Во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, новата шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, одговараше на прашања за тоа дали и што проверува ОЈО ГОКК во врска со случајот со Алта банка АД Битола, која по одземањето на дозволата за работа на Алта банка АД Белград е под принудна управа на Народната банка на РСМ и ќе оди на продажба
360°: Актуелен е случајот со Алта банка Битола, која по одземањето на дозволата за работа на Алта банка АД Белград од Република Србија е под принудна управа на нашата Народна банка. Ако ги тргнеме настрана обидите за фокус, дефокус, спинови итн., се чини дека клучен момент е давањето дозвола од Извршниот одбор на Народната банка за влез на Алта банка Србија во Стопанска банка Битола тогаш, сега Алта банка Битола. Моето прашање е: зошто досега нема оформен предмет за овој случај? Или нешто не знаеме?
Хаџи Василева: Во однос на ова прашање јасно е дека постои висок јавен интерес, токму и затоа претпоставувам дека на тоа се однесува вашето прашање, и ние во тој дел како Обвинителство будно ги следиме настаните. Но мора да објаснам нешто за граѓаните и за јавноста: дека допрениот глас и постапувањето по допрен глас бара одреден… бара постоење и на сомневање и на елементи на кривично дело, меѓу кои елементи е секако и последицата. Во дадениов момент, од она што го следиме, не се настапени штетна последица, што не значи дека не постојат одредени индиции за финансиски текови. Во однос на таа работа би било прерано и не би смеела да зборувам во однос на испитувањето на одредени индиции за финансиски текови, но во секој случај ова прашање будно се следи. Колегите од Србија, каде од она што го знаеме се води истрага во некаква понапредна фаза, се немаат обратено воопшто до нас со некакво барање за правна помош или меѓународна правна помош.
360°: А вие до нив?
Хаџи Василева: Ние до нив, како што објаснив, би требало да имаме причина за да се обратиме.
360°: Е сега, зборувате за „не е настаната“, велите, „штетна последица“. А дали тоа што сопственикот на Алта банка Битола отиде во стечај, му беше одземена дозволата за работа во Србија, не е штетна последица?
Хаџи Василева: Затоа велам…
360°: Бидејќи сега банката, нашата банка, оди на продажба.
Хаџи Василева: Ќе бидам многу внимателна во одговорот, бидејќи сензитивноста во однос на прашањето го бара тоа и можноста да откривам детали од потенцијални проверки кои ги правиме. Во секој случај, штетна последица во моментот за нашите граѓани или за нашата држава, од она што го следиме и е познато, не е настапена.
360°: Тоа што имаат ограничувања во располагањето на своите пари, тоа не ли е штетна последица?
Хаџи Василева: Тоа не значи дека останатите институции – и тука апелирам до останатите институции кои имаат превентивни и регулаторни овластувања и механизми и имаат обврска да реагираат – да спречат да дојде до таква последица од она што го знаеме. Тоа не е работа на Јавното обвинителство.
360°: Дозволете уште малку за овој предмет. Според членот 59 став 6 од Законот за банките, Извршниот одбор на Народната банка мора да ги одбие барањата за купување на акциите, конкретно од Алта банка Србија на Стопанска банка Битола, ако има основана причина за сомнеж во интегритетот на купувачот или на лицата поврзани со него. Друга основа за одбивање е ако податоците укажуваат на висок ризик за репутација на самата банка. Значи, законот оперира со термини како интегритет на купувач, репутација итн. Треба ли ова да го проверува Обвинителството? Зборуваме за пресечниот момент – 1 септември 2025 година, кога Извршниот одбор на Народната банка дава дозвола за влез на Алта банка Србија во Стопанска банка Битола.
Хаџи Василева: Кога е настаната причината за она за кое го разговараме денес, ве разбирам. Законот за банки точно има… утврдува јасни и високи стандарди во однос на она што значи обврски од страна на Народната банка како регулатор на банкарското работење. Меѓутоа, ваквото прашање… не е адреса Јавното обвинителство од аспект на тоа дали и колку се испочитувани и постигнати овие стандарди кои ги бара Законот за банки. Дали Јавното обвинителство ги испитува овие работи? Јас се обидов прецизно да кажам дека постојат индиции за финансиски текови. Ова се прашања кои подразбираат исполнетост на стандарди. Во овој момент не е постигната доволна основа за Јавното обвинителство од кривично-правен аспект да испитува овој тип на прашање.
360°: Кога велите, употребивте една формулација „потенцијални проверки што ги правиме“, тие се однесуваат на финансиските текови?
Хаџи Василева: Индиции за финансиски текови. Во однос на проверки за кои, со оглед на многу раната фаза, и не може да се зборува подетално и да се изнесува во однос на јавноста.
360°: Да сумираме: предмет во предистрага во ОЈО ГОКК не постои.
Хаџи Василева: Предмет во предистрага во ОЈО ГОК во однос на ова што го прашувате не постои.

360°: Во однос на индиции за финансиски текови?
