Според моменталните проценки на компанијата, мала е веројатноста дека овие проблеми се предизвикани од кибернапад. Оттаму наведуваат дека работат на неколку можни решенија, но оценуваат дека досега преземените мерки не ги дале очекуваните резултати
Стотици илјади корисници ширум светот од вчера се соочуваат со прекини во работата на услугите на „Мајкрософт“, вклучувајќи ја услугата за е-пошта „Аутлук“, платформата за комуникација „Тимс“ и чет-ботот со вештачка интелигенција „Копилот“. Недостапноста на улслугите „Мајкрософт“ предизвика сериозни прекини во работата на компаниите, образовните институции и јавните служби.

Проблеми со апликациите се пријавени во 74 земји, а големиот технички проблем трае повеќе од 10 часа. Меѓу погодените земји се Соединетите Американски Држави, Јапонија, Сингапур, Велика Британија и Австралија.
Според моменталните проценки на компанијата, мала е веројатноста дека овие проблеми се предизвикани од кибернапад. Оттаму наведуваат дека работат на неколку можни решенија и на обновување на серверите, но оценуваат дека досега преземените мерки не ги дале очекуваните резултати.
„Им се извинуваме на нашите корисници за предизвиканите прекини. Работиме на нивно решавање“,
напиша Чарлс Ламана, еден од раководителите во компанијата, во објава на Икс.
Од компанијата додаваат дека иако во одредени региони се забележани подобрувања, услугите што повторно станале достапни може да престанат да функционираат штом ќе се зголеми бројот на корисници.
