Во новото издание на „360 Степени“ на ТВ Алсат-М (11.5.2018 г.):
– дебата за реконструкцијата на владата, најавена на 22 февруари, која се уште се нема случено,
Гости – Висар Адеми, Џелал Незири и Љупчо Петковски.
– Нова „Саботажа“
Во новото издание на „360 Степени“ на ТВ Алсат-М (11.5.2018 г.):
– дебата за реконструкцијата на владата, најавена на 22 февруари, која се уште се нема случено,
Гости – Висар Адеми, Џелал Незири и Љупчо Петковски.
– Нова „Саботажа“
Отворањето на автопатот од Демир Капија до Смоквица и истовременото реконструирање на старата автопатска делница од Неготино до Демир Капија, донесе многу забуна и нервоза за патниците.
И изминатиот викенд продолжија да стигнуваат поплаки за несоодветно поставени знаци и залутани возила поради што решивме да провериме што се случува на терен.
Впечатокот е дека сега веќе нема проблеми за оние што сакаат да го користат новиот автопат, но има недоумици за оние што сакаат да се исклучат по стариот пат за Валандово и Дојран или кон некое од околните места.
Мај 2017 година. Претходната владејачка гарнитура ги отвори вратите на ПЕТ Центарот – 16 милиони евра вредниот ултрамодерен објект за рано дијагностицирање и лекување рак и други тешки заболувања.
– Тоа е единствен таков објект, таква институција која што има и сопствено производство на радио изотопи, помеѓу Атина и Виена – изјави Никола Груевски кон крајот на Мај минатата година.
– Најсложен здравствен објект изграден во историјата на Република Македонија … вклучително и циклотрон за производство на изотопи, нешто што нема од Атина до Виена, рече поранешниот министер за здравство на отворањето на објектот, Никола Тодоров.
Една година подоцна, тоа е единствениот објект од Атина до Виена, кој може ама речиси и да не произведува изотопи и кој може да има многу а прима едвај по неколку пациенти неделно.
– Таа мала искористеност е веројатно степен на развој на една институција, значи ние сме се уште во таа детска возраст, смета директорката Емилија Јаневиќ – Ивановска.
– Комплетниот капацитет на ПЕТ Центарот во моментот не е искористен. Тоа е премногу за нашата земја. Можеме да го искористиме ако тие материјали ги понудиме на земјите во регионот, вели министерот за здравство Филипче.
Што го кочи и кога целосно ќе проработи најсложениот здравствен објект изграден во земјава?
Ден четврток. Во Центарот за позитронска емисиона томографија или скратено во ПЕТ Центарот, најраздвижено е на вториот кат. Таму е сместена администрацијата. На катот подолу, за дијагностика, е речиси празно. Нема пациенти, бидејќи закажувањето прегледи преку „Мој термин“ е возможно во петок.
Не е ништо поразлично ниту во делот од комплексот кој служи за производство на радио изотопите – скап материјал неопходен за прегледите, кој во регионот може да го произведува само оваа болница.
Без притисок од гужви, персоналот не води во обиколка на апаратите за дијагностика кои просечениот македонски пациент ги видел само на филм.
Томографот е само еден елемент од системот, чија функција е да ја види и открие секоја малигна клетка во телото на еден човек. Прецизноста на апаратот, за многумина ќе ја направи разликата меѓу продолжување на животот и смртта.
Но, личните судбини на овие пациенти не се единственото тажно во македонскиот ПЕТ Центар. И една година од отворањето, објектот произведува изотопи само за сопствени потреби иако, според плановите, требаше да продава во регионот и да прави профит. Втор голем проблем е што прима малку пациенти. Последните два месеца во институцијата се прегледани по околу 100 пациенти месечно, но просекот од целата прва година е далеку понизок, само 50-тина месечно.
– Овој центар има огромен капацитет и би било жално, тој потенцијал што го има, на национално и на регионално ниво, да не биде искористен во поголем процент и ние работиме на тоа паралелно, изјави директорката на ПЕТ центарот.
Но, зошто Центарот не е подобро искористен цели 12 месеци по отворањето? Директорката Емилија Јаневиќ–Ивановска, која е на позицијата од времето кога министер беше Никола Тодоров, оправдување наоѓа во малото искуството, особено за производството и продажба на изотопи.
– Капацитетот можеби не е ниту 10% искористен, меѓутоа па и само една година, ако зборува од перспектива 10-15 години од моментот сега, веројатно таа година дена и тие 10% или сега… не ме држете за бројка, дека условно речено таа мала искористеност е веројатно степен во развој на една институција. Значи, ние сме се уште во таа детска возраст. Еден развоен пат. И во центрите во Европа кога ќе се прави нов центар, па развојниот пат си е развоен пат, ние сега одиме кон адолесценција, ќе видиме, смета Јаневиќ – Ивановска.
