Ќе се утврдува одговорност и ќе бидат санкционирани сите кои направиле пропусти, намерни или ненамерни, велат од Министерството за правда

Откако денеска ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, не беше спроведен од Казнено-поправниот дом (КПД) Струга на судско рочиште за случајот „Титаник 2“ во Основниот кривичен суд во Скопје, Управата за извршување санкции најави вонреден инспекциски надзор во струшкиот затвор.
Од Министерството за правда, под чија надлежност е оваа Управа, најавуваат дека одговорните ќе бидат казнети.
„Во врска со постапката за спроведување на Сашо Мијалков од КПД Струга на повторено судење за случајот ’Титаник 2‘ ве информираме дека Управата за извршување на санкции ќе ги преземе сите активности кои се во нејзина надлежност и ќе направи вонреден надзор во установата за утврдување на фактичката состојба. Ќе се утврдува одговорност и ќе бидат санкционирани сите кои направиле пропусти, намерни или ненамерни. За извршениот вонреден надзор, јавноста ќе биде дополнително информирана“,
најавуваат од Министерството за правда.
За непојавувањето на Мијалков на денешното рочиште првично информираа набљудувачите од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Потоа, директорот на струшкиот затвор, Ваљон Ќура, рече дека причината што не го спровеле Мијалков е техничка грешка на Основниот кривичен суд Скопје, односно погрешни датуми наведени во наредбата за спровод. Тој и сподели фотографии од наредбите за спровод.

Според неговата изјава, во КПД Струга на 28 ноември стигнала прва наредба од скопскиот суд за ексдиректорот на УБК да биде спроведен на рочиште закажано на 12 декември. Од затворот, како што наведува Ќура, постапиле по наредбата и го спровеле Мијалков, но го вратиле назад бидејќи рочиштето се одложило.
Потоа на 14 декември стигнала нова наредба за спроведување на Мијалков за рочиште за истиот предмет, но повторно со истиот датум – 12.12.2022.

Од Кривичен, пак, спротивно од директорот тврдат дека немало никаква грешка во датумите. Од судот преку соопштение појаснија дека согласно судската пракса по која се постапува, наредбата за спровод на лице, може да содржи дата за насрочена прва главна расправа, а за сите понатамошни наредби важи евиденцискиот број на повратницата која ја добива затворот.
„Судечкиот совет кој постапува по предметот, на денешната главна расправа, по добивање на информацијата дека обвинетиот не е спроведен од Затворот Струга, пред сите присутни странки и јавноста на судењето ја прикажа Повратницата од достава на наредба за спровод, примена во затворот на 14.12.2022 година, а на која под графата Евиденција (ЕВ) за време е наведена датата 22.12.2022 година што е показател за денот кога треба да се изврши спроводот“,
рекоа од судот.
И оттаму споделија и фотографија во која во графата Евиденција е наведен денешниот датум – 22.12.2022 г.

Случајот „Титаник 2“, каде Мијалков седи на обвинителна клупа, се однесува на договарање за гласање во ДИК во врска со приговор на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013 година. Покрај Мијалков обвинети се и лидерот на ДПА Мендух Тачи и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.
Ова е втор пат да се води постапка пред првостепениот суд бидејќи по осудителната пресуда со затворски казни за сите обвинети, Апелацискиот суд Скопје го врати предметот на повторно судење.