Премиерот Зоран Заев ќе го поддржи предлогот за разрешување на директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова.
Иницијативата за разрешување доаѓа од вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски и Заев очекува тој и официјално да го предложи разрешувањето на владина седница.
„Не можам да кажам за Владата, јас лично тој предлог ќе го прифатам, односно доколку Владата се согласи ќе дадеме сугестии до Управниот одбор да постапи поради етички дел. Другиот дел е нешто што го работат други институции, ние не сме надлежни за евентуална кривична одговорност. Тука имаме доволен етички дел каде што треба да се понесе одговорноста и се согласувам дека Владата треба да реагира при вакви прашања, не повеќе за тоа дали требало да се финансира едукација на фризери, туку за односот кон вас новинарите и медиумите не е доволно отчетен и рамноправен“,
порача Заев.
Работата на Националната агенција и на Димова периодов е во фокусот на јавноста откако се објавија новинарски написи за тоа на какви проекти се делеле пари. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, исто така, бараше оставка, а Димова, пак, на прес-конференција ги отфрли сомнежите и порача дека нема да се повлече додека не се истражи проневера на 2,2 милиони евра од претходното раководство на Националната агенција.
- ВМРО-ДПМНЕ: Барањето оставка од Димова е театар, треба и кривична одговорност
- ВМРО-ДПМНЕ: Братот на пратеникот од СДСМ, Диме Велковски, добил пари за уште еден проект од агенцијата со која раководи Димова
- Димова не планира оставка, мило ѝ е што и ЕК ќе истражува дали има злоупотреби
По сомнежите во македонската јавност, се огласи и Брисел од каде што соопштија дека Европската комисија ќе ја проверува можната злоупотреба на европските фондови. И домашните органи, Финансиската полиција и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција посочија дека има предистражна постапка.