Убеден сум дека не постои никаква противправност во моите дејствија и не чувствувам никаква одговорност, вели поранешниот политички функционер кој беше на чело на компанијата од крајот на 2020 до 2022 година

Законитоста и јавниот интерес отсекогаш биле основни начела на моето дејствување како претседател на Управниот одбор на Акционерското друштво (АД) во државна сопственост „Пошта на Северна Македонија“, вели поранешниот политички функционер Јани Макрадули кој беше на чело на компанијата од крајот на 2020 до 2022 година. Неговата реакција доаѓа откако денеска Финансиската полиција му поднесе кривична пријава поради основи на сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според Финансиска, тој се товари дека како директор на „Пошта“ не вратил долг од околу 19,3 милиони денари, односно околу 314 илјади евра, што државната компанија требало да им ги исплати на две фирми. Поради ова, против државната компанија биле поведени судски постапки и имало пресуди со кои на „Пошта“ ѝ било наложено да плати речиси 11 милиони денари, односно околу 178 илјади евра како казнена камата.
Макрадули во изјава за телевизија „Телма“ вели дека цитираните фактури за него биле затекната состојба за период пред да биде назначен на функцијата.
Смета дека во документацијата јасно се гледа неговата интенција за надминување на спорната ситуација, каде што евидентни се дивергентните ставови и погледи на различните сектори по однос на спорните фактури.
„За време на мојот мандат не сме успеале да најдеме консензуално решение на прашањето дали треба да платите фактури и да потпишете спогодба во состојба на отсуство на правен основ – во конкретниот случај договор за јавна набавка. Потенцирам дека цитираните фактури за мене беа затекната состојба за период пред моето назначување и јас сум работел во согласност со начелото на совесност и чесност. Од тие причини убеден сум дека не постои никаква противправност во моите дејствија и не чувствувам никаква одговорност“,
вели Макрадули.
Како што наведуваат од Финансиската полиција, делото за кое се сомничи, ексдиректорот го сторил во период од 2021 до 2022 година кога постапувајќи спротивно на Статутот на друштвото и Законот за трговските друштва, не презел дејствија за реализација на заклучоците на Управниот одбор на „Пошта“ за исплата на парични обврски кон двата правни субјекта во вкупен износ од 19 292 984 денари.
Од Финансиска велат дека и покрај тоа што на тогашниот директор му биле доставени потребните документи за исплата, тој не ја потпишал спогодбата за исплата на долгот, не ги потврдил фактурите и не ги потпишал налозите за плаќање.
Инаку, Јани Макрадули, покрај висок партиски функционер и директор на АД „Пошта“, вршеше и други јавни функции. Тој беше долгогодишен пратеник во Собранието, а во еден мандат и негов потпретседател, како и заменик-министер за животна средина и просторно планирање.
