На прашањето дали е готов извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат инициран од Клиниката за неврологија во врска со случајот со Михаилова и со докторот Иван Барбов, кој ѝ препорача лекување во Бугарија, министерот рече дека побарал дополнување на извештајот со сите здравствени установи во кои била лекувана пациентката
Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека за време на средбата со својата бугарска колешка Катја Ивкова во Софија постигнале, како што рече, премолчена согласност дека прашањето со Ива Михаилова не е здравствено, туку од доменот на правдата. Тој ова го кажа прашан дали со министерката за здравство на Бугарија, со која се сретна вчера во Софија, разговарале за случајот со Михаилова.

„Во основа, постигнавме премолчена согласност дека прашањето на И.М. не е здравствено, туку прашање од доменот на правдата бидејќи лицето е бегалец од правдата барано со меѓународна потерница. Како што тоа прашање е на правдата, а не здравствено прашање – не го разговаравме“,
изјави Клековски одговарајќи на новинарски прашања по денешната промозија на 100 нови амбулантни возила.
- Клековски и неговата бугарска колешка Ивкова потпишаа план за соработка за периодот 2026-2028 година
На прашањето дали е готов извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) инициран од Клиниката за неврологија во врска со случајот со Михаилова и докторот Иван Барбов, кој ѝ препорача лекување во Бугарија, министерот рече дека побарал дополнување на извештајот со сите здравствени установи во кои била лекувана пациентката.
„Побарав дополнување на извештајот на ДСЗИ бидјеќи не е следена целата патека и здравствени постапки кои пациентката ги имала во здравствените установи во Македонија и дополнително побарав надзорот да се прошири и на една приватна здравствена установа каде што е третирана во меѓупериодот. Во оваа фаза веќе има констатирано прекршоци и побаран е стручен надзор за медицинскиот дел од извештајот“,
изјави Клековски.
Докторот на Клиниката за неврологија, Иван Барбов, кај кого се лекувала Михаилова, пред неколку дена рече дека не знаел оти против неа се води постапка за сообраќајка со смртни последици и дека препораката што ја дал да се лекува во Бугарија била поради тоа што таа имала бугарско државјанство и здравствено осигурување во земјата, како и поради тоа што најблиска држава чие здравство располага со методите на лекување што тој ги препорачал била Бугарија.