Тој развоен пат, според Јаневиќ–Ивановска, меѓу другото, опфаќа тренинг на персоналот, валидација на процесите, воспоставање протоколи. Сега, според директорката, останува да се изоди уште кус пат за Центарот да почне да продава изотопи па и да прима повеќе пациенти. За клучни се сметаат регистрацијата на препратите и зголемување на бројот на вработени во економската и правната служба.
– Малку треба да почнеме дистрибуција во државата, бидејќи ние имаме приватни институции за кои колку што сум информирана купуваат исти изотопи, кои ние ги правиме, од странство. Што значи дека за тоа ни треба многу малку. За другото, ни требаат некои административни постапки што треба да ги решиме, меѓутоа и тоа не е нешто долго, значи не се години во прашање, туку се работи за една заедничка акција која што треба да ја ставиме на хартија и многу брзо да се реализира. Значи, ние за ова и сме разговарале веќе и јас имав состаноци и со директорот на агенција за лекови и министерство за здравство, што значи ова се работи кои мислам дека веќе се, како да кажам, акциски некако. Барем таков впечаток имам, смета првиот човек на ПЕТ центарот.
Во последните месеци ПЕТ Центарот успева да ги прегледа пациентите кои доаѓаат од клиниките за онкологија и за хематологија. Тоа ни го потврди директорот на онкологија, Никола Васев, кој призна дека до неодамна имало застој, бидејќи ПЕТ центарот не може да спроведе тендери поради немање административен персонал.
– Таа мала пауза значи успеавме сега да ја премостиме за месец дена. Сите наши пациенти што беа на листа за чекање се завршени. Значи, немаме сега моментално ниеден пациент што чека. Дури и во Систина вие да сакате приватно да правите или било каде, па се чека. Мислам дека они само во четврток прават и ако полн терминот ќе ви закажат следниот, па следниот, па кога ќе има – објаснува Васев.
Позицијата на д-р Васев не е таква за да ја оцени природата на другите проблеми со кои се соочува ПЕТ Центарот. Но, министерот Венко Филипче е упатен во работите и отворено ги набројува сите недостатоци, некои и неразбирливи, цела една година по стартот на работата на една институција.
– Значи, таму се уште нема доволен број на правници, економисти во нивната правна служба кои можат да ги спроведат сите постапки, јавни набавки, да ја средат целокупната документација за тоа како е преземен ПЕТ Центарот, луѓето коишто ја граделе зградата, ги инсталирале тие апарати, се уште има проблем со гаранциите на апаратите коишто веќе таму се инсталирани, дел од нив се веќе поминати и сето тоа создава проблеми во тековното работење на ПЕТ Центарот. Затоа, од време на време, се соочуваме со недостаток на радиоактивни изотопи, а заради неможност за внес во земјава, за увоз на репроматеријали коишто се користат за производство на тие радиоактивни изотопи, во еден наврат се случи донација од една италијанска компанија, после тоа се направи обид за набавка преку една друга јавна здравствена установа, но тоа не е дефинитивно решение за овој центар. Затоа, ние планираме прием на луѓе кои ќе го екипираат правниот тим на ПЕТ Центарот. Понатаму, доктори и физичари коишто ќе работат во дијагнозата, таму каде што се спроведуваат постапките на нашите пациентите за да тој ПЕТ Центар конечно профункционира како вистинска институција, вели Филипче.
Но, за разлика од директорката на ПЕТ Центарот, која ни изјави дека нема уште многу работа за да може да извезуваат радиоизотопи, министерот Филипче отворено говори за идејата – тој дел од Центарот да го преземе приватен партнер.
– Има други центри во околните земји, во Албанија, во Црна Гора, во Босна и во Србија на коишто комотно би можело да се извезува и тие радиоактивни изотопи да се продаваат. Но, ние немаме капацитет тоа да го постигнеме. Во моментов, немаме кадар, ниту пак имаме маркетинг авторизација за тие пазари. Затоа сметаме дека физибилити студијата, која што сега ќе ја започнеме, ќе ни покаже точно дали тоа треба да го направиме со партнер или пак можеме да го направиме и сами понатаму, кога ПЕТ Центарот ќе го доекипираме, ги сподели плановите со јавноста министерот.
Ниту министерот ниту директорката, сепак, не дадоа подетална временска рамка, освен „наскоро“, за тоа – кога ќе почне извозот и кога ќе се доекипира центарот. Дотогаш, ќе остане најсложениот здравствен објект во историјата на Македонија од 16 милиони евра, единствен од Атина до Виена, кој може многу, но од разни, навидум лесно надминливи причини, прави многу малку.
Министерот за правда го запрел редовното годишно финансирање од државниот буџет за 26 политички партии.
„Државниот завод за ревизија достави предлог … за запирање на исплатата на средства на политичките партии што не доставиле извештај од регистарот на примени донации, годишна сметка или годишен финансиски извештај.“, велат од Министерството за правда.
