„Опуштена“ Саботажа, емитувана на 22 декември 2017 година (петок) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
„Опуштена“ Саботажа, емитувана на 22 декември 2017 година (петок) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
Во новото издание на „360 Степени“:
– Христијан Мицкоски, единствен кандидат за лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе успее ли партијата да го сочува единството?
– Противвречни реакции за хокеарската измена во Кривичен. Исти правила, различни толкувања. Слика за правдата во Македонија во 2017 година.
– Интервју со д-р Џемали Саити, врховен судија, претседател на Здружението на судии
– Нова Саботажа
by 360степени
Вечерва, (22.12.2017 г.) во 22:30 часот во емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат-М ќе гледате:
Sonte, (22.12.2017) në ora 22.30 në emisionin "360 Gradë" në TV Alsat-M do të ndiqni:
Во Македонија во моментов се градат три автопатски делници и сите три ги следат криминално-корупциски скандали.
За случајот со провизијата од кинеските кредити за автопатите од Кичево до Охрид и од Миладиновци до Штип, СЈО го покрена обвинението под кодно име „Траекторија“, а за влечењето огромни суми кеш од изведувачот на трасата Демир Капија-Смоквица, грчката компанија „Актор“, властите во Атина отворија истрага за перење пари.
„360 Степени“на терен провери до каде се градежните работи на сите три делници и ги праша новите власти – зошто го прават она што го критикуваа како опозиција – потпишуваат анекси на договорите.
На социјалните мрежи, но и на некои домашни информативни порали се појави линк кој води до веб-страници на кои се рекламира производ што ве ослободува од болки во зглобовите за само 4 дена.
На една од страниците овој производ наводно го препорачува доктор Константин Георгиев од извесна клиника Пан Житрев во Скопје. На друга страница, истиот крем наводно го препорачува доктор Константин Митев од клиниката Жан Митрев. Но, со едноставно пребарување откривме дека на фотографиите се всушност лица од Русија, на кои им е сменет идентитетот за потребите на рекламирањето во Македонија, а имињата на докторите и клиниката се злоупотребени.
Дури има и измислени интервјуа со докторите, всушност едно исто интервју атрибуирано на двајцата наводни лекари, наводно дадено за Македонската радио телевизија, чие име исто така е злоупотребено.
На една од веб-страниците го има логото на Министерството за здравство на Република Македонија, кое наводно спровело и анкета во која најголем дел од пациентите тврдат дека производот што се рекламира многу им помогнал.
Има и коментари на наводно задоволни пациенти. Проверката покажа дека фотографиите се превземени од различни страници на интернет, а идентитетот е измислен.
Во обид да откриеме што повеќе аспекти, решивме да го нарачаме производот така што на веб – страницата оставивме телефонски број, а потоа ни се јави оператор.
„Најважно е да го користите производот без прекинување. При такво користење кремата не помага само да ги решите акутните болки туку и засекогаш да заборавите на нив. Работиме од 2005 година, имаме доволно статистички податоци и што се однесува на тоа нашите клиенти се многу задоволни“, вели операторот во телефонскиот разговор.
За почеток би сакал само една тубичка да нарачам.
„Господине денеска работиме по третрмани на користење. Најмал третман е две пакувања – 4340 денари, вкупна цена со достава.“
Тоа е најмала количина што можам да ја нарачам?
„Да, да, да…“
На сајтот на кој е рекламата нема начин да се контактира со овој доктор Константин Георгиев, а баш би сакале. Пишува дека работи во „Пан Житрев“ клиника, не знам каде е тоа. Би сакале баш да воспоставиме контакт за да направиме преглед или слично. Може да ни помогнете?
„Не знам господине за тоа. Ќе почекате, во кутијата која ќе ја добиете можеби ќе добиете број“, рече операторот.
При доставата, фискална сметка не добивме, но добивме фактура на која стои дека фискалната можеме да ја подигмене на адресата на испраќачот. Има и образец за враќање на производот во рок од 20 дена, но не според македонскиот, туку според Законот за заштита на правата на потрошувачите на Узбекистан.
