Поради ова против државната компанија биле поведени судски постапки и имало пресуди со кои на „Пошта“ ѝ било наложено да плати речиси 11 милиони денари, односно околу 178 илјади евра како казнена камата
Управата за финансиска полиција до скопското Основно јавно обвинителство поднела кривична пријава против поранешен директор на Акционерското друштво (АД) во државна сопственост „Пошта на Северна Македонија“ поради основи на сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

Во соопштението на Финансиската полиција ексдиректорот кој се сомничени за делото од членот 353 од Кривичниот законик (КЗ) е наведен со иницијали – Ј.М., но повеќето медиуми веќе објавија дека станува збор за Јани Макрадули, поранешен функционер на сега опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ).
Според Финансиска, тој се товари дека како директор на „Пошта“ не вратил долг од околу 19,3 милиони денари, односно околу 314 илјади евра, што државната компанија требало да им ги исплати на две фирми. Поради ова против државната компанија биле поведени судски постапки и имало пресуди со кои на „Пошта“ ѝ било наложено да плати речиси 11 милиони денари, односно околу 178 илјади евра како казнена камата.
Делото за кое се сомничи, ексдиректорот го сторил во период од 2021 до 2022 година, кога, како што наведуваат од Финансиската полиција, постапувајќи спротивно на Статутот на друштвото и Законот за трговските друшта, не презел дејствија за реализација на заклучоците на Управниот одбор на „Пошта“ за исплата на парични обврски кон двата правни субјекта во вкупен износ од 19 292 984 денари.
Како што наведуваат од Финансиската полиција, и покрај тоа што на тогашниот директор му биле доставени потребните документи за исплата, тој не ја потпишал спогодбата за исплата на долгот, не ги потврдил фактурите и не ги потпишал налозите за плаќање.
„Со ваквото постапување овозможил против друштвото да бидат поведени судски постапки, по што со судски пресуди биле утврдени обврски за плаќање казнена камата. На овој начин, на АД ‘Пошта на Северна Македонија’ ѝ била предизвикана вкупна штета од 10 968 483,00 денари по основ на казнена камата“,
се вели во соопштението на Управата за финансиска полиција.
Инаку, Јани Макрадули, покрај висок партиски функционер и директор на АД „Пошта“, вршеше и други јавни функции. Тој беше долгогодишен пратеник во Собранието, а во еден мандат и негов потпретседател, како и заменик-министер за животна средина и просторно планирање.