Министерот Билен Салији ја потпишал одлуката на 25-ти април и по два дена таа е објавена во Службен весник.
„Очигледно е дека таму од каде што треба да почне правната држава, таму прво затајува.“, смета Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнл – Македонија“
Меѓу санкционираните се и партии од владејачката коалиција.
„Проблемот е кај нив и во најмала рака треба да и се извинат на Либерално-демократската партија за бламажата која ни ја прават во јавноста.“, тврди лидерот на ЛДП Горан Милевски.
„Веројатно е настаната грешка, но ова не е мала грешка.“, рече Самка Ибраимоски, претседател на ПЦЕР.
„Генерално и за мене одлуката на министерството за правда е прилично изненадувачка, бидејќи таму како што може да се види има повеќе партии.“, вели Јанко Бачев – претседател на „Единствена Македонија“.
Дали оние од кои се очекува да бидат пример за законско работење се неотчетни или Државниот завод за ревизија бара влакно во јајце?
Секоја година 0,06 отсто од изворните приходи на државниот буџет се издвојуваат за финансирање на политичките партии. За 2018-та тоа се околу еден милион 830 илјади евра. 30 отсто од нив или околу 600 илјади евра се делат на сите партии што освоиле најмалку 1 отсто од гласовите на последните парламентарни избори на ниво на држава или 1 отсто на локалните избори на ниво на општина. Другите 70 отсто или околу еден милион и двесте илјади евра се распределуваат врз основа на бројот на освоени пратеници и советници.
Освоените гласови на избори не се единствениот услов за државно финансирање на партиите. Законот ги обврзува партиите до 31-ви март во тековната година до Државниот завод за ревизија да достават извештај за добиените донации, годишна сметка и годишен финансиски извештај за претходната година.
Најмалку еден од овие три документи навреме не го доставиле 26 политички партии. Тоа го констатирал Државниот завод за ревизија и му предложил на министерот за правда да им го запре редовното финансирање од државниот буџет. На списокот се НСДП на Тито Петковски, ВМРО-Народна партија на Љубчо Георгиевски, Обединети за Македонија на Љубе Бошковски, Сојузот на Ромите на Амди Бајрам, Алијанса за позитивна Македонија, Унитети, ПДП, Левица и други.
Лидерот на Либерално-демократската партија, која е опфатена со одлуката, тврди дека ги доставиле сите извештаи, освен регистар за донации, бидејќи донации воопшто и немале во 2017-та.
„Сме прашале дали се доставени сите документи – не, ви недостасува годишен финансиски извештај и за еден час се доставил и за тоа има потпис и печат дека го примиле и ни рекле се е во ред, да си ја гледате вашата работа, ние ќе ги комплетираме документите. Значи, не е културно, има толку многу вработени во Државниот завод, па има и толку невработени, ако недостасуваат кадри, нека кажат да инсистираме да се вработат професионалци кои ќе знаат да читаат документи. Сме навеле, точно е тоа дека немаме донации, немаат тие некој формулар за ние да го пополниме за донации туку кажуваат да доставите извештај. Ние им пишавме дека донации немаме и таков извештај не можеме да им доставиме.“, тврди Милевски.
Со слично тврдење е и Самка Ибраимовски. Вели дека неговата Партија за целосна еманципација на Ромите навреме, по пошта, ги испратила извештаите до Државниот завод за ревизија.
„Ако Државниот завод за ревизија го негира овој печат овдека тогаш… поштата е крива, ама не верувам дека не ги добиле, ако не ги добиле се враќа назад пратката, а тука веќе предадена е и има печат од Централен регистар, тука нема зошто да сe кријат позади ова дека не добиле. Веројатно е настаната грешка, но ова не е мала грешка, гледам тука негде околу 20 и неколку партии.“, рече Ибраимоски.
Јанко Бачев, пак, од Народното движење на Македонија – партија која се преименува во „Единствена Македонија“, тврди дека извештаите до Заводот за ревизија ги пратил електронски, според праксата на комуникација со Централниот регистар и Управата за јавни приходи.
„Јас поразговарав со нашите луѓе одговорни за материјално- финансиско работење во партијата и мене ми е пренесено дека најверојатно се работи за ненамерен превид. Од пред некое време Централниот регистар и УЈП ги примаат по електронски пат овие документи, за годинава за којашто зборуваме, значи за последната година и до Државниот завод се пратени електронски, меѓутоа се консултиравме сега и ни рекоа дека не функционира системот на електронско примање на финансиски документи во ДЗР и затоа ние во текот на вчерашниот ден повторно ги поднесовме овие документи.“, вели Бачев.
