Алисон Харт, главниот портпарол на НАТО, вели дека Алијансата ќе продолжи да биде обединета и да гарантира дека е подготвена и способна да се справи со секоја закана и да ја осигури безбедноста на една милијарда жители

НАТО ќе испрати повеќе поморски патролни авиони, радарски системи и беспилотни летала во Црното Море, соопшти воената алијанса по серијата смртоносни напади со беспилотни летала врз бродови во регионот, кои, како што се чини, се поврзани со руската војна во Украина, пишува Ројтерс.
Оваа најава дојде откако главното тело за донесување одлуки на НАТО, Северноатлантскиот совет, разговараше за безбедноста во Црното Море во седиштето на Алијансата во Брисел.
„Покрај авионите, беспилотните летала и радарските системи, земјите членки на НАТО испратија или ќе испратат разузнавачки агенти и тимови за спроведување форензичка анализа на експлозиви“,
изјави полковникот од американската армија Мартин Л. О’Донел, воен портпарол на НАТО.
Како што пишува Ројтерс, НАТО не ја припиша неодамнешната серија напади на ниту една конкретна земја. Воените аналитичари велат дека нападите речиси сигурно ги извршила Русија, но Москва не ја призна одговорноста за нив.
Минатата недела, седум морнари беа пријавени за исчезнати откако беспилотни летала погодија два танкера за хемикалии во близина на романскиот брег на Црното Море предизвикувајќи пожари на нив и поттикнувајќи нова загриженост за безбедноста вдолж виталната поморска рута што ја користи Украина.
Во текот на изминатите 10 дена најмалку пет други товарни брода беа погодени во близина на бреговите на Романија и соседна Бугарија – земја-членка на НАТО – при што најмалку 23 морнари се водат како исчезнати или загинати.
„НАТО веќе го зајакна своето присуство вдолж источното крило, вклучително и преку капацитети за противдејство против беспилотни летала“,
напиша Алисон Харт, главниот портпарол на НАТО, во објава на платформата Икс.
Таа додава дека Алијансата ќе продолжи да биде обединета и да гарантира дека е подготвена и способна да се справи со секоја закана и да ја осигури безбедноста на една милијарда жители.
Today, NATO Ambassadors met in the North Atlantic Council to discuss security in the Black Sea. NATO has already strengthened our posture along the eastern flank, including with counter-drone capabilities. NATO will be sending additional assets to the region, including support for surveillance, reconnaissance, and forensics. We will continue to stand united and ensure that we are ready and able to address any threat and to keep our one billion people safe
— NATO Spokesperson (@NATOpress) October 20, 2026
Минатата недела, два танкера за хемикалии беа погодени од беспилотни летала во близина на романскиот брег на Црното Море. Двата брода биле закотвени во близина на каналот Сулина, кој ја поврзува реката Дунав со Црното Море и претставува извозна маршрута за Украина.
Во текот на изминатите две недели најмалку пет други товарни брода беа погодени во близина на бреговите на Романија и Бугарија, при што 23 морнари се пријавени како загинати или исчезнати. Повеќето од овие инциденти се случија надвор од територијалните води на НАТО.
Поради зголемената загриженост, Бугарија побара од НАТО да распореди борбени авиони и системи за противдејство против беспилотни летала на нејзина територија.
