На секои десет граѓани во Македонија, осум го делат мислењето дека во блиското минато имало политички монтирани судски случаи. Спротивниот став, дека такви случаи нема, го дели само еден од десет жители на земјата.
Ова го покажува анкетата за состојбите во судството, која ја направи Институтот за демократија за емисијата 360 Степени.
Прашани, дали тие спорни случаи треба да се преиспитаат, дури 77,5 отсто од испитаниците одговориле Да, наспроти 12 отсто кои се против и 10,5 отсто кои не знаат.
На следното прашање, дали состојбите во судството треба да се подобрат, одговорот е речиси консензуален. Дури 85% велат да.
Поразителен е и резултатот дека само 12,5% од испитаниците сметаат дека судските предмети се делат автоматски и по случаен избор и дека дури 72% мислат дека претседател на суд се станува со послушност кон владејачката партија или поради семејни и пријателски врски.
Марко Трошановски- институт за демократија „Социетас Цивилис“
„Станува збор за или дефетизам на граѓаните, целосна разочараност од можноста нешто да биде подобрено или пак констатација дека е навистина многу лошо, 85% од популацијата. Ако тоа се земе на една страна, дополнето со разочараноста во професионалниот напредок во кариерата на судиите, како и непристрасниот доделување на судиите, јасно е дека граѓаните очекуваат во огромен дел работите во судството да бидат сменети бидејќи вакво какво што е судството не им ја задоволува потребата за правда.“- изјави Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“
360 Степени и Институтот за демократија ги прашаа граѓаните и како може да се средат состојбите во судството? Трите најзастапени одговори се: да се разрешат проблематичните судии посакуваат околу 37 отсто, да се изврши генерален реизбор на судии околу 29 отсто, а 15 отсто сметаат дека работата е непоправлива.
Но додека бројот на воздржани граѓани е мал кај прашањата за актуелните состојби, анкетата покажа голема резерва за тоа што ќе се случува во иднина- особено за одговорноста на политичките елити. 45,5 % сметаат дека при промена на власта, политичарите досега си се амнестирале меѓусебно а дури 32,7 % немаат став по прашањето.
Дали ќе има меѓусебна амнестија и по последната промена на власта? Околу 39 отсто сметаат дека овој пат ќе биде поинаку и претставниците на претходната власт ќе одговараат ако се огрешиле пред законот. Сепак, високи 26,3 отсто се на став дека и овој пат никој нема да одговара. Дури 34,8% испитаници рекле дека не знаат или дека немаат одговор.
Марко Трошановски- институт за демократија „Социетас Цивилис“
„ Во голем дел, оваа резерва кај нив се должи на неизвесноста што моменталниот политички перформанс на оваа влада го создава. Реформите во правосудството се во нивниот зачеток. Освен декларативниот политички изјави, волја или започнување на некои процеси кои се само во нивниот зародиш, немаме ништо конкретно од реформите во судството. … Така што луѓето се резервирани, дали работите ќе бидат подобри бидејќи не знаат дали ќе бидат подобри. “- толкува Трошановски.
Освен граѓаните, реформите во правосудството ги очекува и Европската Унија, од што ќе зависи дали Македонија ќе добие позитивен извештај на пролет. Патоказот, што треба да се поправи, е содржан во двата извештаи на Прибе.
Клучните прашања се уште се третираат на релацијата- Министерство за правда- Совет за реформи и работни групи. До овој момент, во собраниска процедура се укинувањето на Совет за утврдување факти, законот за заштитени сведоци и законот за амнестија. Измените во двотретинските закони допрва ќе се работат. Готова и усвоена на Влада е и стратегијата за реформи во правосудниот сектор, која ја изработи работната група предводена од професорката Ана Павловска Данева.
Во контекст на ставовите на граѓаните изразени во анкетата, во стратегијата:
– нема насоки за повторување на т.н. политички случаи
– нема генерален реизбор на судии
– нема влез на нови судии надвор од Академијата за судии и јавни обвинители
Но, предвидено е:
– изборот и унапредувањето на судиите да се врши по строги и јасни критериуми
– зајакнување на системот за непристрасна распределба на предмети АКМИС
– нови, построги критериуми за избор во Судскиот Совет и воведување индивидуална одговорност за членовите.