За конкретните тврдења на засегнатите партии побаравме објаснување од Државниот завод за ревизија. Од Заводот потврдуваат дека ЛДП на Горан Милевски го назначила немањето донации со посебна реченица во пропратниот допис за достава на финансиските извештаи, но велат дека тоа требало да се направи на посебен меморандум како посебна изјава. Од ПЦЕР на Самка Ибраимовски, велат од заводот за ревизија, е стигната пратка во законскиот рок, но физички не е регистриран документ за годишна сметка што може да е ненамерен превид кај самиот подносител. Од Заводот додаваат дека по координацијата со оваа партија заклучиле оти таа поднела годишни сметки до другите надлежни органи, така што од денеска и овој прилог ќе бил обезбеден.
„Овие два случаи немаат материјално влијание врз дисциплината на поднесувањето на финансиските извештаи на наведените партии и цениме дека не треба да бидат предмет на критики на јавноста. Како што самите можете да прочитате во одлуката објавена во „Службен весник“, таа ќе трае до уредно исполнување на обврските од партиите согласно Законот.“, ни одговорија од Државниот завод за ревизија.
Но, вакви и слични ситуации не се случуваат првпат. Минатата година министерството за правда ги запрело финансиите од буџетот за 41 партија, во 2016-та за 28, а во 2015-та за 33 партии. Поголем дел од партиите, случајно или не, ги повторуваат грешките.
Познавачите на темата велат дека во други земји непочитување на законот може скапо да ги чини партиите.
„Смислата на Законот е да се почувствува влијанието на санкцијата која што значи дека ќе бидат скратени од финансирање од буџетот за определен период, затоа што не го испочитувале законот. Нашиот закон иако содржи ваква мерка, оваа одлука не влегува во прекршочната постапка, тука може да постапува сега Управниот суд, меѓутоа во други држави, во ситуација кога политичките партии се нетранспарентни во однос на нивното финансиско работење и не доставуваат документи за финансиското работење до надлежните институции, може да се определи мерка забрана за учество на следни избори. Значи, сепак, ние имаме еден од поблагите закони и треба да биде почитуван.“, вели Слаѓана Тасева од „Трнаспаренси Интернешнл – Македонија.“
Запирањето на државното финансирање за 26 политички субјекти доаѓа во период кога власта и опозицијата договараат ремонт на финансирањето на партиите.
Како што веќе објави 360 Степени, реформата предвидува зголемување на финансирањето на партиите од државниот буџет и намалување на донациитеи тоа за два и пол пати. Тоа значи дека годишно околу четири и пол милиони евра од буџетот би оделе за финансирање на партиите. Ова ќе ја зголеми потребата за уште поригорозна контрола и отчетност, но поради зголемиот интерес, можеби ќе ги натера и партиите да бидат што подоследни во почитување на законот.
Не е само една работа што треба да се крпи или да се смени во македонското судство… Но, работата е во тек. Минатата недела, власта и опозицијата ги усогласија и изгласаа измените на Законот за судовите и за судскиот совет.
„ Во разговорите со опозицијата дојдовме до момент дека можеби треба да вметнеме уште неколку додатни критериуми кај дисциплинските повреди.“- вели меѓу другото за 360 Степени, заменик-министерот за правда Оливер Ристовски.
Пазарот ги задоволи желбите и очекувањата на политичарите, но се чини, ги поткопа позитивните очекувања кај судиите.
„ Сметам дека во крајна линија останува тестот на времето да докаже дали таквото политичко пазарење ќе биде на штета на судиите.“- изјави претседателот на Здружението на судии и врховен судија, Џемали Саити.
Не се гледа често сликата од мониторот во македонското Собрание како од средата. 86 гласа „за“ и од власта и од опозицијата, овојпат за реформските измени на Законот за судовите и за судскиот совет.
„ Добро е што опозицијата даде свој конструктивен придонес.“- изјави координаторот на СДСМ во македонскиот парламент, Томислав Тунтев.
„ Верувам дека вакви закони во коишто ќе биде вклучена и опозицијата во наредниот период ќе бидат во што поголем број.“- кажа координаторот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Драги Данев.
Но, во сенка на главната вест дека власта и опозицијата заеднички се договориле за нешто, остана – што точно договориле? Кусиот одговор на прашањето е – се сменија критериумите за унапредување и за разрешување судии.
Досега кога се бираше претседател на суд или судија во повисок суд, Судскиот совет прво правеше рангирање на кандидатите според број на бодови. Бодовите се добиваа според математичка формула со неколку критериуми пропишани во интерен акт на Советот – како на пример, број на сработени предмети. Разликата е што сега има повеќе критериуми за оценување, а формулата за пресметка на бодовите е вметната директно во законот за Судскиот совет. Новина е и што од максималните 200 бода што може да ги добие еден судија, поголемиот дел или 120 бода се добиваат за квалитетот на работата на судијата кој се оценува, а останатите 80 за квантитетот.
Од министерството за правда велат дека новата математичка формула и критериуми ќе понудат фер натпревар меѓу судиите. Целта на решението – формулата да биде во закон наместо во правилник – е Судскиот совет навистина да биде непристрасен кога ќе вага, кој судија најмногу заслужил да напредува.
