Работењето на Националната агенција за европски образовни програми веќе е под лупа на Финансиската полиција и Обвинителството за гонење организиран криминал
Случајот „Фризерница“, кој се однесува на распределбата на европските пари од програмата „Еразмус“, е под лупа на Финансиската полиција. Оттаму за Алсат потврдиле дека е отворена предистрага за Националната агенција за европски образовни програми, во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Детали не се откриваат поради тајноста на предистрагата.
„Од наша страна се преземаат мерки и активности, согласно со Законот за кривична постапка“,
изјавиле од Управата за финансиска полиција.
Информацијата дека има предистражна постапка ја потврдуваат и од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
„Ве известуваме дека Финансиската полиција постапува по допрен глас за распределбата на средствата за кои прашувате. Основното јавно обвинителство за гонење на органииран криминал и корупција е известено дека од страна на Финансиската полиција ќе биде земена на увид целокупната документација поврзана со сите едукатори со кои Националната агенција за образовни програми склучила договор. Доколку во натамошниот тек на постапувањето, Финансиската полиција побара од обвинителството, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција стои на располагање во секој момент да излезе во пресрет за издавање насоки или наредбиза преземање натамошни дејствија”,
велат од обвинителството.
И Европската комисија проверува дали има злоупотреби со европски пари во Агенцијата со која директорува Лидија Димова.
Директорката на Агенцијата Лидија Димова, на денешната прес-конференција, ги отфрли сомнежите и обвинувањата за распределбата на пари преку европската образовна програма „Еразмус“.