Но, на виделина излезе спор во Советот за реформи, кој брои 17 надворешни експерти како и 8 службеници, министерот и заменикот министер за правда. Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев објави дека дава оставка, додека други членови, како професорот Љубомир Фрчкоски јавно обвинија дека улогата на надворешните експерти е сведено на декор во процесот.
Љубомир Д. Фрчкоски- универзитетски професор (24 Вести, 15.12.2017г.)
„Нашата приказна е таква и единствено како таква може да опстои а тоа е да биде координатор на реформите… Таа координација каде оди реформата треба да биде од нас составена и ние имаме намера тоа сериозно да го направиме и во таа смисла ќе дојдеме во судир со оваа група нужно. Бидејќи тоа прашање на моќ е, знаете? Но, на крајот на краиштата, врти-сучи, ќе дојдете на тоа кој ги определува шефовите на групите кои работат. Не може да ги определуваат од правда.“- изјави универзитетскиот професор Љубомир Д. Фрчкоски, на гостувањето на 24 Вести на 15.12.2017г.
Очекувано е судирот да ескалира, бидејќи како што вели професор Фрчкоски, дел од членовите на Советот се подготвени да настапат со своја иницијатива, макар и чекорите да не се предвидени во владината Стратегија.
Љубомир Д. Фрчкоски- универзитетски професор (24 Вести, 15.12.2017г.)
„ Ние ќе предложиме нови шефови на работните групи. И при тоа ќе ги земеме во обѕир професорите кои се членови на Советот… Второ е, кој закони по ѓаволите ќе треба да се донесат во прв пакет и да и се овозможи на владата кредит дека правда е возможна… Ние мора да расправаме три четири закони кои мора да бидат донесени веднаш, можеби до нова година. Значи, законот за амнестија, со корекција, не ваков како што е предложен од министерството за правда или од Влада, законот за поништување на лустрација и начинот на којшто ќе се обновуваат постапките во монтираните случаи онаму каде што има драстично кршење на човековите права.“- објасни професорот Фрчкоски.
Министерот за правда, кој е и претседател на Советот, е на став дека кај дел од членовите на Советот има суштинско неразбирање за улогата што им е доделена.
Билен Саљији- министер за правда
„Сведоци сме на забелешки од некои од членовите на Советот за набљудување на реформите. Треба да објаснам за јавноста дека овој Совет е формиран со одлука на министерот за правда и има за цел набљудување на реформскиот процес кој веќе е јасно трасиран.“ – изјави министерот за правда, Билен Саљији.
За него не држат и обвинувањата дека не се зема предвид мислењето на Советот, како на пример за политички мотивираните случаи. Бидејќи, во крајна линија, патоказот е усогласен со Брисел.
Билен Саљији- министер за правда
„Јас во оваа насока можам само да повторам дека Стратегијата, откако беше усогласена со ставовите на Европската комисија, помина и во Советот. Што значи дека сите предвидени проекти врз основа на Стратегијата за реформи во судството, Советот веќе ги усвоил. Да го потенцирам и ова. Министерството за правда е тоа што ги креира политиките во ресорот правда во овој случај, а потоа ги усвојува Владата на Република Македонија, која ги поднесува до Собранието на Република Македонија. Но, ова не значи дека секоја идеја која што е за доброто на граѓаните на Република Македонија, во насока на реформа на судскиот систем во Република Македонија, не може да биде разгледана. И, зошто да не, доколку сите постигнеме компромис, да биде и усвоена.“- објаснува Саљији.
Разликите на релација Совет- министерство ќе се пеглаат утре. Од епилогот може да зависи понатамошната динамика на реформите, но и јавната перцепција кај граѓаните дали нешто ќе се подобри. Бидејќи, на секои сто граѓани 85 очекуваат работите во судството да тргнат во позитивна насока.
Напишете коментар