„ Сметавме дека треба да стои во законот за да не остава простор при изготвување на тие правилници секој да си има свое мислење како треба да се изготват тие табели или критериуми. Вака е законска обврска и таа треба да се испочитува сега. Мислам дека е многу попрецизна од сите досегашни, претходни закони.“- вели заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски.
Го соочивме заменик-министерот и со фактот дека Судскиот совет во неколку наврати одлучи да го занемари оценувањето и да унапредува кандидати кои немаа најмногу бодови.
„ Да. Затоа е направено. Тој што ќе добие најмногу бодови, тој би требало да напредува.
Би требало или мора да биде така?
Мора да биде така всушност. Би требало да биде избран, нели. Јас не сум на местото на судскиот совет за да кажам што ќе изберат, но меѓутоа тоа е се направено токму стриктно за да се испочитува тоа рангирање на ранг листата. И да се оди од највисокото, првото место кон надоле.“
Реформите во оценувањето и унапредувањето на судиите, генерално, позитивно поминуваат и кај судиите. Но, вели претседателот на нивното здружение, само ако се имплементираат како што е на хартија.
„Генерално за овој сегмент за кој сега разговараме, има поместување. Особено со вметнување на некои од критериумите кои се предмет на оценување, како квалитетот на пример на пресудите… сега се оди во друга конотација, да се испитуваат пресуди во однос на квалитетот. Ова прашање, за мене ќе остане проблематично во најмала рака. Во принцип, затоа што не знам кој ќе го оцени квалитетот на пресуда на пример на врховен судија, доколку оценувачот е од основен суд?“- изјави во интервјуто за 360 Степени претседателот на Здружението на судиите, Џемали Саити.
Само од праксата, вели Саити, ќе може да се види и дали новиот начин на бодување ќе им даде еднаква можност за напредување на сите судии, без разлика на подрачјето во кое работат.
„ Доколку ги слушате судиите од Скопје, ќе кажат ние судиме сложени предмети. Но, доколку ги слушате судиите од помалите судови они ќе ви кажат дека ние сме во инфериорна позиција затоа што недостасуваат предмети кои би не довеле до рамноправна позиција при идното унапредување со другите судии во постапувањето. Оваа ситуација не може да се менува на овој начин, таа е реалноста.“
Другиот клучен елемент во реформата на законите за судството поддржана од власта и опозицијата е што е изменет и зголемен бројот на основи кои можат да доведат до разрешување на судија.
Како и досега, има 11 основи за нестручно и несовесно вршење на судска функција, со измена на дефиницијата за еден став.
Но, за разлика од досегашните 4 основи за потешки дисциплински повреди кои можат да доведат до разрешување, сега има 9.
Зголемувањето на бројот на основи доаѓа во период кога Прибе и Венецијанската комисија бараа намалување и прецизирање на овие одредби.
„Сметаше министерството за правда и работната група дека врз основа на овие критики што ги добивме претходно дека треба овие услови да бидат многу прецизни, концизни и што помалку. Меѓутоа, во разговорите со опозицијата дојдовме до момент дека можеби треба да вметнеме уште неколку додатни критериуми кај дисциплинските повреди, особено кај разрешувањата и кај претседателите на судови и за разрешувањето на судии. Мислам дека, сега вака народски да се изразам, не се страшни толку и треба да ги почитуваат судиите при нивната работа.“- изјави заменик-министерот Ристовски за новите основи по кои еден судија може да биде разрешен.
Го прашавме заменик-министерот и дали овие измени ќе го опфатат очекувањето на јавноста за санкции на судиите од „тефтерчињата“?
„ Ако одиме баш правно, како што важат законите од сега па натаму, нема ретроактивно дејство, одиме од сега па во иднина. Да не се повтори више тоа никогаш. Иако може да се отворат постапки секогаш и за предмети кои, доколку има таква претставка, кои биле или се завршени сега во скоро време. Тоа да.“
Усогласените одредби меѓу власта и опозицијата за разрешувањето на судиите, не наидуваат на поддршка кај првиот човек на здружението на судиите.
„ Моја првична оценка е дека неколку од овие основи, особено непочитувањето на европските пресуди кој и досега беше основа за разрешување само друга формулација, воопшто не треба да стои, требаше да отпадне. Застареноста е проблем кој не зависи само од судијата… Доколку вие, имате одредба каде што е не докрај објаснета а постои како основ за разрешување, тогаш вие сте на многу лизгав терен и не знаете како ќе се однесува утре регулаторниот орган, регулаторното тело, Судскиот совет.“- вели судијата Џемали Саити.
Управниот одбор на Здружението на судиите и формално ќе заземе став за последниот корпус реформски зафати во судските закони кон средината на месец мај. Но, веќе може да се насети дека додека власта гради доверба со опозицијата, го намалува ентузијазмот кај судиите.
