопштенија против работата – наша, на Министерството, на Комисијата . Ја разбирам фрустацијата. Сметам дека е тоа поради тоа што и тие се свесни дека кризата добро ја менаџираме. Го ставија системот на колена и сметаа дека ќе крахира, но ние тоа не го дозволивме. Се обидоа уште еден удар да нанесат со тоа што не го потпишаа заемот, па сега ни доцнат ковид-центрите. Тоа што ние ја тераме работата така како што треба, врз основа напринципите на медицинската наука, сметам дека навистина им пречи. Што кажува Вело Марковски – ПЦР тестовите не биле добри, маските биле штетни, немало да има есенски бран… Дали се тоа сериозни препораки, дали се тоа сериозни констатации. Ние од таму не сме слушнале ниту еден конкретен сериозен предлог“,
рече министерот за Венко Филипче.
Очекуваме, рече министерот за здравство, дека за 10 дена ќе ги видиме првични резултати од примената на мерките за заштита кои се во сила, заедно со тие што ги предложивме денеска, но за месец ќе видиме вистински резултати од овие мерки.
Според Филипче, постојните мерки против ковид-19 се добро димензионирани и нема потреба од карантин.
„Еден од најбитните параметри е капацитетот на болниците – дали имаме слободни кревети, лекари и сестри кои можат да дадат здравствана заштита. Согласно нашиот план, ослободуваме се повеќе кревети, функционира системот на ротација. Нема да дозволиме да нема болнички кревет, но нашиот здравствен систем е навистина под голем притисок и во таа смила се сите овие рестрикции кои се на сила“,
вели Филипче и додава дека во овој момент нема потреба од карантин или полициски час.