Апелацискиот суд – Скопје попладнево потврди дека се уважени жалбите на обвинетите во случајот „Титаник 2“, со што ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд – Скопје на повторно постапување и одлучување.
Одлуката, како што се вели во соопштението, е донесена на јавна седница уште на 4 минатиот месец, поради суштествени повреди на постапката поради кои првостепената пресуда се смета за незаконита и неправилна.
„При разгледување на пресудата, Апелацискиот суд констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил многубројни суштествени повреди на постапката од апсолутен карактер, поради кои одлуката е во целост незаконита и неправилна. Во таа насока, жалбениот совет констатираше дека утврдените факти што го чинат законското обележје на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите во целост противречат на содржината на изведените докази, а воедно првостепениот суд неосновано се впуштил и утврдувал факти за постоење кривична одговорност за лица кои немаат својство на обвинети во конкретната постапка“, се вели во соопштението од Апелација.
Со првостепената пресуда, која со одлуката на Апелација се укинува за сите обвинети, Мијалков доби 3 години затвор, а на 3 години и 2 месеци беше осуден Мендух Тачи.
Најголема затворска казна доби поранешниот член на ДИК, предлог на ДПА, Бедредин Ибраими – 4 години и 6 месеци, додека членовите на ова тело од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев добија по три години затвор.
Овој случај го покрена СЈО, кое отвори истрага на 12 февруари 2016 година, а покрена обвинение на 29 јуни 2017 година. Пресудата, пак, беше изречена на 8 март годинава. Првично беа опфатени и петмина судии на Управниот суд кои се повикаа на имунитет, а обвинението за нив отпадна.
„Титаник 2“ се однесува на договарање за гласање во ДИК во врска со приговор на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013 година.
Апелација одлучи мерките на претпазливост за обвинетите да останат во сила.