„ Се поставува прашањето, дали финалниот изглед на тие закони ќе ги задоволува потребите на реалното судство, потребите на граѓаните, на крајот на краиштата? И доколку вие правите закони кои овозможуваат интегритет на судија имате поголеми гаранции дека ќе наидете на објективно судство. Доколку вие ги рушите тие принципи тогаш сигурни се очекувањата дека ќе имате помалку шанси да добиете квалитетна правда.“
Веќе очигледниот спор за правецот на реформите на релација судска – извршна власт, можеби, ќе биде изгаснат уште пред да се распали. За сите спорни точки има договор да се следи ставот на Венецијанската комисија кој се очекува на почетокот на летото. А, токму за тогаш се планира и третиот реформски пакет во правосудството кој е далеку посуштински од законите кои во средата ги изгласаа власта и опозицијата.
„Исплевена“ Саботажа, емитувана на 07 мај 2018 година (понеделник) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
Во новото издание на „360 Степени“ на ТВ Алсат-М:
– Запрено редовното државно финансирање за 26 политички партии, меѓу кои и од власта;
– Власта ја придоби опозиција, но ги губи судиите;
– ПЕТ-центарот, најавуван како најсовремен од Виена до Атина, работи со минимален капацитет;
– Вклучувањето и исклучувањето кај новиот автопат и понатаму ги збунува возачите;
– Нова „Саботажа“.
by 360степени
Во дебата на „360 Степени“, тема беше: „Каде е јазот меѓу Македонија и Грција – во името или во нешто друго“. Ана Чупеска-Станишковска, доцент на политолошките студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, зборуваше за истражувањата на јавното мислење во двете земји во поглед на постигнување договор за спорот со името.
– Јас не сум фан на јавното мислење. За вакви прашања мислам дека политичарите се тука клучни, тие мора еманципаторски да настапат. И медиумите имаат огромна улога тука. Зошто да се сензационализираат, да речеме, ксенофобични изјави на некои маргинални позиции, како „ќосиња“, условно кажано, или членови на Златна Зора, кога може да се оддаде важност на позитивни примери. Зошто нема вести за грчко-македонската продукција за филмот на Ѓорче Ставрески, за режисерските достигнувања на Унковски и Поповски во атинските театри, зошто нема медиумско известување за независната културна сцена? Пребогата е со прекрасни иницијативи кои се индивидуално поттикнати. На тие иницијативи никој од медиумите не обрнуваат доволно внимание. Јавното мислење се креира, тоа може да се обликува и од тука мислам дека одговорноста е голема кај медиумите во Македонија и во Грција, меѓутоа со поттик од естаблишментот – рече Чупеска-Станишковска.
Таа рече дека, со оглед на тоа што политиката има огромно влијание на Балканот, од таму мора да дојде иницијативата за доближување и потоа да продолжи и преку граѓанското општество, културата па на крај и кај обичните граѓани.
– Се плашам дека може да дојде до една точка кога јавното мислење ќе стане оправдување за нерешавање на некои работи. Имено, владите сме ги бирале за да ги решаваат нашите проблеми. Во крајна линија, ние немаме конфликт од не знам каков тип – ние имаме спор. Има разлика меѓу спорови и конфликти. Спорот може да се реши во конкретвниот случај со политичка волја, само на тој начин. А контактот на културите е на паралаелна трака. Политичарите да го решаваат ова, а паралелно да се приближуваат цивилниот сектор и граѓаните – рече Чупеска-Станишковска.
by 360степени
Во дебата на „360 Степени“, тема беше: „Каде е јазот меѓу Македонија и Грција – во името или во нешто друго“. Ева Елерајт, директорка на канцеларијата на фондацијата „Фридрих Еберт“ во Македонија, зборуваше за тоа колку е болен и тежок процесот на извлекување од период на конфликти со соседите, каков што имаше Германија, како пример за односите меѓу Македонија и Грција.
– Тоа е многу тешко и мислам индивидуално патување. Секоја земја се справува со многу прашања на идентитет и припадност, особено ако земјата е разноврсна. Тоа беше случајот и со Германија и требаше многу време за барем да се зборува за сите конфликти и војни во кои Германија и германското општество имале улога. Тоа е прашање до денес, тоа е многу важно прашање и е дел од образованието. Мислам дека тоа е важна порака што треба да се прати до други земји кои размислуваат како да се помират со соседите, да внесат живот во добрососедските односи и да ја подобрат соработката, да пружат рака и отворено да разговараат за загриженоста и да и даде до знаење на другата страна што е причината. Понекогаш во минатото улогата на Германија беше да покаже дека нештата се сменија и тоа е важно да се разбере и иако во едно општество има дебата, тоа не значи дека таа дебата ја минува границата и се слуша зад границите. Може да има развој во општеството, во минатото во Германија, сега тука – луѓето се свесни и тоа има значајна улога во јавната дебата, но тоа навистина не се гледа надвор во странство и затоа е важно да се вклучат сите слоеви на општеството – не само политичките врвни кругови туку и да се има поотворен дијалог и ние тоа го сторивме во Германија за разни прашања за кои имаше судири – германско-француските односи кои навистина беа проблематични и успеавме да надминеме декади, па дури и столетија на несогласувања. Потоа, односите со Полска и тука една од работите што се случи пред политичкото помирување беше размената на граѓанските сектори, на младите, секако и на академски кадар – рече Елерајт.