Хаџи Василева: Во однос на индиции за финансиски текови – да, се вршат проверки. Прелиминарни. А во однос на вашето прашање, кое е многу пошироко и се однесува, ако добро ве разбирам, во однос на навистина поширок спектар на монетарното работење и надлежности пред сè кои се однесуваат и ги опфаќаат ингеренциите на другите институции, Народната банка…
360°: Но, ако биле прекршени одредбите на членот 59 став 6, сметате дека треба да има само политичка одговорност?
Хаџи Василева: Многу е важно да разбереме дека законите, особено во однос на делот на стандардите кои ги поставуваат, прекршување на некакви одредби и стандарди не е само по себе и по некаков дифолт не повлекува кривично-правна одговорност. Се обидувам да бидам рестриктивна во одговорите токму од причина што во однос на прашањето за Алта банка многу аспекти се отвараат во јавноста, а кривично-правно она што може да биде фокус во смисла на јавнообвинителска работа е потесна… потесен домен. Оттука, не сакам да…
360°: Злоупотреба на службена положба и овластување?
Хаџи Василева: Не секое прекршување на одредби, доколку и постои она на кое вие референцирате, може и влегува во светло на кривично-правна потенцијална одговорност.
360°: Ќе следиме.
Хаџи Василева: Но секако прашањето за Алта банка е доста актуелно и ве разбирам, постои висок јавен интерес. Обвинителството го следи ова прашање, имајќи во предвид… токму водејќи се од она што е забележливо дека повлекува доста внимание и се разбира и потенцијално многу значајно прашање кое може да тангира и кривична одговорност. Во моментов навистина апелирам надлежните институции да се грижат и да применат свои овластувања да не дојде до штетни последици кон граѓаните.
За прославата на 35-годишнината од независноста
360°: Во кампањата за избор за шеф на ОЈО ГОКК рековте – „допрен глас е нешто што не обврзува“. Но, во мноштво случаи, јас ќе речам во огромно мнозинство случаи, вашите постапки се иницирани од пријави од правосудната полиција, независно дали од МВР, Финансиска полиција… Дали, на некој начин, тие ја предодредуваат вашата работа, госпоѓо Хаџи Василева?
Хаџи Василева: Ве разбирам. Допрениот глас е еден од институтите кои ги применуваме и мислам дека сме сведоци дека сè почесто претставува иницијација на некои кривични постапки кои будат особено висок интерес во јавноста. Од друга страна, пријавите што доаѓаат од правосудната полиција – сето она што подразбира правосудна полиција, дали ќе биде МВР, дали ќе биде Финансиска полиција, Царинската управа – е нешто што е па редовниот тек на пријавување и иницирање на постапки пред Јавното обвинителство.
Дали тие иницираат и на некој начин ја креираат политиката на кривичен прогон, ако добро ве разбирам, во таа насока е прашањето… Би рекла не, во однос на она што значи работа на Јавното обвинителство. Зошто? Бидејќи во Јавното обвинителство, во „Организиран“, генерално, особено оние предмети кои се помасивни, кои опфаќаат поголем број на лица и сторители, обвинителите се вклучени уште во една порана фаза во однос на насоки и интервенција кон правосудната полиција која спроведува дејствија и ги насочуваат, во смисла на начелата на економичност и целисходност на постапките. Така што, да заклучам: јас имам, одлична соработка имаме досега со, ете, МВР како најчест подносител на пријави, а би сакала уште повеќе да се унапреди таа соработка, во онаа смисла во која прашувате, на навистина креирање на политика на кривичен прогон кој ќе значи реален одговор на потребите, реален одговор на она што е најприоритетно и најголем јавен интерес, бидејќи знаете, ресурсите се тие и ние мораме…

360°: И не само за случаи од пред 4, 5, 10 години, туку и за нешто што се случува сега.
Хаџи Василева: Јас би сакала да се фокусирам… ќе мораме да се фокусираме на нешто што се случува сега. Се разбира, сето она што може да се гони, кое тангира некакви постари предмети и постари настани, ќе биде исто така предмет на разгледување. Но, мора да дадеме приоритети во работењето за да се обидеме да испорачаме, како да речам, резултат за граѓаните кој ќе значи подобар живот – организирани криминални групи, висока корупција – кои ќе значат де факто подобрување на квалитетот на нивниот живот со сузбивање на…
360°: Значи, ОЈО ГОКК ќе отвора предмети по сопствена иницијатива?
Хаџи Василева: Се разбира дека ќе отвора предмети по сопствена иницијатива.
360°: А има ли предмет за прославата на 35-годишнината од независноста? Според документите што беа јавно објавени, понудата до Државната лотарија стигнала на 8 мај, веќе истиот ден е склучен и договорот со оној кому му се дадени парите за да ја организира прославата на 35-годишнината.
Хаџи Василева: Од она што имаме информации и податоци, во ОЈО ГОКК не се води постапка во моментот за ова прашање.
360°: Понудата била на стотина страни… и сега, истиот ден стигнала, била разгледана, била донесена одлука за избор и бил склучен договорот, а станува збор за договор од околу 4,8 милиони евра јавни пари. Ова не буди ли индиција да бидат проверени работите?
Хаџи Василева: Пак ќе речам, од она што го имам како информација, во моментот нема предмет. Дали буди индиција, ќе видиме во претстојниот период.
360 степени: Добро. Да видиме дали и каде силно ќе светне денот, нели така беше мотото на прославата.