Како потрошувач кој почувствува дека нешто не е во ред со производот и со начинот на рекламирање и продажба, се обратив до Организацијата на потрошувачи на Македонија.
„Порталите кај нас не се проверуваат на тој начин, но ние баравме во поглед на измамната трговска пракса и тие да бидат проверувани заради тоа што често се случува токму ова“, изјави Маријана Лончар Велкова од Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Што е со веб – страниците регистрирани во други земји, како оваа?
„Тешко се контролираат тие. Немаме надлежности. Ако се контролираат порталите во домен на нечесна пазарна пракса, не не интересира уредувачката политика и што пишуваат, не сме за таква контрола на порталите, но сме за контрола каде што се продава нешто. Тука може да се контролира, да се укаже дека овој портал е од таму и таму и ве молиме да го тргнете тоа. Тие имаат интерес да го пласираат тоа, но не по секоја цена да пласираме измами“, вели Лончар Велкова.
Што е овој производ – лек, медицинско средство, граничен производ, козметика… и со чија дозвола се увезува во земјава? Ова ги прашавме во Царинската управа. Еве што ни одговорија:
„Ве известуваме дека Царинската управа дозволува увоз само на лекови по претходно одобрение од МАЛМЕД (Агенцијата за лекови). Во врска со конкретното прашање во која категорија производи е овој производ кој на интернет се рекламира како крем против болки во зглобови, Ве упатуваме на Агенцијата за лекови (дали станува збор за аналгетик или нешто друго). Доколку овој крем е увезен како козметички производ, Царинската управа дозволува увоз само по претходно одобрение од Државен санитарен и здравствен инспекторат.“
Но, овој производ не е регистриран во Агенцијата за лекови ниту како лек, ниту како граничен производ. Го нема ниту во регистрите на Агенцијата за храна и ветеринарство. Прашавме и во Државниот санитарен и здравствен инспекторат од каде ни рекоа дека станува збор за залажувачко рекламирање заради остварување профит за што се предвидени глоби.
„Во одредбите од член 277 од Законот за здравствена заштита – Забрането и дозволено рекламирање, е наведено дека залажувачко рекламирање, покрај другото е и претставување на здравствени работници кое може да ги доведе во заблуда пациентите и рекламирање со кое се искористува пациентот заради негово неискуство, неинформирање или незнаење заради остварување на профит.“ – стои во дописот од ДСЗИ.
Од Инспекторатот велат дека за непостоечките доктор и клиника не можат да реагираат, но дека се во фаза на проверка за сајтот во кој се појавува името на клиниката „Жан Митрев“.
Од Министерството за здравство, чие име и лого се злоупотребени, велат дека информациите на веб – страницата се лажни. Ни рекоа и дека во соработка со Министерството за внатрешни работи преземаат активности за идентификување на изворот.
Од полицијата, пак, посочуваат дека кога провајдерот не е регистриран во Македонија, преку јавен обвинител со механизам на меѓународна правна помош, податоците ги бараат од државата каде што е регистрирана веб – страницата, во случајов тоа е Панама. Но, не кажуваат дали и што ќе превземат околу фирмата што го продава производот.
А, станува збор за компанија регистрирана во Централниот регистар во 2007 година, која е со седиште во Скопје. Таа е во сопственост на едно физичко лице од Македонија, кое е и управител. Компанијата има двајца вработени и за минатата година пријавила вкупни приходи од 340 илјади евра.
Да сумираме – производ, со лажна реклама, непречено се продава во Македонија, а институциите креваат раце и си ја префрлаат одговорноста. Никој не знае да каже како ваков производ воопшто влегол во земјава. И додека некој ја користи неефикасноста на системот за да прави профит, од Организацијата на потрошувачи советуваат:
„Потрошувачите многу се жалеа во изминатиовц период. Ние направивме доста едукативни брошури и соопштенија кои до јавноста одеа и преку нас и преку Државен пазарен инспекторат. Баравме купувачите да се обезбедат и при купувањето вон деловните простории зашто законот заедно ги регулира и купувањето вон деловни простории и купувањето онлајн. Но сметаме дека тие самите не треба така лесно да потпишуваат договори, но не и тешко, мислам убаво е да се купува онлајн, меѓутоа да проценат и самите, зашто колку и да имаме инспекторати, што сакате воведете во државата, ние треба самите како потрошувачи да сме свесни и разумно да одлучуваме каде ќе ги потрошиме парите“, порачува Лончар Велкова.