by 360степени
Во дебата на „360 Степени“, тема беше: „Каде е јазот меѓу Македонија и Грција – во името или во нешто друго“. Јанис Армаколас, професор на универзитетот „Македонија“ во Солун и истражувач во тинк-тенк организацијата ЕЛИАМЕП, зборуваше за информациите за руското влијание врз политичката елита во Грција, но и врз медиумите и јавното мислење во насока да се радикализира грчката позиција и да нема решение за прашањето за името.
– Тешко е да се знае емпиријата зад ова. Имам претчуство дека се случува, и не велам дека зад ова има некој голем план, но оние политички сили кои промовираат поблиски и поинтензивни релации со Русија, стоеја зад мобилизацијата (протестите), особено во Северна Грција, против решение на спорот. Но, такво влијание гледам и овде. Знам дека има нова партија која е проруски ориентирана и е против решение на спорот за името. Во социјалните, но и во другите медиуми гледам многу проруски гласови кои говорат против решение со Грција. Значи, имаме парадоксална ситуација, каде што луѓе кои се пријатели на Русија, или сакаат поблиски односи со Русија, работат и во Грција и во вашата земја против постигнување решение. Русија има расипничка улога во регионот, и тоа со сигурност го знаеме, но тоа треба да натера голем дел од граѓаните на двете земји да се подзамислат за тоа што всушност стои зад ова и кој добива од продолжението на и унапредувањето на спорот – рече Армаколас.
Тој во дебатата рече дека има цела низа важни прашања кои го придружуваат решавањето на спорот, односно дека не се работи само за името, како и дека проектот „Скопје 2014“ кој го спроведуваше претходната власт во Македонија потврдил многу од стравовите и грижите кои ги имаат многу од Грците, и влијаел негативно на решавање на спорот и пријателски односи помеѓу двете соседни земји. Армаколас истакна дека и покрај тоа што јавното мислење не е во прилог на решавање на спорот, политичките лидери се тие коишто треба да водат и да носат одлуки кои потоа треба да ги следат и цивилното општество и граѓаните. Тој нагласи дека мора да му се помогне на регионот да влезе во НАТО и ЕУ како би го избегнале засиленото влијание на Турција и на Русија.
„Дијагностичка“ Саботажа, емитувана на 04 мај 2018 година (петок) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
Во новото издание на „360 Степени“ на ТВ Алсат-М – дебата на тема: „Каде е јазот меѓу Македонија и Грција – во името или во нешто друго“, со учество на:
-Јанис Армаколас, професор на универзитетот „Македонија“ во Солун и истражувач во тинк-тенк организацијата ЕЛИАМЕП;
-Ева Елерајт, директорка на канцеларијата на фондацијата „Фридрих Еберт“ во Македонија;
-Ана Чупеска-Станишковска, доцент на политолошките студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Во Свети Николе со години опстојува уверувањето дека е место со најголем број заболени и починати од рак и тоа најмногу од рак на дојка.
Но, она што дополнително ужаснува е сознанието дека ова уверување на локалните жители не може да се провери кај ниедна од здравствените институции, зашто таква специфична статистика не се води. И што нема научно истражување што ќе ги испита причините за големиот број заболени од канцер.
Капак на се е ниското ниво на здравствена култура, нередовните превентивни прегледи и доцното дијагностицирање на болеста.
Никола Здравковиќ беше во Свети Николе и се обиде да го стесни кругот на можни причинители за неславниот рекорд.
Ова е барака број 16 на Град Скопје, барака за даноци, но граѓаните ja нарекуваат и барака за нервози. Тензијата овде кулминира кога во март на скопјани ќе им пристигнат решенијата за данок – и бизарни и конфузни, па затоа јавноста токму оваа администрација ја посочува како пример, но не добар, туку за тоа како не треба да функционира една јавна служба.
„Eден документ, столче до столче, патува еден месец. Под итно стручни и одговорни лица за одредување на ставка данок.“
„Па гужвите они ги прават. Гужвите сами ги прават. За еден предмет да го подигнам доаѓам 2 недели.“
„Не е виновна администрацијата туку луѓето се виновни. Не чекаат, броеви имаат дадено, може да си оди се по ред, ама не го користат тоа. Се пикаат преку ред, тоа е.“
„Што да кажам, некоја средна оценка, можам да дадам, така некoја тројка максимум.“, велат граѓаните што ги анкетираше екипата на „360 степени“.
