Финскиот претседател Александар Стуб изјави дека учесниците на состанокот постигнале вистински напредок по две важни групи прашања – долгорочни мировни решенија и итни мерки што би можеле да го намалат бројот на жртви. Зборувајќи за долгорочното решение, тој рече дека се пронајдени одредени елементи од можен мировен договор и дека предлозите ќе ѝ бидат презентирани на руската страна за време на утрешните разговори во Санкт Петербург

Претседателот Володимир Зеленски по денешните разговори во Осло изјави дека Украина сака што поскоро да ја заврши војната со Русија и е подготвена за преговори. Финскиот претседател Александар Стуб изјави дека на средбата со американскиот претставник Стив Виткоф е постигнат вистински напредок и дека предлозите за мир утре ќе бидат доставени до руската страна, пишува Би-би-си.
Зеленски потврди дека американскиот систем за рано предупредување против руски напади сега повторно функционира и им се заблагодари на САД за соработката.
„Благодарни сме на американската страна. Сега функционира, одлично е“,
рече Зеленски нагласувајќи колку се важни навремените предупредувања за безбедноста на украинското население.
Неговата изјава доаѓа по неколкудневните тензии меѓу Киев и Вашингтон поради украинските тврдења дека САД повеќе не даваат навремени информации за руските ракетни напади. Американскиот државен секретар Марко Рубио претходно ги отфрли обвинувањата дека Вашингтон намерно крие разузнавачки информации од Украина. Тој тврдеше дека немало политичка одлука за прекин на соработката, туку дека проблемите се од техничка природа.
Зеленски денес потврди дека разговарал со Рубио и му се заблагодари за неговата подготвеност да помогне во решавањето на проблемите со кои се соочува Украина.
Финскиот претседател Александар Стуб изјави дека учесниците на состанокот постигнале вистински напредок по две важни групи прашања – долгорочни мировни решенија и итни мерки што би можеле да го намалат бројот на жртви. Зборувајќи за долгорочното решение, тој рече дека се пронајдени одредени елементи од можен мировен договор и дека предлозите ќе ѝ бидат презентирани на руската страна за време на утрешните разговори во Санкт Петербург.
Кога станува збор за итни мерки, Стуб рече дека учесниците разговарале за воздушна одбрана, заштита на енергетските капацитети и можни делумни прекини на огнот. Според него, учесниците во разговорите имаат слични ставови за овие прашања.
„Според моето искуство, мирот бара трпение. Но, војната, за жал, не чека. Луѓе умираат секој ден. Мислам дека денешната средба беше чекор во вистинската насока“,
вели Стуб.
Зеленски потврди дека американскиот претставник Стив Виткоф утре ќе патува во Русија, каде што се очекува да разговара за предлозите дадени за време на состанокот во Осло со руската страна. Украинскиот претседател рече дека Киев веднаш го поддржал предлогот на САД за запирање на нападите врз енергетската инфраструктура, но дека Русија одговорила со продолжување на нападите.
Тој изрази желба претставниците на САД да ѝ ги пренесат на руската страна предлозите за можно мирно решение на војната. Тој, исто така, ја спомена и можноста за организирање состанок на тројцата претседатели, што би значело директни разговори меѓу Зеленски, Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
„Ќе видиме што има да каже Путин“,
рече Зеленски.
Норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе нагласи дека европските земји мора да имаат место на преговарачката маса кога се одлучува за иднината на Украина.
„За да постигнеме траен и праведен мир, ни требаат САД, Украина, Русија и Европа“,
рече Сторе.
Тој објасни дека ниту тој ниту финскиот претседател Стуб не зборуваат во име на цела Европа и дека за резултатите од разговорите ќе ги извести другите европски лидери. Тој нагласи дека Европа мора да учествува во донесувањето одлуки бидејќи европските земји се тие што ќе живеат со долгорочните последици од војната.
Стуб додаде дека тој и Сторе се обидуваат да помогнат во преговорите работејќи претежно зад сцената и дека е важно Трамп и неговите преговарачи да останат вклучени во мировниот процес.
