Инфектологот и член на најтесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ смета дека министерот за здравство нема стратегија за спречување на ширењето на вирусот, дека нема стручна комисија која ќе ги утврди причините за високата смртност, дека се запоставени хроничните болни…
Вело Марковски, познат инфектолог, кој од неодамна е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, денеска се приклучи кон повиците на неговите сопартијци од опозицијата за оствака на министерот за здравство Венко Филипче, набројувајќи 12 аргументи за тоа.
Кои, според Марковски, се причините за оставка на Филипче:
- 1.Се направи стратегија да се спречи ширењето на ковид -19, односно да се сведе на најмногу 2 000 позитивни за цела држава, иако науката од досегашните искуства кажуваше дека не е можно да се спречи ширење на горно-респираторна инфекција, туку само може да се одложи. Притоа, се презедоа драстични мерки, иако епидемиолошката ситуација беше мирна. Се потрошија повеќе од 1.5 милијарда евра, се стопира економијата, образованието, социјалниот и спортскиот живот. Бројката од 2 000 ја достигнавме на 26 мај 2020 година.
- 2.Не се избра модел/стратегија за справување со ковид-19. Со лажно прикажување на позитивните како заболени се направи непроценлива штета на државата, во тек на летото поради ваквите привидни бројки бевме изолирани скоро од сите околни држави.
- 3.Иако никогаш не се прогласи завршување на првиот бран, се дозволија голем број на јавни собири во тек на летото. Во тоа време Комисијата се опушти, не се испланира почетокот на школската година, не се одржа ниеден симпозиум или конференција за изедначување и доктринарни ставови за лекување на болни со ковид-19. Не се изработија релевантни дијагностички протоколи.
- 4.Денес, со околу 28 000 позитивни и 949 починати се бара вина кај народот, кај политичките опоненти, кај стручни лица, кај сите освен кај себе. Нема стручна комисија која ќе утврди дали и зошто имаме висока смртност.
- 5.Направени се над 230 000 ПЦР тестови. Зошто и како некој дозволи тестовите да се движат од 30 до 100 евра, а понекогаш во итни случаи и по 200 евра по тест.
- 6.Не се направи специјално тело/комисија за справување со ковид-19. Во работата на сегашната комисијата не е вклучен ниеден специјалист инфектолог кој работел најмалку 10 години на одделение за респираторни инфекции.
- 7.Водејќи грижа само за болни од ковид-19 ги запоставивме хроничните болни, болните со малигни заболувања, систематските прегледи, превентивните мерки…
- 8.Во период во кој е започната сезона на настинки и други респираторни заболувања се тестира само за ковид -19. Во есенски и зимски месеци, мораме паралелно да тестираме за уште десетина можни причинители на горно респираторни инфекции.
- 9.Ако се грижиме за сите, зошто не се вакцинирани ризичните групи за сезонски грип. Вакцината за грип секогаш на северната хемисвера се спроведува во октомври. Препораките на СЗО беа оваа година да се зголеми бројот на вакцинирани. Кај нас се уште не е почната вакцинацијата и најверојатно се уште нема набавено вакцина. Препораките на СЗО се да се вакцинираат најмалку 75 % од припадниците на ризичните групи.
- 10.Ако се грижиме за кондицијата на здравствениот систем, се грижиме ли за здравствените работници, дали е обезбедена бесплатна вакцина против сезонски грип за сите здравствени работници.
- 11.Комисијата мораше да има предвид и да ѝ предложи на Владата, преку министерот за здравство, набавка на барем 100 000 квалитетни вакцини за сезонски грип уште рано пред летото. Мораше да се предвиди дека поради зголемена набавка на вакцини за грип во светот ќе има недостиг на вакцини.
- Еве како вакцинираат некои од државите. Германија со 83 милиони жители набави 26 милиони дози за сезонски грип. САД помеѓу 194 и 196 милиони дози, значи вакцини за барем половина од сопственото население. Соседна Србија над 500 000 вакцини, значи некаде 6% од населението.