Оваа фотографија објавена на социјалните мрежи со која се повикува на бојкот на наставата во Скопје поради загадениот воздух, беше поттик за повеќе родители да побараат итни мерки за заштита за најмалите. Ја постираше мајка која стравува да ги изнесе своите деца до градинка и вооопшто надвор од станот.
„Ние навистина немаме друга опција и затоа се сложивме како родители да ја бојкотираме наставата, затоа што мислиме дека ќе испратиме многу силна и моќна порака до власта дека време е нешто навистина да се преземе.“, вели Тамара Сухарова – Градишки, мајка на две деца.
Но и внатре во домот, стравот ја натерал самата да бара решенија за почист
„Ете исто користиме во домот и растенија кои помагаат за прочистување на воздухот. Еве не знам, р да се расчитаат родителите што немаат доволно финансии дека можат и од тој аспект да се заштитат.“, додава таа.
Тамара не е сама во стравот за здравјето на своите деца. Слично размислуваат и други родители кои ги сретнавме во моментите кога ги земаа своите деца од училиштата и градинките.
„Треба да се преземат некои мерки, ова е секоја година вака, ама вака не било никогаш.“
„Треба под итно на распуст да ги пуштат уште од утре, тоа е една од конкретните мерки што треба да ги преземат. Бидејќи никој ништо не презема, тоа е прв чекор. Не прават буквално ништо.“, коментираат и останатите родители кои ги анкетиравме.
Но, реакциите на родителите го разгневија градоначалникот на Скопје.
„Наводна некаква иницијатива, на наводни некакви родители да децата не одат на училиште. Јас ќе се извинам на форумот, простотилукот во политиката не доведе на ова дереџе затоа што секој мислеше дека може да знае се. И јас не знам се, затоа имам служби.“, изјави градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.
Партиските етикети од градоначалникот на Скопје ги наполнија социјалните мрежи со потсетување на изјавите на Шилегов како опозиционер.
„И покрај бројните ветувања, градската власт не стори ништо да го намали нивото на ПМ честички во Скопје и дозволува сите ние да се труеме од загадениот воздух. На Скопје му е потребна итна стратегија за чист и квалитетен воздух, којшто го дишат скопјани.“
Вака зборуваше кандидатот за градоначалник Шилегов, а градоначалникот Шилегов сега одговара вака:
„Што превзема градот како краткорочна мерка? Како да постои некаде копче, коешто градоначалникот не сака да го вклучи за да се исчисти околината. Јас одговорив дека на ова не можеме да му дадеме третман на филм, во кое за два часа се завршува или на реалити шоу. Ова е пресериозна работа за да немаме несериозен пристап.“
И навистина работата е сериозна, бидејќи минатата недела Скопје беше најзагаден град во светот, а присуството на опасните честички во воздухот беше и до десетпати повисоко од дозволеното. Од друга страна, сообраќајот се одбива без ограничувања, домаќинствата продолжуваат да се греат на нееколошки енергенси, а циркулирањето на воздухот во македонската метропола одамна е исчезнато со неконтролираното градење.
Иако концентрациите на ПМ 10 честичките во моментов се речиси осум пати над дозволеното во општина Карпош, сепак овде на улица Партизанска на терен може да се видат работници кои го асфалтираат патот, без притоа и тие да се заштитени од аерозагадувањето.
Градоначалникот на Карпош, во меѓувреме, најави засилени инспекции и стопирање на градежните работи во општината, но работите нема да одат лесно, и не само во Карпош, зашто институциите кубурат со кадар.
„Влегуваме во процес каде што сакаме да го надокнадиме отсуството на инспектори за животна средина со инспектори од комуналната сфера кои веќе постојат и малку да ги измешаме инспекторите ако е од една општина да го пуштиме во друга општина, бидејќи можеби ќе треба да дојде кај својот сосед.“, вели заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули.
