Ова е барака број 16 на Град Скопје, барака за даноци, но граѓаните ja нарекуваат и барака за нервози. Тензијата овде кулминира кога во март на скопјани ќе им пристигнат решенијата за данок – и бизарни и конфузни, па затоа јавноста токму оваа администрација ја посочува како пример, но не добар, туку за тоа како не треба да функционира една јавна служба.
„Eден документ, столче до столче, патува еден месец. Под итно стручни и одговорни лица за одредување на ставка данок.“
„Па гужвите они ги прават. Гужвите сами ги прават. За еден предмет да го подигнам доаѓам 2 недели.“
„Не е виновна администрацијата туку луѓето се виновни. Не чекаат, броеви имаат дадено, може да си оди се по ред, ама не го користат тоа. Се пикаат преку ред, тоа е.“
„Што да кажам, некоја средна оценка, можам да дадам, така некoја тројка максимум.“, велат граѓаните што ги анкетираше екипата на „360 степени“.
Но, главните критики не одат на сметка на службениците на шалтерите. Револтот на граѓаните е најголем за оние што ги изготвуваат решенијата за данок.
„Имам платено данок за 2017-та, а ми испраќаат повторно опомена.“
„Тие бараат данок на имот да се плати на нешто што овој се уште не е сопственик. Истовремено и поранешниот сопственик што ја продава и за него има решение за данок на имот и за овој.“
„На едно решение ми стигнаа две различни суми. Иако пример ја сум член на СДСМ, јас не сум член на вакви раководители, јас сум член на идеја, а не на незнаење.“, велат граѓаните.
А, од другата страна на шалтерите во барака број 16, има вкупно 40 службеници.
„Имаме некогаш по 900-800 странки и сакаме што пократко да се задржуваат на шалтерот за да нема метеж. Се соочуваме со секакви странки, ни доаѓаат на шалтерите, нели, бидејќи работиме со луѓе и најтешка работа е да се работи со луѓе, но сакаме странките да се задоволни.“, изјави Весна Здравковска, самостоен референт за издавање на решенија за данок.
Најголем проблем за административците се месеците март и април, бидејќи тогаш им пристигнуваат решенијата за данок на имот на сите обврзници. Во Скопје ги има речиси 130,000 илјади, пришто секоја година околу 70,000 доцнат, па мора да им се прати опомена.
Капак на се е што дел од системот функционира како во минатиот век.
„Автоматски не сме поврзани ниту со катастарот ниту со МВР, тежнееме кон тоа, за да се подобри квалитетот на услугите кон граѓаните, се уште не сме поврзани. Сегашната законска регулатива е таква што ги обврзува даночните обврзници секоја промена, секое оставинско решение, секоја купопродажба, обврска е на даночните обврзници сами да пријават било каква да е, затоа што кажав не сме поврзани и затоа се појавуваат тие грешки.“, вели Анита Наков – раководителка на одделението за данок на имот.
Тоа што имаат проблеми, Наков признава дека не е пречка да се трудат да ја подобрат услугата.
„Воведена е новина на двосменско работење на шалтерскиот дел во барака 16, со тоа даночните обврзници можат во текот на целиот ден граѓаните може да пријавуваат или да одјавуваат, да поднесуваат даночни пријави и да подигнуваат решенија за данок на имот, тоа е една новина, работиме и на другите новини и со текот на времето се надевам дека ќе се подобри квалитетот на решенијата.
-Но оние од другата страна на шалтерот и не баш ги гледаат овие новини, толку многу и се уште имаат критики за вашиот начин на работа.
Критики имало и ќе има, но ете работиме на подобрување на квалитетот на даночните услуги.“, додава Наков.
Дека работата не е сјајна, потврдува и оваа анкета на социјалните мрежи на која се согласила и градската администрација. Прашалникот изработен од невладината асоцијација Зенит, со европска поддршка, ги прашува скопјани што мислат за целиот систем на данок на имот. Речиси и да нема позитивен одговор.
И самиот градоначалник нема високи оценки за администрацијата со која раководи.
„За жал, во добар дел систематизацијата на Градот Скопје за работните места не е пополнета со доволно квалитетни кадри или кадри што можат да излезат во пресрет за потребите. На ниско ниво, во смисла на чувари, шофери, градот е превработен, меѓутоа на постручното ниво имаме недостаток на кадар.“, вели Петре Шилего, градоначалник на Град Скопје.
Системот за даночни обврзници во градот, вели Шилегов, постојано се надградува. Но, крај на нервозите, не треба да се очекува годинава.
„Очекувам, гужвите во барака 16 некаде во текот на следната година да бидат надминати во смисла на поднесување. Градот Скопје е во постапка за набавка и на нова хардверска, меѓутоа многу поважно и на нова софтверска опрема. Воведувањето на новите софтверски решенија не водат полека кон концептот на „Смарт сити“, кој исто така во софтверска смисла Градот оваа година ќе го распише како тендер. Во денешно време, за жал, градот нема можност ниту начин ниту перформанси техничко-технолошки да на граѓаните им понуди електронска одлука за прием на документација и на издавање на соодветните решенија. Тоа ќе биде една од новините кога ќе ги набавиме новите софтвери, кога ќе ги компонираме во една целина и таков тип на услуги да можат луѓето од дома и да ја достават потребната документација, но и да ги примат соодветните решенијата.“, рече Шилегов.
Ако се знае дека од 100 милиони евра, колку што тежи градскиот буџет за оваа година, 40 милиони евра ќе се соберат од даноци, од кои 13 милиони од данок на имот, можеби станува појасно зошто се толку големи гужвите и нервозите во барака 16, а со тоа и потребата да ги снема.
Напишете коментар