Но, главните критики не одат на сметка на службениците на шалтерите. Револтот на граѓаните е најголем за оние што ги изготвуваат решенијата за данок.
„Имам платено данок за 2017-та, а ми испраќаат повторно опомена.“
„Тие бараат данок на имот да се плати на нешто што овој се уште не е сопственик. Истовремено и поранешниот сопственик што ја продава и за него има решение за данок на имот и за овој.“
„На едно решение ми стигнаа две различни суми. Иако пример ја сум член на СДСМ, јас не сум член на вакви раководители, јас сум член на идеја, а не на незнаење.“, велат граѓаните.
А, од другата страна на шалтерите во барака број 16, има вкупно 40 службеници.
„Имаме некогаш по 900-800 странки и сакаме што пократко да се задржуваат на шалтерот за да нема метеж. Се соочуваме со секакви странки, ни доаѓаат на шалтерите, нели, бидејќи работиме со луѓе и најтешка работа е да се работи со луѓе, но сакаме странките да се задоволни.“, изјави Весна Здравковска, самостоен референт за издавање на решенија за данок.
Најголем проблем за административците се месеците март и април, бидејќи тогаш им пристигнуваат решенијата за данок на имот на сите обврзници. Во Скопје ги има речиси 130,000 илјади, пришто секоја година околу 70,000 доцнат, па мора да им се прати опомена.
Капак на се е што дел од системот функционира како во минатиот век.
„Автоматски не сме поврзани ниту со катастарот ниту со МВР, тежнееме кон тоа, за да се подобри квалитетот на услугите кон граѓаните, се уште не сме поврзани. Сегашната законска регулатива е таква што ги обврзува даночните обврзници секоја промена, секое оставинско решение, секоја купопродажба, обврска е на даночните обврзници сами да пријават било каква да е, затоа што кажав не сме поврзани и затоа се појавуваат тие грешки.“, вели Анита Наков – раководителка на одделението за данок на имот.
Тоа што имаат проблеми, Наков признава дека не е пречка да се трудат да ја подобрат услугата.
„Воведена е новина на двосменско работење на шалтерскиот дел во барака 16, со тоа даночните обврзници можат во текот на целиот ден граѓаните може да пријавуваат или да одјавуваат, да поднесуваат даночни пријави и да подигнуваат решенија за данок на имот, тоа е една новина, работиме и на другите новини и со текот на времето се надевам дека ќе се подобри квалитетот на решенијата.
-Но оние од другата страна на шалтерот и не баш ги гледаат овие новини, толку многу и се уште имаат критики за вашиот начин на работа.
Критики имало и ќе има, но ете работиме на подобрување на квалитетот на даночните услуги.“, додава Наков.
Дека работата не е сјајна, потврдува и оваа анкета на социјалните мрежи на која се согласила и градската администрација. Прашалникот изработен од невладината асоцијација Зенит, со европска поддршка, ги прашува скопјани што мислат за целиот систем на данок на имот. Речиси и да нема позитивен одговор.
И самиот градоначалник нема високи оценки за администрацијата со која раководи.
„За жал, во добар дел систематизацијата на Градот Скопје за работните места не е пополнета со доволно квалитетни кадри или кадри што можат да излезат во пресрет за потребите. На ниско ниво, во смисла на чувари, шофери, градот е превработен, меѓутоа на постручното ниво имаме недостаток на кадар.“, вели Петре Шилего, градоначалник на Град Скопје.
Системот за даночни обврзници во градот, вели Шилегов, постојано се надградува. Но, крај на нервозите, не треба да се очекува годинава.
„Очекувам, гужвите во барака 16 некаде во текот на следната година да бидат надминати во смисла на поднесување. Градот Скопје е во постапка за набавка и на нова хардверска, меѓутоа многу поважно и на нова софтверска опрема. Воведувањето на новите софтверски решенија не водат полека кон концептот на „Смарт сити“, кој исто така во софтверска смисла Градот оваа година ќе го распише како тендер. Во денешно време, за жал, градот нема можност ниту начин ниту перформанси техничко-технолошки да на граѓаните им понуди електронска одлука за прием на документација и на издавање на соодветните решенија. Тоа ќе биде една од новините кога ќе ги набавиме новите софтвери, кога ќе ги компонираме во една целина и таков тип на услуги да можат луѓето од дома и да ја достават потребната документација, но и да ги примат соодветните решенијата.“, рече Шилегов.
Ако се знае дека од 100 милиони евра, колку што тежи градскиот буџет за оваа година, 40 милиони евра ќе се соберат од даноци, од кои 13 милиони од данок на имот, можеби станува појасно зошто се толку големи гужвите и нервозите во барака 16, а со тоа и потребата да ги снема.
©2024 360 степени, Сите права се задржани