Претставници на граѓанскиот сектор, кои членуваат во државната меѓуресорска комисија, сведочат дека власта тактизира со дел од мерките, гледајќи ги низ призмата на гласови.
„Тие се загрижени, дека на пример мерките кои МВР треба да ги спроведе се најнепопуларни мерки. Ќе треба да казнуваат граѓани, ќе треба да пишуваат казни доколку дојде до пар-непар, токму затоа се двоумат ова се нивните грижи. Дури и мерката со ставање налепници на возилата по загадување е непопуларна кај граѓаните. Тие сега треба да излезат со решенија каде запнува работата и на следниот состанок да кажат што постигнале до сега. Досега не е закажан следниот состанок, претпоставувам дека ќе биде после Нова година.“, изјави Елена Николовска од НВО „Еко Свест“.
За идеите да се канализираат полесно, министерството за животна средина формирало уште едно, ново координативно тело, кое ќе дава извештаи до интересорската група.
„Никој не бега од одговорноста ниту сакам да барам алиби, ниту можеме да ги вратиме дрвата што се исечени, ниту можеме да ги срушиме зградите кои го задушија воздухот, но можеме со еден континуиран пристап постојано да го намалуваме.“, вели Макрадули.
Оваа зима фокусот е на контрола на техничките прегледи на возилата, особено на емисијата на издувни гасови од приватните автобуси и такси возилата, како и на засилена инспекција на фабриките и помалите индустриски капацитети. Град Скопје издвои пари од буџетот за 2018тата за субвенции за приватните автобуси да се префрлат на гас, а за ЈСП, за набавка на електрични автобуси.
„Во делот на урбанизмот, Градот започна со еден проект на зазеленување, којшто е се разбира симболички, но зборуваме не за обичен тип на садници, туку високоразвиени кои веќе можат да придонесат. Субвенциите кои се даваат за пелети, можат да придонесат, е една од мерките којшто се применува. Долгорочните мерки, гасификацијата и енергетската ефикасност се клуч.“, вели заменик-министерот.
Најновата одлука на владата е доколку два последователни дена, присуството на ПМ 10 честичките во воздухот е над 200 микрограми на најмалку 2 мерни станици во Скопје, да стапи забрана за работа на отворено од 11 до 17 часот, да се ослободат од работа бремени и хронично болни и да се редуцира употребата на службени возила. Дополнително, локалните власти ќе треба да обезбедат бесплатен јавен превоз, дневно чистење на улиците и зголемена инспекциска контрола на градилиштата.
Во новото издание на „360 Степени“:
– На социјалните мрежи, но и на дел од домашните информативни портали се појави линк кој води до веб страници на кои се рекламира производ кој за четири дена ве ослободува од болката во зглобовите. Никој не знае да каже како производот воопшто влегол во земјава.
– Се изострува судирот за улогата на Советот за реформи во правосудството. 85% од граѓаните бараат промени во судството. Анкета на „360 Степени“.
– До каде е изградбата на трите автопати и зошто новата Влада го прави она што го критикуваше како опозиција – потпишува анекси на договорите. Репортажа од терен за спорните точки.
– Родители гневни од пасивноста на власта за аерозагадувањето в среда нема да ги пуштат децата во училиште и градинка. Кога е искрен Шилегов – кога зборуваше како опозиционер, или сега како градоначалник?
– Нова Саботажа
На секои десет граѓани во Македонија, осум го делат мислењето дека во блиското минато имало политички монтирани судски случаи. Спротивниот став, дека такви случаи нема, го дели само еден од десет жители на земјата.
Ова го покажува анкетата за состојбите во судството, која ја направи Институтот за демократија за емисијата 360 Степени.
Прашани, дали тие спорни случаи треба да се преиспитаат, дури 77,5 отсто од испитаниците одговориле Да, наспроти 12 отсто кои се против и 10,5 отсто кои не знаат.
На следното прашање, дали состојбите во судството треба да се подобрат, одговорот е речиси консензуален. Дури 85% велат да.
Поразителен е и резултатот дека само 12,5% од испитаниците сметаат дека судските предмети се делат автоматски и по случаен избор и дека дури 72% мислат дека претседател на суд се станува со послушност кон владејачката партија или поради семејни и пријателски врски.
