Ивановски вели дека во моментот се гради мостот број 7 во должина од 194 метри, кој е најдолгиот мост на оваа делница и еден од трите неизградени од вкупно 29 моста

Градежните активности за изградба на железничката пруга од Коридорот 8, на делницата од Бељаковце до Крива Паланка, се одвиваат со засилен интензитет. Ова го потврдија вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, и директорот на ЈП „Македонски железници – инфраструктура“, Синиша Ивановски.
Станува збор за делница со должина од 34 километри, која е дел од проектот за железничко поврзување со Бугарија.
Според деталите што ги објави директорот Ивановски, фокусот во моментот е ставен врз изградбата и санацијата на мостовите по должината на трасата.
Ивановски вели дека во моментот се гради мостот број 7 во должина од 194 метри, кој е најдолгиот мост на оваа делница и еден од трите неизградени од вкупно 29 моста.
Паралелно, вели Ивановски, се врши производство на соодветни бетонски елементи за реконструкција на 26-те моста што се делумно изградени уште во 90-тите години.
„Вкупно треба да се произведат 352 бетонски елементи, а до моментот се произведени 71, со динамика од 10 неделно“,
пишува Ивановски во објава на неговиот фејсбук-профил.
Вкупниот прогрес на проектот на делницата Бељаковце – Крива Паланка моментално изнесува околу 40 проценти. Од МЖ „Инфраструктура“ очекуваат до крајот на оваа година да достигне 50 проценти.
