Ако директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова не поднесе оставка, бидејќи тоа е работа на Управниот одбор на Националната агенција, ќе побарам нејзино разрешување, изјави вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.
Тој вели дека има различно мислење од Димова која е на став дека не треба да се повлече. Но, согласно неговите ингеренции најави дека ќе бара од Заев, таа да понесе политичка одговорност и да замине од функцијата.
„Ќе ги искористам моите инструменти како задолжен член на владата за спроведување на кодексот на однесува и од претседателот на Владата ќе побарам политичка одговорност односно барање за оставка од директорката на оваа Агенција и паралелно целосно расчистување и утврдување на вистината што се некој друг вид на постапки кои ги тераат останатите органи“,
рече Николовски.
Вицепремиерот порача дека законите мора да важат за сите и дека никој не е недопирлив. Сепак, нагласи дека е важна е и презумцијата на невиност.
„Секако постои презумцијата на невиност, но Етичкиот кодекс за чиешто спроведување сум задолжен јас, а со кој се опфатени членовите на Владата и избраните функционери предвидува и санкции, како и поднесување на политичка и морална одговорност. Со ова разрешување сакаме да пратиме порака до сите дека навистина сме спремни да се бориме против корупцијата, дека немаме двојни аршини, сме добиле огромна чест и одговорност од граѓаните, која мораме да ја оправдаме“,
изјави Николовски.
Работата на Националната агенција и на Димова периодов е во фокусот на јавноста откако се објавија новинарски написи за тоа на какви проекти се делеле пари. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, исто така, бараше оставка, а денеска објави и нов случај во кој тврди дека братот на пратеникот од СДСМ Диме Велковски, покрај парите за „тренирање магаре“ добил пари за уште еден проект од агенцијата со која раководи Лидија Димова.
По сомнежите во македонската јавност, се огласи и Брисел од каде соопштија дека Европската комисија ќе ја проверува можната злоупотреба на европските фондови. И домашните органи, Финансиската полиција и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција посочија дека има предистражна постапка.
- Европската комисија отвори истрага за можна злоупотреба на фондовите „Еразмус плус“ во земјава
- Случајот „Фризерница“ во предистражна постапка
Димова, пак, на прес-конференција ги отфрли сомнежите и порача дека нема да се повлече додека не се истражи проневера на 2,2 милиони евра од претходното раководство на Националната агенција.