Марко Трошановски- институт за демократија „Социетас Цивилис“
„Станува збор за или дефетизам на граѓаните, целосна разочараност од можноста нешто да биде подобрено или пак констатација дека е навистина многу лошо, 85% од популацијата. Ако тоа се земе на една страна, дополнето со разочараноста во професионалниот напредок во кариерата на судиите, како и непристрасниот доделување на судиите, јасно е дека граѓаните очекуваат во огромен дел работите во судството да бидат сменети бидејќи вакво какво што е судството не им ја задоволува потребата за правда.“- изјави Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“
360 Степени и Институтот за демократија ги прашаа граѓаните и како може да се средат состојбите во судството? Трите најзастапени одговори се: да се разрешат проблематичните судии посакуваат околу 37 отсто, да се изврши генерален реизбор на судии околу 29 отсто, а 15 отсто сметаат дека работата е непоправлива.
Но додека бројот на воздржани граѓани е мал кај прашањата за актуелните состојби, анкетата покажа голема резерва за тоа што ќе се случува во иднина- особено за одговорноста на политичките елити. 45,5 % сметаат дека при промена на власта, политичарите досега си се амнестирале меѓусебно а дури 32,7 % немаат став по прашањето.
Дали ќе има меѓусебна амнестија и по последната промена на власта? Околу 39 отсто сметаат дека овој пат ќе биде поинаку и претставниците на претходната власт ќе одговараат ако се огрешиле пред законот. Сепак, високи 26,3 отсто се на став дека и овој пат никој нема да одговара. Дури 34,8% испитаници рекле дека не знаат или дека немаат одговор.
Марко Трошановски- институт за демократија „Социетас Цивилис“
„ Во голем дел, оваа резерва кај нив се должи на неизвесноста што моменталниот политички перформанс на оваа влада го создава. Реформите во правосудството се во нивниот зачеток. Освен декларативниот политички изјави, волја или започнување на некои процеси кои се само во нивниот зародиш, немаме ништо конкретно од реформите во судството. … Така што луѓето се резервирани, дали работите ќе бидат подобри бидејќи не знаат дали ќе бидат подобри. “- толкува Трошановски.
Освен граѓаните, реформите во правосудството ги очекува и Европската Унија, од што ќе зависи дали Македонија ќе добие позитивен извештај на пролет. Патоказот, што треба да се поправи, е содржан во двата извештаи на Прибе.
Клучните прашања се уште се третираат на релацијата- Министерство за правда- Совет за реформи и работни групи. До овој момент, во собраниска процедура се укинувањето на Совет за утврдување факти, законот за заштитени сведоци и законот за амнестија. Измените во двотретинските закони допрва ќе се работат. Готова и усвоена на Влада е и стратегијата за реформи во правосудниот сектор, која ја изработи работната група предводена од професорката Ана Павловска Данева.
Во контекст на ставовите на граѓаните изразени во анкетата, во стратегијата:
– нема насоки за повторување на т.н. политички случаи
– нема генерален реизбор на судии
– нема влез на нови судии надвор од Академијата за судии и јавни обвинители
Но, предвидено е:
– изборот и унапредувањето на судиите да се врши по строги и јасни критериуми
– зајакнување на системот за непристрасна распределба на предмети АКМИС
– нови, построги критериуми за избор во Судскиот Совет и воведување индивидуална одговорност за членовите.
Но, на виделина излезе спор во Советот за реформи, кој брои 17 надворешни експерти како и 8 службеници, министерот и заменикот министер за правда. Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев објави дека дава оставка, додека други членови, како професорот Љубомир Фрчкоски јавно обвинија дека улогата на надворешните експерти е сведено на декор во процесот.
Љубомир Д. Фрчкоски- универзитетски професор (24 Вести, 15.12.2017г.)
„Нашата приказна е таква и единствено како таква може да опстои а тоа е да биде координатор на реформите… Таа координација каде оди реформата треба да биде од нас составена и ние имаме намера тоа сериозно да го направиме и во таа смисла ќе дојдеме во судир со оваа група нужно. Бидејќи тоа прашање на моќ е, знаете? Но, на крајот на краиштата, врти-сучи, ќе дојдете на тоа кој ги определува шефовите на групите кои работат. Не може да ги определуваат од правда.“- изјави универзитетскиот професор Љубомир Д. Фрчкоски, на гостувањето на 24 Вести на 15.12.2017г.
Очекувано е судирот да ескалира, бидејќи како што вели професор Фрчкоски, дел од членовите на Советот се подготвени да настапат со своја иницијатива, макар и чекорите да не се предвидени во владината Стратегија.
Љубомир Д. Фрчкоски- универзитетски професор (24 Вести, 15.12.2017г.)
„ Ние ќе предложиме нови шефови на работните групи. И при тоа ќе ги земеме во обѕир професорите кои се членови на Советот… Второ е, кој закони по ѓаволите ќе треба да се донесат во прв пакет и да и се овозможи на владата кредит дека правда е возможна… Ние мора да расправаме три четири закони кои мора да бидат донесени веднаш, можеби до нова година. Значи, законот за амнестија, со корекција, не ваков како што е предложен од министерството за правда или од Влада, законот за поништување на лустрација и начинот на којшто ќе се обновуваат постапките во монтираните случаи онаму каде што има драстично кршење на човековите права.“- објасни професорот Фрчкоски.
Министерот за правда, кој е и претседател на Советот, е на став дека кај дел од членовите на Советот има суштинско неразбирање за улогата што им е доделена.
Билен Саљији- министер за правда
„Сведоци сме на забелешки од некои од членовите на Советот за набљудување на реформите. Треба да објаснам за јавноста дека овој Совет е формиран со одлука на министерот за правда и има за цел набљудување на реформскиот процес кој веќе е јасно трасиран.“ – изјави министерот за правда, Билен Саљији.
За него не држат и обвинувањата дека не се зема предвид мислењето на Советот, како на пример за политички мотивираните случаи. Бидејќи, во крајна линија, патоказот е усогласен со Брисел.
Билен Саљији- министер за правда
„Јас во оваа насока можам само да повторам дека Стратегијата, откако беше усогласена со ставовите на Европската комисија, помина и во Советот. Што значи дека сите предвидени проекти врз основа на Стратегијата за реформи во судството, Советот веќе ги усвоил. Да го потенцирам и ова. Министерството за правда е тоа што ги креира политиките во ресорот правда во овој случај, а потоа ги усвојува Владата на Република Македонија, која ги поднесува до Собранието на Република Македонија. Но, ова не значи дека секоја идеја која што е за доброто на граѓаните на Република Македонија, во насока на реформа на судскиот систем во Република Македонија, не може да биде разгледана. И, зошто да не, доколку сите постигнеме компромис, да биде и усвоена.“- објаснува Саљији.
Разликите на релација Совет- министерство ќе се пеглаат утре. Од епилогот може да зависи понатамошната динамика на реформите, но и јавната перцепција кај граѓаните дали нешто ќе се подобри. Бидејќи, на секои сто граѓани 85 очекуваат работите во судството да тргнат во позитивна насока.
„Џек-пот“ Саботажа, емитувана на 18 декември 2017 година (понеделник) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
by 360степени
Решението за прашањето за името треба да го отстрани стравот за идентитетот, вели министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во пресрет на интензивните преговори под покровителство на Обединетите Нации.
Во интервју за емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат-М, прашан дали во преговорите се засегнати и идентитски одредници, со оглед на изјавите на посредникот Метју Нимиц дека идентитетот на етничките Македонци не е дел од процесот и дека пополнувањето на графите за јазикот и за државјанството е техничко прашање, Димитров одговори:
„Предметот на овој спор – нашето име, тоа го имплицира и прави простор за овој страв и токму поради овие најаснотии, независно од одговорот на медијаторот, ние мораме да најдеме начин да го покриеме тој страв, зашто ќе нема решение. Второ, она што на Атина и е во интерес е да направи дистинкција меѓу нашата држава Македонија и нејзината провинција Македонија и таа дистинкција треба да биде што е можно поприфатлива за нас, а прифатлива и за нив. Исто така, прашање е каде се таа дистинкција ќе се применува. Она што е важно е двете земји да најдат начин ова да го затворат така што ќе ги покријат клучните интереси на другата страна. Мислам дека тоа не е невозможно ако има политичка волја, а се надевам дека таква волја ќе се верифицира низ процесот што го води Нимиц. Наша задача е да извлечеме што е можно повеќе во дадените околности, знаејќи дека и Грција треба да се согласи со тоа решение.“
Димитров рече дека ниту може да се прифати нешто што ќе биде лошо само за да има решение, ниту може да се одбие нешто што ги покрива основните работи.
„Важно е и да се знае дека нерешавањето на прашањето создава неизвесност, зашто е важно за стабилноста, за иднината на РМ да ги отвориме вратите на НАТО и ЕУ. Тепајќи се со Грција нема да успееме и тоа го пробавме изминатите години. Зашто зачленувањето значи дека со Грција ќе седиме на иста маса како сојузници“, изјави Димитров.
Според него, Нимиц ќе излезе со конкретна понуда „штом почувствува каде сме ние, каде е Атина и штом процени што може да биде предмет на подетални разговори“. Притоа, вели Димитров, посредникот може да има дилема дали првично да излезе со рамка, која ќе биде флексибилна и ќе може да се дополнува, или со пофинална форма на предлог, како документ што ќе врши директен притисок, но ќе носи и поголем ризик поради можноста да биде отфрлен од една од страните.
Министерот Димитров откри и дека пред средбата на Нимиц со преговарачите, тој се сретнал со претставник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за да го информира со какви позиции ќе настапи Македонија на состанокот. Димитров не сакаше да открие повеќе детали за средбата која била во функција на градење домашен консензус за прашањето за името.
Прашан дали новата влада има доверба во преговарачот Васко Наумовски, кој беше вицепремиер во една од владите на Никола Груевски, Димитров рече:
„Претходно имам лично преговарачко искуство, исто така во услови на кохабитација. Тоа не е едноставна позиција, особено кога има односи на искричења, така што таа улога во вакви услови бара доблест, чувство за државата, интегритет. Од она што досега го имам видено во Вашингтон, во контактите, на неодамншените брифинзи, имам позитивно искуство и мислам дека се наоѓаме на интересите на државата. Преговарачот е резултат на предлог на влада и именување од страна на претседателот на државата.“
„Замаглена“ Саботажа, емитувана на 15 декември 2017 година (петок) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
Во новото издание на „360 Степени“ на ТВ Алсат-М – интервју со министерот за надворешни работи, Никола Димитров:
-што може да се заклучи од средбата на Нимиц со преговарачите во Брисел;
-кое е решението за името што не би ја понижило Македонија;
-дали идентитетски одредници се дел од преговорите;
-кога Нимиц ќе излезе со конкретен предлог;
-каков е ставот на САД и Германија и каква е улогата на Русија во однос на Македонија;
-што мисли за сомнежите за мешање на извршната власт при последниот избор на судии во Судскиот совет.
– Нова „Саботажа“
Во буџетот за в година се предвидени само 3,5 милиони евра за изградба на нови или санација на постоечки училишни згради. А, списокот за итни интервенции е долг.
Притоа нема голема разлика дали станува збор за рурални или урбани средини.
Хекуран Акифи ја има приказната за условите во кои учат децата од Бајловце, село од разбиен тип во општина Старо Нагоричане и во кумановското училиште „Бајрам Шабани“.
Уверете се сами дали во вакви околности е возможна нормална настава.
На Европа и треба силна Германија со стабилна влада, која ќе го продолжи трендот на проширување кон Западниот Балкан, вели долгогодишниот член на германскиот парламент, со хрватско потекло Јосип Јуратовиќ.
Според него, перцепцијата на Берлин е дека Македонија во изминатите месеци е позитивна приказна на Балканот и ако ги исполни задачите, државите-членки на ЕУ тоа треба да го вреднуваат преку напредок во евроинтеграциите.
Погледнете го разговорот со Јуратовиќ снимен во седиштето на Бундестагот во Берлин.
©2024 360 степени, Сите права се задржани